За создавањето на македонското државно знаме

19.02.2015 13:30
За создавањето на македонското државно знаме

Скица за новото македонско знаме

 

На изборот на канадскиот весник „Province“ за најубаво државно знаме во светот, македонското знаме освои најголем број гласови на гласањето преку интернет. Во изборот беа вклучени знамиња на вклупно 64 држави, а второто место според бројот на гласови зад македонското кога имаше 13.190 го освои британското знаме со 858 гласа. Иако нема потреба од посебен коментар околу релевантноста и „тежината“ на разноразните интернет гласања, оваа вест во македонските медиуми беше пренесена помпезно и еуфорично.

На Окно се осврнуваме на темава за да фрлиме уште еднаш поинаква светлина врз приказната за создавањето на актуелното македонско државно знаме, кое до денес го следат контроверзи: во одредени македонски кругови кои сè уште не можат да се помират за менувањето на ѕвездата од Кутлеш и античкиот карактер на претходното знаме, опстојува погрдниот назив „вентилатор“ за македонското државно знаме. Други пак, иако им се допаѓа изгледот на знамето, не можат да се помират со моментот на принуда од Грција при неговото менување.

Како и да е, ништо не беше пречка за еуфоричното објавување на добрата вест за „најубавото знаме на целиот свет“. Наместо да ја подгреваме таквата еуфорија, потсетуваме на специфичните околности во кои се создаваше новото македонско знаме, а токму за тоа говори авторот на знамето Мирослав Грчев, во текстот „Во потрага по новото знаме“ објавен во списанието „Хералд“ (бр. 5, јули 2011).

„Во одредувањето на програмските рамки најтешко беше да се одбегне фрустрацијата од политичкиот притисок за смена на државното знаме и негативната програмска дефиниција на новиот дизајн: знамето да не наликува на претходното. Од друга страна, најважно за успешниот дизајн беше да се обезбедат програмски инваријанти, кои на новото знаме ќе му обезбедеа тематски, визуелно-симболички и идентитетски континуитет со претходните државни знамиња. Овие програмски одлуки ги сметавме за conditio sine qua non на потрагата по новото државно знаме:

1. Новото графичко решение мора да се темели на истите бои како и во претходните државни знамиња - крваво црвена основа со златно жолта апликација, и

2. Новото знаме мораше да го содржи графичкиот симбол на сонцето како единствена апликација.“, пишува Мирослав Грчев.

Шест од првите дванаесет предлози за знаме

Тој објаснува дека изработил дванаесет варијанти кои како основа и централен мотив го имале сонцето, од кои се издвоила онаа што е најблиска до денешното знаме.

„Од многуте варијанти кои ги разработував со професионална еквидистанца, најмногу ми прирасна за срце несомнено најоригиналното и најавангардното решение, кое го направив врз основа на идеја на мојот другар по туш и перо Лазо Плавевски. Тоа беше кружен сончев диск, чиј дијаметар е поголем од широчината на знамето, па дискот како да „излегува“ од знамето создавајќи динамичен впечаток на ширење на сонцето и претворање на знамето во формат со три полиња. Се разбира, и ова мое интимно милениче и сите други сонца отпаднаа по две последователни селекции, по кои останаа само сонца со континуирани радијални зраци кои се шират до границите на форматот. Мислам дека пресудно во изборот на сонцето со радијални зраци беше тоа што оваа стилизација имаше најголеми шанси за масовно прифаќање бидејќи истата графичка претстава на сонцето грее од нашиот државен грб уште од 1946 година.

Интересно е тоа што „најубавото знаме на светот“ е всушност усвоено со одредена фалинка, со интервенција која е направена без знаење на авторот.

„За судбината на дизајнот не се распрашував до октомвриската седница на Собранието на која се усвојуваше законот за државното знаме и грб, а дента по усвојувањето на новото државно знаме, ме пресретнаа две изненадувања: сознав дека државниот грб воопшто не дошол на дневен ред, а дека донесеното знаме не е урамнотежената финална верзија во „златна“ пропорција, туку првичното сирово решение во форматот 1 : 2. Згора на тоа, некој, очигледно во последен момент, ги одвоил зраците на сонцето од дискот и ги оставил пресечени несмасно да се шират како штици.“

Целиот текст можете да го прочитате овде.

Слични содржини

Графички Дизајн / Историја
Графички Дизајн / Значења
Графички Дизајн / Живот / Теорија
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност

ОкоБоли главаВицФото