Далеку сме од нормализација!

27.02.2015 03:28
Далеку сме од нормализација!

Ме мачи една суштинска работа во нашето општество. Комплетното отсуство на визија, на план и програма, на нови и поинакви дискурси од постоечкото, на ете, некои нови хоризонти.

Што знам, можеби малиот број општествени институции кои со години ги заменуваат државните институции во разобличување на режимот станаа презафатени, преокупирани со дневно-политичкото, наместо со политиката од долг здив. Ова не е критика кон никого, ова е само една генерична забелешка во време на хистерија и конфузија.

И сега кога митовите и реалноста на режимот се речиси целосно разобличени, кога таа нивна траорна реалност е отфрлена, гледаме дека немаме никаква поинаква политичко-општествена проекција, имаме само рани и лузни од долгата борба.

Не верувам дека од целава работа ќе воскреснеме како Афродити од морето, поубави и почисти, полегитимни и прочистени.

Моето чувство, ако може некако историски да се постави, е како допрва да ни треба Револуција, па потоа и Термидор, ни треба смртта на кралот, но и смртта на неговите вазали, на неговото општество, на општиот терор, на нивната реалност. Со други зборови, не верувам дека политиката е способна самата да се прочисти, затоа што кај нас, повеќе од трули јаболка и суви гранки, самите корени се заболени.

Од целава работа, државата и сите моментални актери ќе отидат курбан, но тоа не значи никакво оправање, никакво пресекување на папочната врска со груевизмот, никакво преиспитување. А, токму тоа ни треба, преиспитување, нова линфа.

Кој е најголемиот ризик за нас?! Дека шпилот ќе се премеша, газдите ќе се сменат, партиите ќе се преименуваат, но не и културата на нелегалност и нелегитимитет, на недоговорност и отсуство на визија за една вистинска демократска, правна и социјална држава.

И знаете што најмногу ме иритира? Дека контрапунктот на реалноста на Груевски е токму трулата реалност на Груевски. Не нешто независно и живо, туку добри работи кои одамна се мртви или заборавени, селективно одбрани и ладно сервирани. Крајното е дека сите ќе излеземе валкани, на еден или друг начин, и дека токму тоа, ќе му биде олеснителната околност на режимот.

Нè чека последниот акт на трагедијата, но веќе реков, не очекувам тоа да биде некаква си катарза, некакво прочистување. Сè уште не го гледам Хорот, судот на јавноста, кој е тука да ја запее катарзата.

Би сакал оние што можат, паралелно со разобличувањето, да се фатат и за обликување на нешто. Тука прстот е и на моето чело, и немам никаков проблем тоа да го признаам...

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Nosego