Автоимуна болест на општеството

23.02.2015 12:09
Автоимуна болест на општеството

Живо се сеќавам на атмосферата што владееше во годините кога Југославија залегна во својата смртна постела. Како никој да не беше свесен дека живее во агонија од којашто татковината нема да излезе жива. Сите бевме конфузни и некако палаво ведри, та дури весели, а вицовите секојдневно ја крстосуваа балканската велесила на умирање. Гледајќи ја нашава денешна мизерија, особено мртвиот ментален јазол што нè држи заглавени во состојба на слободен пад, се сетив на еден виц за Мујо од времето кога за првпат во социјалистичката земја се појавија чекови како платежно средство.

Чувствувајќи ја леснотијата со која може да купува и да троши само пишувајќи чекови, Мујо потрошил десетпати повеќе од својата плата и завршил во милициска станица. „Мујо, зелко ниедна“ – му вели милиционерот – „должен си грамадни пари!?“ А, Мујо изненаден: „Нее, шефе, никому не сум останал должен, тоа е прашање на чест!“ Тука пајканот му вади список: „Еве, си издал куп чекови без покритие, и сега си должен повеќе од 20 милиони...“ Шокиран, Мујо рипа: „Ама не е можно, друже шефе, јас сум поштен човек и еве веднаш ќе им платам на луѓето!“ – и радосно ја вади чековната книшка и демонстративно, пред очите на милиционерот, пишува чекче на 20 милиони!

Не може човек да не се насмее кога во виц или комедија актерот се обидува проблемот да го реши со истото средство кое е, всушност, основната причина за настанување на проблемот. Повторувањето на овој во својата суштина малоумен обид, како една од најстарите комичарски рецептури, на магичен начин ја зголемува комичноста на ситуацијата. Уште се сеќавам како таквата серија повторувања на Чаплин и Китон или на дуото Лорел и Харди, буквално ги тресеше киносалите, а татнежот на нозете по паркетот и крцкањето и чкрипењето на дрвените редови столчиња беа можеби и погласни од урнебесната смеа...

Денес, меѓутоа, како хуморот да го напуштил овој грд свет на глобалното идеолошко едноумие, зашто никој не му се изнасмеа на еврокомесарот Хан кога некни ни порача - нам и на светот - дека „во демократско општество дебатата се одвива во институциите“. Неверојатно е како оваа едноставна, но ефектна шега не предизвика смеа, иако еврокомесарот ја повтори по стоти пат – по неговиот претходник, амбасадорите на ЕУ, САД и кој сè не – и тоа водејќи грижа да не го менува сериозниот израз на лицето (што по рецептот на Бастер Китон уште повеќе ја зголемува смешноста на бурлеската). Всушност, изјавата дека во „демократско општество дебатата се одвива во институциите“ е совршено точна, но нејзината употреба за македонската политичка состојба е совршено апсурдна, дури безумно комична. Зашто во Македонија демократијата е во потполност укината, има веќе долги години, и тоа по пат на партизирање и окупирање на демократските институции и нивна субординација под еден единствен авторитарен центар на моќта. Поради тоа институциите на системот во Македонија се активните инструменти на авторитарната власт, тие се злокобни алатки за застрашување и прогон на граѓаните, за заштита и одржување на криминалната власт и за манипулација и кретенизација на населението. Обидот институционално да се реши македонската политичка криза е како настојувањето со чек без покритие, напишан на вкупната сума од претходните чекови без покритие, да се реши долгот што настанал заради пишување чекови без покритие. Смешно, апсурдно, бурлескно, трагично и до солзи идиотско настојување коешто, меѓутоа, како состојба на политичката свест и на меѓународната заедница и на мнозинството домашни жртви на режимот на Груевски, ни ја држи како со челична рака главата цврсто нурната во црната тиња на општествено-политичкиот безизлез.

Решението на проблемот е толку едноставно и логично, во секоја поединечна област на животот. Универзалниот рационален метод за решавање општествени проблеми се состои од барање институционална причина за настанување на проблемот и од нејзино неутрализирање, а доколку тоа не е можно, негативната појава симптоматски односно појавно се отстранува. Во груевистичка Македонија болеста на општеството се манифестира токму како болест на институциите на Републиката: тие постојат номинално, но наместо како сервис на граѓаните, тие се сервис на партиската врхушка на ДПМНЕ. Тоа е како општеството да заболело од смртоносна автоимуна болест. За неинформираните, суштината на автоимуните болести се состои во дисфункција на имуниот систем, при што наместо да го брани организмот од туѓи тела, тој ги напаѓа и ги уништува сопствените здрави ткива и органи. Во медицината сè уште не се познати причините за „полудувањето“ на имуниот систем на човекот, па единствениот третман на автоимуните болести е симптоматскиот, со кој се потиснува и ослабува имуниот систем, за да се намали штетата од неговото погрешно дејствување.

Зошто оваа очебијност што во сите поединечни аспекти на животот секому е јасна и саморазбирлива, во согледувањето на вкупната политичка состојба во библиската земја е толку несогледлива и мистификувана? Колку време од смртоносното слободно паѓање треба да помине, за ние да сфатиме дека проблемот на македонската укината демократија не може да се решава во институциите, зашто токму тие се инструментите со кои таа е укината. Токму од институциите на системот е исфрлена нивната уставно-правна содржина, токму со нив авторитарниот режим ги фалсификува изборите, и во нив ја дели мафијашката и антинародна „правда“.

Затоа борбата за демократија во Македонија мора да се води надвор и против институциите на системот, сè додека тие не се исчистат од својата изопачена недемократска содржина, и додека не се департизираат, дегруевизираат и дератизираат. Да, почитувањето на институционалниот поредок е суштина на секоја вистинска демократија, но во една авторитарна држава со злосторнички поредок, почитувањето на институциите е потчинување, легализмот е колаборација, а индиферентноста на тивкото живуркање не е ништо повеќе отколку кукавички комформизам или дарвински, животински опортунизам. Поради тоа, во искривоколчени општества какво што е нашето, и граѓанските должности се инверзни, па како што рекол Томас Пеин, инспираторот на американската револуција, првата должност на вистинските патриоти и на сите слободни граѓани е да ја бранат својата татковина од (институциите на) својата изопачена влада.

П.С. Во таа смисла, ослободувачката енергија на македонската студентска пролет не треба да се насочува кон институционалното преговарање за неуставниот Закон за високото образование, туку кон соборувањето на изопачените институции што го подготвија и го донесоа тој безумен и криминален акт.

Гифови и илустрации: Никола Радуловиќ
Извор: Слободен печат

 

ОкоБоли главаВицФото