Македонските предавници

24.02.2015 03:40
Македонските предавници

Од авион се гледаат поплавите во Македонија, сјае водата која ги исполни правоаголниците плодна земја, барем имаше храна, дали ќе ја има, дали на лето патниците од Охрид до Скопје ќе запираат да натоварат вреќи домати и пиперки за зимница? Гледам „Дневник“ на телевизија, по плантажите цапкаат одгледувачите, во вода до колена, очајни се.

Тоа се првите вести, а потоа следат соопштенијата за „предавничкиот“ заговор на Зоран Заев и најголемата опозициона партија на социјалдемократите дека спроведуваат насилство над државните органи, го узурпираат уставниот поредок и демократските институции.

Опозицијата е исфрлена од Собранието во 2012, како и новинарите, и тоа со помош на полицијата. Така отстранета е во состојба да спроведе насилство над државата и да организира прислушување на државата олицетворена во партијата ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател и премиер на владата, Никола Груевски. Секако, опозицијата го прави тоа со помош на странски служби, не се кажува точно кои, но „странски служби“ е терминот кој најмногу се слуша, кој ечи од соопштенијата на врвот на државата. После фотографијата на Заев и другарите се појавува соопштението и во писмена форма додека спикерот чита, па од самиот тој вообичаен и уигран начин на соопштување на „врвната вистина“ може да се насети дека одбраната од сите кои ја загрозуваат државата и нејзините споменици ќе биде „бескомпромисна“ и жестока. И дека тоа ќе биде вистинска барокна претстава достојна за новоизградениот Народен театар, кој го засени некогашното модернистичко здание на Народниот театар од милсот наречен „скокалница“ поради косината на покривот, тангентален, како израз на склоноста кон апстракција и „дискутабилната“ форма на авангардистичките архитектонски решенија.

А што всушност се случи? Зоран Заев го обвини премиерот и лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски дека заедно со Сашо Мијалков и Горан Груевски прислушувал дваесетина илјади граѓани на Македонија, а меѓу нив ги следел и разговорите на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и потпретседателот на владата и министер за финансии Зоран Ставрески. Што убаво се гледа од објавените снимки.

Македонските социјалдемократи, во сенка на континуираните изборни порази, на партискиот конгрес на 2 јуни избраа нов претседател, Зоран Заев, потпретседател на партијата на чие чело беше Бранко Црвенковски, и сегашен градоначалник на Струмица. Негов приоритет, како што изјави на конгресот на партијата, е да ја победи ВМРО-ДПМНЕ и да избори власт за социјалдемократијата во Македонија.

Од тогаш се зборува дека Заев се заканува со „бомбите“. А „бомбите“ се всушност докази за прислушувањето на граѓаните на Македонија и содржината на тие прислушувања кои сведочат за односите во самата власт, корупциските приватизации, врските и незаконските дејствија, узурпациите и чиновите против интересите на граѓаните на Македонија.

Станува збор и за проектот Скопје 2014, во кој се вложени 580 милиони евра. Низ Скопје кружи анегдота дека скулпторските дела се најевтини, и затоа, меѓу другото, бројот на статуи е толкав што центарот на Скопје изгледа како шаховска табла по која некој расфрлал шаховски фигури.

Но луѓето не се пиони.

И на тоа укажа Заев, кој очигледно претставува нова политичка сила, која не е толку „урбана“ и граѓански фина, туку е во состојба да мобилизира пошироко и подлабоко, и на страна од средната класа, тоа што е од Струмица за едни може да биде мана, а за други значајна доблест.

Во Скопје каде пред некој ден температурата беше нула, граѓаните главно го исклучија парното греење таму каде што го имаше, таа придобивка на модернизмот (и инфраструктурата), поради превисоките сметки во современиот транзициски период (спој на национализам и грабеж). Како им е, не прашувајте. Насекаде, и во јавните простори, се вклучени „дувалки“, колку да се слуша дека нешто работи, и да се гледа. На кого тоа не му е доволно и на кого му студи, може да се грее од славното минато, но она подалечното, античкото (кое не би било до таа мера противречно на поблиското социјалистичко, ако има памет) и преку кое, како знак на новата стара автентичност, трупаат фризови и статуи. Сè еманципаторско што е изградено по земјотресот од 1963 и како знак на југословенската и светска солидарност се потиснува во втор план, и се уништува со вметнување на новокомпониран „барок“.

Па, кога ќе се погледне сето тоа, ред мермер и ред раскопани улици, статуи и луѓе на плоштадот и на улиците, станува јасно дека таа контра, тој расцеп, расфрлање и преуредување на вековите, или целата бласфемија во цврст материјал, може да се санира или надмине само со теорија на заговор, т.е. со внесување сожалување и страв меѓу граѓаните, т.е. со прогласување на секое опозициско и критичко мислење и дејствување за „предавство“.

Тоа е смислата на прислушувањето и следењето на граѓаните, да им се стави до знаење дека секој збор против владејачката политика може да биде опасен за нив. И подобро е да молчат и да се согласат, т.е. да бидат послушни. Инаку некој може да им тропне на врата и да ги приведе во име на државата. Воведување терор е името на тоа нешто над сите и над сешто.

Оној што го разобличува и именува тоа, дејствува против државата која сум јас.

Изгледа дека „предавниците“ се главен производ не само во Македонија. Тој производен циклус како замена за секој друг стварен, оној кој храни, облекува, грее, трае веќе многу долго, и растат генерации кои можат да помислат дека отсекогаш било така, за тоа служи барокот и теориите на заговор, да се затрупаат фактите и вредностите кои инспирираат на вистина и стварниот национален и културен идентитет, и да се молчи за тоа и да се прифати илузијата и фалсификатот; и додека водата поплавува, да не се прашува владата за границите.

Извор: Danas, 13.02.2015.
Слики: Darren Pearson

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото