Црвен картон за Тодоров

25.02.15 14:08

„Црвен картон за министерот Тодоров“ гласеше слоганот со кој граѓаните вчера бараа оставка на одговорните за смртта на 9-годишната Тамара Димовска која почина чекајќи одлука на Фондот за здравство за извршување опрација во странство.

Околу илјада демонстранти го започнаа протестот од пред Фондот за здравство, марширајќи низ центарот на Скопје, а протестот заврши пред Министерството за здравство. Со црвени картони и транспаренти во рацете, луѓето викаа „убијци“, „монструми“ „нема да ви помине“, „оставка“ и „сите сме Тамара“.

Пред Министерството за здравство говор одржа Жаклина Димовска, мајката на починатата Тамара, која ги повика на одговорност министерот Тодоров и другите надлежни во случајот на Тамара.

Со минута молчење и звук на апарат што сигнализира дека срцето престанало да чука, со насолзени очи граѓаните испратија порака до Министерството за здравство.

Непосредно пред да почне протестот, Маја Парнаџиева Змејкова, директорка на Фондот за здравство, поднесе оставка, а подоцна во текот на денот тоа го направи и нејзиниот колега Џемали Мехази.

Пред да го завршат протестот, демонстрантите ја пееја омилената песна на Тамара.

Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото