Владејачката партија го менува името и изборниот модел

20.02.2015 21:33
Владејачката партија го менува името и изборниот модел

Скопје, 20 февруари 2015

Владејачката партија реши да го смени името на партијата, но и изборниот модел. Промената на името доаѓа оттаму што сегашното име е во среден род, па имплицира нешто мало, незрело. Новото име на партијата ќе биде ВМР-НИКОЛАЕ (ВеликоМаченикРеволуционер Николае) и ќе асоцира на големина од машки род, „тој голем, славен ВМР Николае“. Исто така, како што најавува и самиот наслов, од партијата информираат дека размислувале за предлог со кој ќе се измени изборниот модел, но од причина што во државата нема други партии со поинаква идеолошка определба, решиле измените да стапат веднаш.

„Сметаме дека не постои реална потреба да се изготвува предлог закон и да се губи време со парламентарни процедури, и онака е веќе познато дека тоа не води никаде. Впрочем, тоа се само дополнителни финансиски и технички ресурси.“ – изјавија од партиското раководство.

„Според новиот изборен модел, едно полнолетно лице нема да има право на еден глас. Машките полнолетни лица (оние со ВМР-ска идеологија), односно едно машко полнолетно лице ќе има право на милиони гласови, согласно бројот здрави ВМР-ски сперматозоиди. Останатите лица без ВМР-ска ориентација ќе бидат подложени на медицински зафат кој предвидува отстранување на тестисите и тие ќе имаат право само на половина глас. Изборните права на лицата од женскиот пол остануваат исти“. – објаснуваат од ВМР НИКОЛАЕ.

Но, за да се обезбеди долговечност, функционалност и ефикасност на овој модел, Владата реши да ангажира тим од кинески генетски научници кои пред секој изборен циклус ќе ја испитуваат психичката, телесната и политичко партиската состојба на здравите сперматозоиди. Доколку политичко партиската состојба на здравите сперматозоиди отстапува од ВМР-ските стандарди, тие ќе бидат подложни на третмани од алтернативната квантна медицина (која наскоро треба да стане и дел од јавното здравство) со цел враќање кон нормалната состојба.

Сите овие промени ја натерале ВМР НИКОЛАЕ и на размислување од планетарни и вселенски размери, но тоа се проекти кои ќе започнат да се применуваат по следниот изборен циклус.

„Се работи за нов проект наречен ’Шесто дете‘ според кој сите здрави ВМР-ски жени ќе мораат да родат шест деца и притоа ќе бидат ослободени од секакви обврски. За нив нема да важи задолжителното образование ниту ќе имаат какви било работни обврски. Откако ќе го родат шестото дете тие ќе добијат пензија, но третото и четвртото дете (со здрави ВМР-ски сперматозоиди) ќе бидат донирани во земјите од светот каде наталитетот е на многу ниско ниво. Тие ќе можат да ја изберат својата идна национална припадност, но не и партиско политичката, која генетски е предодредена како ВМР-ска.“ – велат од партијата. „Шестото дете (исто така, со здрави ВМР-ски сперматозоиди) ќе биде биде донирано во НАСА, од каде, по извршени соодветни прегледи ќе стане дел од тимот кој треба да ја насели планетата Марс. Веднаш по реализацијата на оваа активност, ќе бидеме принудени да формираме и ново Министерство за меѓупланетарна дијаспора каде исто така се предвидени илјадници нови вработувања.“ – дополнуваат од партиското раководство.

„Меѓу другото, сметаме дека ова е воедно и нашиот одговор-бомба на неодамнешната ’петарда‘ која ја објавија некои маргиналци“.

Да живее ВМР НИКОЛАЕ!!!

Слика: Свирачиња