Левијатан не се убива само со компромат

21.02.2015 16:04
Левијатан не се убива само со компромат

Има една трошка надеж, една сламка за која се фаќаме како давеници, додека филмот со својата монументалност, преку една социјална драма на татковинска љубов, на уништен брак, дом и семејство, на измама и блуд од најближните, нè носи длабоко во бездната.

Филмот завршува трагично. Но сепак, постои нешто што нè држи заковани за кино седиштата и со широко отворени очи, за најпосле самите во неверување и шок да се убедиме во нeизбежниот крај.

Таа сламка на спасот, таа чиста капка во темно-модрите морски арктички води, се нарекува компромат или компромитирачки материјал. Дали во форма на дебела папка со документи што адвокатот Димитриј му ја фрла под нос на архетипскиот лик на корумпираниот чиновник, или пак во форма на снимки направени од тајни прислушкувања, толку ревносно презентирани деновиве на јавноста од Зоран Заев, шефот на македонската опозиција, и не е толку важно.

Филмот на Андреј Звјагинцев ги фрла во сенка сите баналности за тоа дека уметноста го имитира животот, или она за социјално-политички ангажираното сликарството, фотографија или кино. Тоа е повеќе од обичен филм, чии слики остануваат врежани во мозок со денови. Левијатан е самиот живот.

За сите нас јужно или источно од Карпатите, Левијатанот на Звјагинцев, една грандиозна метафора за власта и моќта, преземена од Стариот завет и описите за морското чудовиште, е нескршливиот аморфен и сеприсутен облик на монструозната држава и нејзините носители кои животот на обичниот човек го прават неснослив.

Во една сцена, откако станува јасно дека очајниот и постојано пијан Коља губи сè – насилно е иселен од својот имот, од локалната власт најмените бандити ја убиваат жена му, и за тоа убиство го местат него – пред локалното гранапче тој го сретнува отец Василиј кој на прашањето „каде е вашиот Бог“, му вели:

Можеш ли со јадица да го уловиш Левијатан, и со јаже да му го заврзеш јазикот. Дали ќе моли за милост? Ќе разговара ли со тебе ласкаво? На земјата никој не му е рамен. Тој царствува над сите синови на гордоста.

Во денешна Русија не постои таков доказен материјал, не постои таков компромат со кој може да се улови Левијатан, и да му се врзе јазикот со јаже. Филмот тоа го покажува преку горката судбина на адвокатот Дима. И покрај презентираните доказни материјали против градоначалникот, наемниците го претепуваат, додека овој речиси му свирнува куршум во чело. Уморен од сè, Дима, кој на Коља му е другар од младоста, и кој после дебаклот на судскиот процес го погазува нивното пријателство со тоа што има секс со жена му, на прашањето „веруваш во Бога“ во два наврати наивно повторува: „Јас сум правник и верувам во факти.“

Во реалноста, постојат илјадници монтирани случаи каде цел на беззаконието на тајните служби се новинари, чесни претприемачи или истрајни борци за човекови права. На убиството на новинарката Ана Политковскаја претходело нејзино тајно следење и прислушување, додека опозицијата и нејзините лидери како Алексеј Навални или Борис Немцов, се под постојан 24/7 надзор на полицијата. Сите нивни акции, протести или кампањи се пресретнати со контра-акции и контра-протести на провладни групи или движења. Трибините што фондацијата Отворена Русија или Фондот за борба против корупција, организирани од Михаил Ходорковски и Навални, се постојано попречувани или со прекин на струја во зградата каде се одвива настанот, или со лажни повици за подметнати бомби.

Прислушувањето на противниците на власта овде е рутина.

Филмот на Звјагинцев разоткрива една морално-политичка апокалипса. Дека во некои земји како Русија фактите се толку обесценети што каков било доказен материјал или снимки од тајно прислушување се канцеларски отпад, хартии фрлени во ѓубре, гласови чие ехо се губи во длабочината на темниот тунел. Потоа, дејствието на филмот се раслојува и дава една застрашувачка слика за спрегата православна црква-држава, за пропаста на институциите брак и родителство, за блудот на најближниот, за децата и алкохолизмот. Комплекс на социјални болести од кои руското општество всушност страда со децении.

Во моментов клучното прашање е ова: Дали е предоцна за снимките и компроматите преку кои се откриваат сите гадости на режимот? Дали Левијатанот (ДПМНЕ) одамна ја научил лекцијата што владиката му ја одржува на корумпираниот и компромитиран мер?

Во текот на нивните заеднички средби и ручеци, каде вотката се запива со мрсно, архиерејот му вели: „Вадим, ти извршуваш Божје дело. Но врагот не спие, тој ровари... Секоја власт е дадена од Бога. Кој ја држи власта (моќта) тој ја поседува и силата... Решавај ги проблемите сам, на своја територија, и не барај заштита од друг. Што ако врагот помисли дека си слаб“?

Јас веќе пишував за загрижувачката сличност на техниките на владеење на ДПМНЕ и Никола Груевски со техниките на репресија и пропаганда на Кремљ. Пишував и за таканаречената „конзервативна интернационала“, што со разгорувањето на кризата во Украина е експортирана во Европа. Каде Кремљ го шири своето влијание како преку радикалните леви, така и преку крајно десните популистички сили.

Во својот трактат, Томас Хобс не случајно државната машина ја споредува со митското чудовиште, бидејќи и првото и последното ја уништуваат човечката природа и слобода.

Од Русија, преку Донбас, Крим, Словачка, Унгарија и Србија, Левијатанот на руската државна машина ги пуштил своите пипала и во Македонија. Го проширил своето царство над „синовите на гордоста“ во поблиското и во подалечно соседство.

Покрај националистичкото и милитаристичко лудило, други одлики на конзервативната интернационала на Кремљ се следните: Ефикасно замолчување на опозицијата, критичките гласила, портали, блогери и независните новинари. Користење на државните ресурси во лични и партиски цели, посебно за време на предизборна кампања. Залагање за лажни конзервативни вредности, хомофобија и барање петта колона. И најважното – патолошки страв од демократизација на општествените процеси и од идејата за наследност на власта.

Со последните случувања, се гледа дека дејствата на режимот еволуирале во една нова фаза. Груевски (мерот) е сјајен ученик и се држи до лекциите на владиката (Путин). Се создаваат контра-протести и контра-пленуми на славниот Студентски пленум, или се формираат национал-фашистички групи и антимајдан движења од типот на „Наши“ за спас на Македонија (Русија) од „мешетари кои делат сендвичи“ (Викторија Нуланд) и „финансираат пучеви“. Се бараат петтоколонаши и се посочува со прст кон „странски служби“.

Таканаречена менаџирана или псевдо-демократија е систем на владеење под уцена, притисок и сеопшт страв на тивкото мнозинство од пропаѓање во социјална беда. Целосна контрола врз мнозинството гласачи преку популизам и пропаганда, и цврст стисок на сите општествени процеси, од медиуми, невладини, до економија, до култура и образование. Скандалот со бескрајните прислушувања покажа зошто власта била секогаш чекор понапред од опозицијата.

Затоа македонската опозиција и прогресивното граѓанство треба да бидат подготвени на долготрајна борба до победа. Колку и да е раскринкан режимот, колку и да е до коска изглодан Левијатан, за нивен конечен колапс ќе бидат потребни нешто повеќе од обични снимки; и можеби ќе бидат потребни години... Доколку опозиционерите не се подготвени за вистинска жртва, за една молскавична мајданска револуција, во што засега се сомневам.

Во една сцена од филмот на Звјагинцев морето открива рѓосани кобилици на стари полупотонати бродови. Недалеку од нив, во топографијата на каменестата и сурова плажа брановите на Белото море го мијат заринканиот скелет на самиот Левијатан.

Трагедијата во филмот е повеќедимензионална. Секако, таа е и во судбината на Коља кој завршува во затвор, измамен од најблискиот другар и жена му, додека имотот оставен од неговите прадедовци е разграбан, а блескавиот и на почеток исполнет со светлина семеен дом, срамнет со земја. Еден вид задоцнета правдина на советските нехумани закони за непризнавање на приватна сопственост, нешто во што предците на Коља имале среќа и го уживале само избраните.

Но, главната трагика во метафората на кинематографот се состои во следното. Иако Левијатан е мртов со илјадници години, неговиот скелет, симбол на лагата, алчноста и коруптивната власт и црква, сè уште стои исправен и здрав.

Во една од последните сцени хипокризијата е во апогеј.

Владиката, кој претходно велеше дека оној што ја има власта ја поседува и силата, сега вели дека Господ не е во силата, туку во вистината, и држи морална проповед пред верниците (алудирајќи на скандалозната молитва на панк-бендот Pussy Riot), во храм изграден врз незаконски конфискуван приватен имот.

Левијатан, сепак, не е мртов.

На сликите: Сцени од филмот „Левијатан“ на Андреј Звјагинцев (освен третата слика)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото