Средството против загадување во Скопје се употребувало само на куково лето

27.02.2015 13:35
Средството против загадување во Скопје се употребувало само на куково лето

Скопје, 27 февруари 2015

Градот Скопје, иако купи средство за намалување на загадувањето на воздухот и иако опреми неколку возила за таа намена, сепак не го искористи оваа зима. Средството калциум магнезиум ацетат, кое се плати скапо со парите на граѓаните, наводно се користело само во услови на влажност помала од 80 проценти и на суви коловози, па затоа досега немало можност да се испроба. Односно, средството против загадувањето на воздухот ќе се употреби на куково лето. Вака вчера градоначалникот Коце Трајановски одговори на новинарското прашање што презема Градот Скопје во врска со загадувањето.

Со оглед на тоа дека загаденоста во Скопје во изминатите неколку месеци достигнуваше рекордни вредности и се јавува речиси секогаш во зимски услови кога има врнежи од снег и дожд, излегува дека ова средство практично не може да се употреби и да даде некакви, макар безначајни резултати. 

„Подготвени се неколку возила на ’Комунална хигиена’, а набавено е и средството кое се користи исклучиво по десет дена постојана загаденост. Сепак, за такво нешто се потребни специфични услови, поради што досега не е прскано. Се надевам дека ќе имаме шанса да го испробаме пред почетокот на куковото лето“, рече Трајановски.

Граѓаните не веруваат во неговите тврдења и сметаат дека ова е само уште еден случај кога нивните пари се трошат неразумно.

„Мислам дека градоначалникот лаже и дека воопшто не купил средство против загадување, туку дека ги потрошил парите за други работи“, изјави Вера Тодоровска, жителка на Ново Лисиче, каде што загадувањето е можеби најголемо и најзабележливо. „И веќе не сфаќам како не му е срам да нè лаже со месеци“, додава таа.

„Овој градоначалник докажа дека не може да му се верува. Ни ветуваше трамвај, повеќе зеленило, почист воздух и ред други работи, а видовме дека од тоа не добивме ништо“, вели Митко Трајановски од населбата Карпош.

Од Град Скопје на нашето прашање „Кога конечно ќе се употреби наводното средство против загадувањето на воздухот“, ни одговорија со кратко соопштение: „На куково лето“.

Слика: Свирачиња