Крајот на митот за ВМРО

25.02.2015 12:54
Крајот на митот за ВМРО

Македонија слепо веруваше во ВМРО. За ВМРО се испеани епски песни, се раскажуваа убави приказни, се создаде голем мит дека ВМРО е непобедлива и ќе ја ослободи Македонија. За жал, ВМРО често се однесуваше недостојно и нехумано. Постојано му служеше на бугарскиот царски двор во махинациите за „ослободување на Македонија“. Симеон Радев, Македонец од Ресен и истакнат член на ВМРО, како министер за надворешни работи на Бугарија го потпиша Букурешкиот договор, со кој Македонија е распарчена на три дела. ВМРО има свои партиски судови, а нејзините атентатори ги извршувале пресудите, со што брутално се убивани истакнати инакумислечки членови на Организацијата. Беа заклани и цели локални раководства. Од тоа се згрози европската и светската јавност. ВМРО насилно одредуваше и собираше даноци и располагаше со тие пари, а во Пиринскиот дел направи „држава во држава“. Заради сето, во 1934 година со одлука на бугарската влада ВМРО беше забранета и ликвидирана.

Основањето на Демократската партија за македонско национално единство (ДПМНЕ) било договорено во странство. Деновиве премиерот го обвинува лидерот на опозицијата за соработка со странска разузнувачка служба. Тоа мора за премиерот да е иронија на судбината. При формалното основање на ДПМНЕ, таа се самопрогласи за наследник и продолжувач на „историската ВМРО“ и тој акроним го стави како префикс на името: ВМРО-ДПМНЕ. Така „воскресна“ ВМРО. Како владејачка партија државата ја претвори во партиска структура. Државните институции се заробени од партијата, укинат е принципот на поделба на законодавна, извршна и судска власт. Сè е партизирано. Република Македонија е уназадена во однос на моделот што го утврди АСНОМ. Иако во Уставот е дефинирана како демократија, фактички таа е автократија, на чело со врхушката и со партискиот лидер. Тие тоа безобразно го признаваат: изборната победа, иако фалсификувана, ја прогласуваат за нивна апсолутна придобивка. „Ни се сака, ни се може“!

ВМРО-ДПМНЕ бучно ја најави својата идејна матрица како партија на европската десница и на новиот конзервативизам, репрезентиран од Европската народна партија (ЕПП) „во која се сместени збирштина од шуто и рогато братство на источноевропска демагогија, криминал и автократска патологија“ (вдахновен цитат на еминентниот Арсим Зеколи). Впрочем и конзервативните партии ги зафати бранот што дува по Втората светска војна. Затоа и покрај убавата фразеологија во „Доктрина... на ВМРО-ДПМНЕ“, во нејзините политики, методи и практика е „воскресната“ некогашната ВМРО која се претвори во битие и константа на сегашната владејачка партија.

Осамостојувањето на државата влезе во 25-та година од кои ВМРО-ДПМНЕ владее 13 години, во два циклуса. Билансот е катастрофален. Во првиот избувна албанско-македонски оружен судир, кој заврши со Охридскиот рамковен договор. Во присуство на претставници од ЕУ и САД, договорот прв го потпиша премиерот и тогашен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, меѓутоа веднаш се откажа од потписот. Премрежјето заврши со Влада на широка коалиција. Слично решение и сега предлага опозицијата. Владејачката партија не може да се ослободи од нејзиното битие и поврзаност со „историската ВМРО“. Во вториот циклус, во изминатите 9 години продолжува ароганцијата. Граѓаните грозно се делат на „патриоти“ и „предавници“. Фрчат директиви од партискиот лидер за „конечна пресметка“ со вториве.

Кулминација на оваа пресметка беше насилното исфрлување на опозициските пратеници и новинарите од собраниската сала. За да го забошоти инцидентот, владејачката партија прогласи дека спречила пуч. Приказната за пучот се повторува и деновиве. Договорот за надминување на таа криза ја имаше истата среќа како и Охридскиот договор. Власта го потпиша и веднаш го откажа, нарекувајќи го „палома хартија“. Македонија ја претставуваат како земја на пучеви и „пиши-бриши“ демократски договори. Во билансот на ВМРО-ДПМНЕ е и антиквизацијата како и вмровизацијата. Пропагандната машинерија не може да ја избрише одговорноста на владејачите за последиците од големите поплави, тегобите на граѓаните од импровизацијата на здравствените власти, брзопотезното штанцање на закони по итна постапка...

Земено во целина, можеше Република Македонија да стане заедница на сложни и слободни луѓе и земја за пристојно живеење. Меѓутоа, ароганцијата на ВМРО-ДПМНЕ тоа не го дозволи. Штом стана владејачка партија прогласи дисконтинуитет. Се обидува да ја негира и минимизира Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија. Владата не направи обележје на жртвите од фашистичката окупација, туку направи Музеј на жртвите од комунизмот. Само од инает затоа што ВМРО го немаше никаде во народната епопеја. Можеби се работи и за некоја заостаната пресметка помеѓу некогашните „лево“ и „десно“ крило на ВМРО.

Кога споменативе и другите такви факти се гледаат како целина, може да се постави прашање дали политиките и дејствувањето на ВМРО-ДПМНЕ се злонамерни и дека се врши обид за смислено уништување на државата. Прашањето е кому тоа му годи владејачката партија да ја претвори државата во пачавра. Сето ова потврдува дека митот за ВМРО е истрошен и му доаѓа крајот. Веќе се врши и природна смена на генерации, настапуваат млади луѓе што сакаат и имаат право да ја градат својата сегашност и иднина на нови основи.

Извор: Глобус
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото