Дамка што не се пере

27.02.2015 02:22
Дамка што не се пере

Мизерен и провиден како вода е обидот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, преку „соодветно“ читање на обдукцискиот наод, да го амнестира министерот за здравство, но и за други ресори, Никола Тодоров - Нино, од одговорноста за смртта на Тамара. Толкувањето, поточно спинот со кој вината се префрла од надлежните во здравството врз родителите е преседан за кој човек нема пристоен збор, туку секој што ќе ја прочита таа информација добива соодветен нагон - за повраќање.

Па, што е тука нејасно и кому уште треба да му се докажува што било: девојчето умре зашто наместо еден ден, за итната операцијата чекаше шест месеци. Тоа е факт што никој не може да го смени, макар и сто комисии да се формираат и исто толку обвинители да проверуваат.

Да потсетиме дека ова не му е прва дамка во кариерата на Нино, сакал да си признае или не. Ефектите од негово министерување во образованието се почувствуваа толку бргу, што дури и неговиот партиски шеф јавно призна дека дисперзирани студии произведуваат неквалитетни кадри. Во здравството проектите му се или „плукни-залепи“ или „префрли од шупливо во празно“. Доказ дека состојбите се повеќе од црни е и тоа што само во последниов период беа формирани четири комисии за да ги испитуваат сомнителните околности во кои умираа пациенти.

Затоа, време е наместо смртоносни одлуки Нино донесе и едно спасоносно решение, пред сè за пациентите: да замине од министерската фотелја. Сè уште тоа може да го направи доброволно.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња