Интерпол распиша потерница по Ѓорге Иванов

28.02.2015 13:23
Интерпол распиша потерница по Ѓорге Иванов

Скопје, 28 февруари 2015

Интерпол распиша меѓународна потерница по Ѓорге Иванов поради тоа што македонскиот претседател никаде го нема.

Меѓународните полициски власти наведоа дека се објавени црвени потерници на Интерпол по Иванов (55), кој откако пукна аферата со прислушуваните телефонски разговори на илјадници граѓани во Македонија, исчезна од јавната сцена како да пропаднал во земја. Од Интерпол се сомневаат дека претседателот на Република Македонија се пикнал во глувчешка дупка и стравуваат дека нема да сака да излезе сè до истекот на неговиот мандат.

„Денеска, неколку недели откако опозицијата со аргументи, со факти и со снимки ги разобличи и ги демаскираше авторитативните методи на владеење и корупциските и криминалните активности на владејачката гарнитура, организацијата на меѓународната полиција, позната како Интерпол, по барање на граѓаните на Република Македонија, донесе одлука да распише потерница по претседателот на Македонија поради тоа што не се појавува во јавноста да го даде своето мислење во врска со последните настани, во кои се прикажуваат сериозни пречекорувања на овластувањата и незаконски дејанија на лица кои учествуваат во македонската власт“, изјави поручникот Барам Најдам од седиштето на Интерпол во францускиот град Лион. Тој додава дека во меѓународната организација за борба против организираниот криминал се сомневаат оти македонскиот претседател се сокрил во глувчешка дупка и дека сега се обидуваат да откријат во која дупка поточно, оти во Скопје и неговата околина постојат илјадници, ако не и милиони глувчешки дупки. „Засега се проверуваат глувчешките дупки во околината на Водно, а ако се покаже дека тие се празни, ќе продолжиме со пребарување на дупките во општините Центар и Кисела Вода“, вели Барам Најдам.

Според претставникот на Интерпол, доколку македонскиот претседател не се пронајде во рок од една недела, во потрагата ќе се вклучат и други светски организации, меѓу кои ќе биде и невладината организација „Разумен компромис“, специјализирана за наоѓање изгубени претседатели на банана-држави.

Слика: Свирачиња