За човечето кое седи во премиерскиот кабинет

26.02.2015 02:13
За човечето кое седи во премиерскиот кабинет

Што дознавме од говорот на Груевски?

1. Дека своите информации Груевски ги добива од рекла-казала, оговарање и кафеански муабети, наместо од службите кои се задолжени за тоа да го информираат како премиер.

Така, во период од неколку недели голем број луѓе нашироко прераскажуваа што се планира, па таквите информации допреа и до мене од поголем број страни, главно мои познаници, пријатели, сопартијци, поддржувачи и слично.

2. Груевски се јавил до јавниот обвинител дека се слушаат оговарања и овој веднаш издал наредба за спроведување посебни истражни мерки. Изгледа е вообичаено јавниот обвинител штом ќе му се јави Груевски дека слушнал некое оговарање од своите другарчиња и пријатели да спроведе вакви мерки во однос на тој што го оговара.

Јас постапив на начин што случајот уредно го пријавив во надлежните институции, по што обвинителството издаде наредба за т.н. ПИМ мерки, во кои влегуваше снимање на разговорот, а потоа и останатите разговори на средбите со ЗЗ.

3. Пратениците се плашат од министрите и Груевски е тука да ги заштити.

На пример, ми прераскажа еден разговор во кој мене ми се јави еден конкретен пратеник кој се пожали од односот на еден министер, по што јас телефонски контактирав со министерот прашувајки го зошто го навредил пратеникот, на што министерот негираше дека нивната дискусија била онаква како што мене ми ја престави пратеникот, за што посочи и сведоци од присутните на нивната дискусија именувајки ги сведоците присутни по име.

4. МВР имала информации за работа на странска служба, меѓутоа не му кажувала сè до сега на Груевски (кој морал сè да дознае од другарчиња). Меѓутоа сега сè му кажале.

Според досегашните сознанија кои ги добив од МВР зад снимањето стои странска разузнувачка служба чиј главен соработник во РМ е лицето З.В. кое развило своја агентурна мрежа во МК.

5. Груевски е во директна врска со јавниот обвинител и со судиите кои му поднесуваат редовни извештаи. Како поинаку би знале дека материјалот добиен од компјутерите на еден од обвинетите е дешифриран и подготвен за доказната постапка во суд?

За среќа сè ова е дешифрирано и обезбедено како доказ за на суд.

Информиран сум од МВР дека од нивната комуникација со обвинителството се цени дека за сето ова постојат цврсти докази, како материјални, така и сведочења, а за дел од нив ќе говорам и подоцна. Значи цврсти и непобитни докази.

6. Груевски е директно инволвиран и редовно известуван за секој податок добиен во текот на постапката. Која е таа независна истрага и кое е тоа независно судство кога премиерот се известува на дневна основа за сите докази, сведочења и признанија?

Според сведочењето и признанието пред истражните органи во правосудната постапка на двајца од притворените, лицето ЗВ врбувало две лица кои му помогнале во снимање на материјалите за што добиле паричен надомест.

И двајцата пред истражните органи изјавиле дека биле убедени дека тој материјал ќе заврши само кај странска разузнувачка служба и дека никогаш нема да биде објавен јавно, што им влевало надеж дека никогаш нема да бидат разоткриени. Кај двете лица во извршениот претрес и проверки најдени се материјални докази за истото и поголеми количини на пари и акции. Меѓу другото во претресот на лицето З.К. пронајдени се и ЦД-а со снимени телефонски разговори и тоа е пронајдено токму во неговата канцеларија.

7. Токму ваквата итно спроведена истрага во која активно учествува Груевски и која завршува со итно донесена пресуда (врз основа на признание) е најголем доказ дека во прислушувањата е вмешано Министерството за внатрешни работи и тоа со знаење на Груевски.

Со ова паднаа во вода и сите обвинувања на опозицијата дека ние стоиме зад прислушувањето за што всушност тие немаат ниту еден доказ.

8. Груевски ни соопшти дека изнесените материјали за прислушуваните разговори се потполно валидни бидејќи

…нивната анализа укажува дека оние кои го обавуваат снимањето со мобилната тактичка опрема се професионалци од висок калибар, високо обучени за такви дејствија.

9. Груевски ни соопшти дека МВР не успеала да ги лоцира сторителите, меѓутоа тие се уапсени.

Да сумирам дека, во изминатиот период Македонија била таргет на снимање на телефонски разговори на странска разузнувачка служба, потпомогната од нивни соработници од РМ.

МВР за ова има и писмен извештај за наодите кои произлегоа од нивната работа, но досега не успеа да ги лоцира сторителите, заради што, истрагата за ова сè уште е незавршена.

Директните извршители се уапсени.

Ние реагиравме соодветно и лицата кои го направија ова се фатени. Тоа е многу важно.

10. Груевски ни соопшти дека треба да бидеме благодарни што решил дел од своето богатство да го потроши на граѓаните. Според говорот на Груевски, не се градат болници, не се отвораат училишта, не се градат патишта од парите на граѓаните, туку ТИЕ (најверојатно мисли на ВМРО-ДПМНЕ) ни даваат (двојат од својата уста, вадат од сопствениот имот) само да бидеме среќни.

Ние сме истите тие кои ги зголемуваа платите и пензиите и социјалната помош, истите кои трчаат по светот по инвеститори и придонесуваат за отворање на нови работни места, кои прават програми за самовработување, кои градат патишта, болници, инвестираат во здравството, им помагаат на земјоделците, сакаат да поправат нешто во образованието, истите кои даваат бесплатни учебници, компјутери за секое дете, нови автобуси, булевари, водоводни и канализациони мрежи.

11. Груевски ни соопшти дека барем во едно сигурно се точни прикажаните снимки – во простотијата и примитивноста и дека примитивизмот е карактеристика на високите функционери во власта и доказ дека се обични луѓе.

Нервоза, пцовки, гнев, лични негативни чувства, презир кон некого, вербални реакции од кои подоцна сме се срамеле или за кои сме се покајале сите ние сме искажале на различен начин, но важно е тие да не се суштината на нашето однесување.

12. Груевски ни соопшти дека слободата на мислење и изразување и заштитата на приватноста и независноста на судството и некорумпираноста на власта не се дел од реалниот живот, не се наши реални потреби и интереси.

Мојата порака до работниците, земјоделците, пензионерите, студентите, бизнисмените, професорите, лекарите, до оние кои се невработени, до оние кои ги тиштат истите секојдневни проблеми и кои бараат решенија на тие проблеми, мојата порака до сите граѓани е, важен е реалниот живот, реалните проекти, реалните потреби на сите вас …

Што ни покажува овој говор?

Дека за бадијала се пенавиме и се обидуваме да објасниме во што е проблемот.

Ова кутро човече нема поим што е право, што е судство, што е Парламент, што е извршна власт.

Нема поим за што служат институциите, што е тоа демократско владеење.

Ова кутро човече нема поим што е држава.

Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk
Слики: Свирачиња