1025 hPa
87 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 04:59
За нашиот народ Владата сервира порција здрава храна - нема маснотии, нема холестероли, само една сува корка леб и чаша дождовница. Цели 3.677 денари за еден граѓанин издвојува државата ако тој е неспособен за работа, но услов да ги добие тие пари, е никој друг да не му помага и да не му „фрли“ некој денар на сметка.
И овие пари ѝ се видоа на Владата многу, па смисли 1.001 начин како да го скрати буџетот за постојана помош, за социјална помош, за нега од друго лице, за додаток за слепо лице...
Се прават ревизии на сите видови помош, се смислија триста комисии, слепи и неподвижни луѓе се малтретираат да се носат од врата на врата. Владата во закон си вметна одредба за да може наназад да гледа што и како им доделила на граѓаните, одново и одново да се премислува за својата великодушност, да го вади сатарот и остро да сече. И тоа да сече таму каде што е најтенко. Повеќе од потресно е да се слушне дека млада девојка што во сообраќајка останала инвалид и собирала донации за количка, ја загубила помошта затоа што на сметката ѝ легнале пари, добротворни донации од граѓани.
Во оваа држава, власта е како злобен сосед. Само таа да има, а на соседот нека му умре козата. За патарините на пратениците не се ништо ни 20.000 евра, ама ако на некој социјалец му прокиснува покривот, тој не смее да побара ни помош од роднината од странство. Ако легнат повеќе од 1.000 евра на неговата сметка, отиде социјалната помош! Или можеби Владата така му прави услуга. Додека седи дома, во дождовницата да си го натопува парчето сув леб.
Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња