Поматена визија ‒ Портрет

23.02.2015 22:27

а.
Гледам една жена ‒
ме гледа под сенката на голем летен шешир.

Зад жената гледам водено дрво,
ги гледам јазлите на неговото стебло.

Детски велосипед во движење,
водоскок во пад.

Гледам сè што минува без здив,
разрушениот споменик.

Мравката под нозе,
мравката што носи друга мртва мравка.

Гледам испружена рака,
и над таа рака сонце низ дрвја и

гледам отворена карта ‒
мојата светла победа.

б.
Гледам една жена,
мојата прамајка.

Гледам огромно бистро око,
некој одамна изумрен влекач.

Гледам големо триаголно едро што трепери на бранови,
едро на едрилица која тоне в море.

Построените царски гардисти ‒
ги гледам нивните скелети што пеат.

Гледам изорено камено брдо,
истото брдо го гледам срамнето во пожар.

Образите во кои навира крв,
месото што се отвора.

Во карневалскиот метеж
гледам врат на медуза.

в.
Гледам една жена ‒
жена што ми беше љубовница.

На разнишаните терезии
живо срце.

Пискавите повици на продавачот на весници
заминуваат зад уличниот агол.

Недофатливите нешта ‒
го гледам н-то лице на светот.

Филм со избледена боја,
забрзан воз што брка коњ.

Ангели од сите видови прибодени со игли за инсекти,
подигната чаша мартини.

Плоча што се врти,
а на плочата гледам едвај забележлива гребнатинка.

г.
Гледам една жена ‒
мојата жена.

Гледам солзи бавно што навираат,
гледам полупроѕирно исцедено млеко.

Гледам широк грб,
исечкана вата.

Тврдо созреан плод и
груб цртеж на незрел плод.

Гледам сè што сум проникнал,
се гледам себе без желба сето тоа да го видам одново.

Светнатиот долг ходник
бега како змија.

Под врел туш
усни гледам како нагло ми се приближуваат.

д.
Гледам една жена ‒
мојата ќерка.

Гледам папок во форма на прашалник,
залутани зраци фатени во влакненца на уво.

Зора што не може да се пробие
меѓу наборите на бела наметка.

Гледам крв како избива низ неа,
забавено опоравување.

Длабок сјај на прашина врз лицето на месечината,
пресушено езеро.

Широко чело испакнато кон небото,
љубов фрлена како камче.

Го гледам она што не е дозволено да се види
на загрижените, нежни лица.

ѓ.
Гледам една жена ‒
мојата мајка.

Зад стакло
небески сината чинија на небото.

Раширените ноти и
пламенот на свеќа што ги осветлува акордите и

скинатата бисерна огрлица и
мразулецот што виси врз водоводна цевка.

Гледам искамшикувано дете ‒
неизбришлива табла.

Низ безбројни стихови
надирачка морска вода.

Го гледам татка си како плаче и довикува во мракот,
се гледам себе како се раѓам.

е.
Гледам една жена ‒
себе.

Гледам лице надвиено над лице,
го гледам скриениот премин од месо.

Сликите напластени во длабочината на душата,
речиси целосната но никогаш довршена шега.

На стариот голем кревет
секогаш топлата вдлабнатинка од газ.

На патеката меѓу карпите
заборавена врела крпа.

Уште непрочитана книга,
гледам ничија кујна.

Во сенката на извалканото ќебе
гледам олтарска девица во транс.

Препев: П. В.

Таникава Шунтаро (Tanikhawa Shuntaro, 1931), поет, есеист, драмски писател. Го сметаат за симбол на јапонското отворање кон светот во поезијата. Неговата исклучително популарна поезија во Јапонија се толкува и како спротиставување на мистификациите на традиционалната јапонска песна. Неговите стихозбирки во Јапонија се печатат во десетици изданија.

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото