Ни-Ни критика

26.02.2015 16:40
Ни-Ни критика

Во еден од првите броеви на дневникот L'Express можевме да прочитаме (анонимна) изјава за критичките начела, која претставува извонредно парче на урамнотежена реторика. Идејата беше дека критиката не смее да биде „ни салонска игра, ни служење на градската управа“. Би требало да сфатиме дека таа не смее да биде ни реакционерна, ни комунистичка, ни самоволна, ни политичка.

Станува збор за механизам на двојно исклучување кој во голема мера зависи од бројчаната лудост со која повеќе пати сме се сретнале и која грубо ја опишав како малограѓанска црта. Методите ги проценувате на вага, ги распоредувате на секој тас според свое мислење, така што вие би можеле да изгледате како судија со совршен и со самото тоа праведен дух кој се извлекува од каква било проценка, како јазичето кое пресудува што натежнува.

Нужните одбитоци во тој сметководствен зафат се формираат преку моралноста на употребените термини. Според старата терористичка постапка (од тероризмот не може да се извлече кој како сака), судите веќе во мигот кога именувате, а зборот, оптоварен со претходната вина, сосема природно претежнува на еден од тасовите на вагата. Колку за пример, културата ќе им се спротивстави на идеологиите. Културата е благородно, универзално добро, независно од општествените определби: културата не тежи. Идеологиите, пак, ги измислиле оние кои заземаат страни: значи, вага! И според едната и според другата страна покажувате непристрасен став, под строгиот поглед на културата (и не помислувајќи дека и културата, на крајот на краиштата, е идеологија). Сè се одвива како од едната страна да постојат гломазни, тешки зборови (идеологија, катихизам, милитант), задолжени да ја поттикнуваат играта на мерење во која едната страна ќе настрада, а од другата, лесни, чисти, нематеријални, по божјото право благородни зборови, толку возвишени, што се измолкнуваат од срамниот закон на броевите (авантура, страст, величина, доблест, чест), зборови кои се над мачните пресметки какви што бараат лагите. Вториве зборови имаат задача да им одржат лекција на првите: од една страна злосторнички зборови, а од друга страна зборови кои делат правда. Секако, прекрасниот морал на Третиот Пат сигурно води до нова дихотомија, која поедноставува исто како и дихотомијата која сакавте да ја кудите токму во име на сложеноста. Навистина, нашиот свет е можеби поделен, но бидете сигурни дека за овој раскол нема Трибунал: нема спас ни за Судиите, тие се исто така сосема заплеткани.

Доволно е, впрочем, да се погледне кои други митови изникнуваат од таквата Ни-Ни критика, за да се сфати на која страна таа се сместува. Да не должиме за митот за безвременоста, кој се крие во секое повикување на вечната „култура“ („уметност за сите времиња“), во нашата Ни-Ни доктрина наоѓам две воиграни помагала на граѓанската митологија. Првото се состои од одреден поим за слободата, сфатен како „одбивање на априорниот суд“. Меѓутоа, книжевниот суд е секогаш одреден од тоналитетот кој му припаѓа, па и самото отсуство на систем - особено ако се воздигне до начелно уверување - е исход на совршено дефиниран систем, кој во овој случај е многу банален подвид на граѓанската идеологија (или културата, како што би рекол нашиот безимен автор). Може дури да се каже дека во човековата подреденост најмалку може да се сомневаме токму кога тој се залага за исконска слобода. Мирно можеме да се обложиме дека никогаш не можеме да се впуштиме во критика која е невина, недопрена од некој систем: и Ни-Ни критичарите исто така ги опфаќа некој систем, а тоа не е нужно системот на кој се повикуваат. Не можете да судите за Доброто, Злото, Општеството итн: какво наследство, судбинска зададеност, трага, се кријат во едноставниот збор авантура за кој нашите Ни-Ни критичари весело морализираат во спротивност со подлите системи кои „со ништо не можат да нè изненадат“! Секоја слобода на крајот воспоставува врска со нешто познато, што не е ништо друго освен одредено a priori. Исто така, слободата на критиката не лежи во одбивањето да се заземе страна (невозможно!), туку таа да се искаже или да не се искаже јавно.

Другиот граѓански симптом на нашиот текст е еуфоричното повикување на „стилот“ на писателот како на вечна вредност на Книжевноста. Меѓутоа, ништо не се извлекува од испитувањето на Историјата, дури ни убавото пишување. Стилот е совршено застарена критичка вредност, па повикувањето на „стилот“ во време кога неколку важни писатели ја нападнаа и таа последна тврдина на класичната митологија, веќе само по себе докажува одредена архаичност: не, да се враќате на „стилот“ не е авантура! Постапувајќи поразумно во еден од следните броиеви, L'Express објави оправдан протест на А. Роб Грие (A. Robbe-Grilet) против магиското повикување на Стендал („Како да го напишал Стендал“). Сојузот на стилот и хуманоста (на пример, Анатол Франс) можеби повеќе не може да ја заснова книжевноста. Треба дури да стравуваме дека „стилот“, бидејќи е компромитиран во толку лажно хумани дела, на крајот станал a priori сомнителен предмет: во секој случај, тој е вредност која може да се припише како заслуга на писателот единствено како долг во склоп на она што го наследил од другите. Тоа, секако, не значи дека Книжевноста може да постои надвор од одредена формална вештина. Меѓутоа, да не им биде криво на нашите Ни-Ни критичари, секогаш поддржувачи на дводелниот универзум во кој тие наводно се божествена трансценденција, спротивност на убавото пишување не е нужно лошото пишување: денес тоа можеби просто значи пишување. Книжевноста стана тешка, тесна, смртна состојба. Таа повеќе не ја брани својата украсеност, туку својата кожа: навистина се плашам дека новата Ни-Ни критика доцни цела сезона.

Извор: Roland Barthes, Mythologies, Éditions du Seuil, 1957
Слики: Mehdi Ghadyanloo

ОкоБоли главаВицФото