Сотре

23.02.2015 05:57
Сотре

Ама треба да направиме и еден список, да ги сотреме!

Оваа реченица, кажана наводно од министерката Гордана Јанкуловска, во еден од оние телефонски разговори што ги обелодени лидерот на опозицијата Зоран Заев, а која се однесува на политичките неистомисленици што работат во јавната администрација и јавните служби, стана вистински симбол не само на една искривена концепција на власта и владеењето, не само знак на партизираноста на администрацијата, туку синдром и симптом на сериозно заболување на општеството, вистински белег на кутриот живот што го живееме во оваа несреќна земја.

Конечно, самиот факт што за „збор на неделата“ го прогласуваме „сотре“ во неделата кога се доделуваа Оскарите и кога беше Прочка, доволно говори за општествената патологија во и со која сме принудени да живееме. Тажно, јадно, бедно...

Во општата релативизација на актуелните злосторства на власта, некој ќе каже дека ни ова „не е ништо ново“, дека сме „сотирани и претходно“, дека во „недостиг на програма и платформа опозицијата вади трививијални разговори“, дека и „Заев јаде живи луѓе“ итн. А тоа не е ништо друго, туку токму потврда на сеопштата лоботомија, која, на крајот на краиштата, е основниот предуслов министерката Јанкуловска да прави списоци за сотирање.

Значи, она што не може да се прескокне не е ароганцијата на власта кон човечките судбини, не е несфаќањето дека некои можат да размислуваат и поинаку и дека тоа не е злосторство, туку индоленцијата со која владејачката елита ги „решава“ своите „проблеми“. Значи, во еден чиновнички манир, речиси по навика, без чувство на грижа на совест, но и без чувство на триумф. Поточно, без никакви чувства. Колку да се одработи работата.

Иако општо познат, свршениот глагол „сотре“ (несвршена форма: „сотира“) нема преголема употреба во македонскиот јазик, барем не во контекст на други луѓе. Неговата примена главно се сведува во жаргонот на таканаречените друштвени игри: шах, карти и слично („те сотрев“, „ме сотре“) или како своевидно жалење („се сотрев од работа“). Според Дигиталниот речник на македонскиот јазик, „сотре“ значи: (1) истреби, уништи; (2) запусти од често вршење на некое дејство, измачи, отепа, скапе и (3) (се сотре) се запусти, се измачи, се отепа, се скапе.


Според некои други речници, „сотре“, меѓу другото, се дефинира и како „нешто сосема да се уништи со триење или толчење“, но и некој да „се направи потиштен, беден, душевно да се скрши“.

Во македонскиот јазик глаголот „сотре“ доаѓа од протословенскиот „т(е)рти“ (плус предлогот „со-“), што секако нема никаква врска со дејствието на „понадарениот“ од вокабуларот на Сашо Мијалков што би требало да се смести во ќелија со Љубе Бошковски. „Трти“, имено, е старословенски глагол со значење на „трие“ или „силно трие“. Коренот е индоевропскиот „terh-“ со истото значење. Оттука и латинскиот „terere“ и грчкиот „teirein“ со истото значење. Истиот корен се наоѓа во зборовите со исто значење во речиси сите европски и повеќето словенски јазици (холандски „draaien“, германски „drehen“, дански „dreјe“, шведски „dreja“, шкотски „thraw“, руски „терет“, српски „трља“, македонски „трие“ итн.).

Во секој случај, глаголот „сотре“ во социолингвистичката свест на македонскиот зоон политикон дефинитивно добива ќе добие дополнителни значења што не смеат да се потценат и што мора да ги помниме. Барем додека не нè сотреле!

Слики: Свирачиња

Слични содржини

Значења
Значења
Општество
Значења
Значења
Значења
Значења

ОкоБоли главаВицФото