Претставуваме серија гифови од јапонскиот уметник Даисуке Нимура. Со извесна грубост и едноставност во изразот, како и со доза бизарен хумор, Нимура сепак успева да создаде прилично смпатични анимирани слики.
Денес при фрлањето на ѓубрето налетав на едно чиче што се моташе околу контејнерите за селектиран отпад. Прво помислив дека е еден од оние ликови што секојдневно ги среќаваме на овие позиции. Но, набргу сконтав дека, напротив, чичево ги собира отпадоците околу еко-контејнерите и ги враќа на своето место, во соодветниот контејнер.
Всушност, го правеше она што и јас многу пати сум помислил дека треба да се направи, минута работа, ама ете, никад не сум се „осмелил“ (а целата акција трае многу пократко од пишувањето на овој статус).
Ми се извини дека во еден момент ми го попречи патот до жолтиот контејнер. Носеше ќеса со стаклени шишиња што очигледно требаше на крајот да завршат во зелениот контејнер. Беше толку ревносен што дури ги собираше срчите околу контејнерот за стакло кои се потенцијална опасност за децата, животните, минувачите, точаците...
У брзање, а и малку шокиран, па и засрамен, од ситуацијата, не успеав ни да изреагирам ко шо треба, да гукнам барем збор-два, да го пофалам, да го охрабрам, било што. А ми го направи денот. Ми врати, барем за миг, трошка од комплетно потонатата надеж и верба во човештвото.
Размислувајќи подоцна за необичната случка заклучив дека сум имал исклучително ретка средба со раритетен примерок на хомо-сапиенс што пројавува интерес и грижа за јавниот простор.