Исечени дрвјата на плоштадот Македонија

27.02.2015 02:03
Исечени дрвјата на плоштадот Македонија

Ги снема дрвјата од двата дрвореда на плоштадот Македонија во Скопје. Над металната ограда со која е заграден најголемиот дел од Плоштадот, поради изградба на подна фонтана, веќе не се гледаат крошните на јаворите, а оние што ќе успеат да ѕирнат зад тарабите, можат да видат дека сите дрвја се пресечени. Од Градот имаат кусо објаснување за сечата.

„Поради лошата вегетативна состојба на дрвјата, а врз основа на решение издадено од соодветен орган, дрвјата на Плоштадот се исечени“, велат од Градот.

Оттаму додаваат дека на нивно место, во најповолниот период за вегетација, ќе бидат засадени нови декоративни садници.

Подетално објаснување за причините за сечата нема ниту од ЈП „Паркови и зеленило“. Оттаму велат дека постапувале по налог на Градот.

„Дрвјата се исечени поради недоволен раст, во Градот Скопје си има шумарски инженери кои тоа го проценуваат, а ние само ги извршуваме нивните одлуки“, рече директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Душан Авировиќ.

Исечени се сите 32 јавора кои беа засадени пролетта 2004 година, кога привршуваше реконструкцијата на Плоштадот. Во периодот кога ги садеа, дрвјата имаа веќе оформена крошна и беа високи 7 до 8 метри. Тие беа засадени како замена за старите дрвја на Плоштадот, кои беа исечени бидејќи не се вклопуваа во неговиот нов изглед. Со првата масовна сеча на дрвјата на Плоштад, на крајот од 2003, беа исечени и од корен извадени сите дрвја. И со сегашната, втора масовна сеча, на Плоштадот не е останато ниту едно дрвце.

Извор: Вест

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото