Разговори со студентите од архитектонските школи (4)

28.02.2015 15:05
Разговори со студентите од архитектонските школи (4)

4.

Низ архитектурата се оди; низ неа се минува. Таа во никој случај не е графичка илузија (како што некои сакаат да ја претстават) структурирана околу апстрактна средишна точка која, според нив, би бил човекот - нестварниот човек со очи на мува и видно поле од 360 степени. Таквиот човек просто не постои, но ова погрешно сфаќање од класицистичко време успеа да се прокриумчари во нашето и да ја одведе архитектурата во целосен ќорсокак. За разлика од ова нестварно битие, нашиот човек располага со две очи на предната страна на главата, поставена на висина од еден метар и шеесет сантиметри од земјата, и тој гледа пред себе. Тој биолошки факт сам по себе е доволен да ги обесмисли сите оние нацрти засновани на распоред околу некоја фиктивна оска.

Таков каков што е, со очи кои му овозможуваат да гледа пред себе, нашиот човек оди наоколу од место на место и се занимава со разни работи, движејќи се притоа внатре во низата од архитектонски целини. По сменувањето на различните амбиенти низ кои се движи, во него доаѓа до промена на расположението. Тој факт е толку неспорен што некоја архитектура се проценува за мртва или жива во зависност од степенот до кој се оглушила за начелото на подвижност или исправно го применила.

5.

Говорејќи за надворешните видови движења напоменавме дека тоа е судбоносно прашање кое одлучува за животот или смртта на архитектурата, за животот и смртта на чувствата. Меѓутоа, тоа прашање со уште повеќе основи се поставува кога станува збор за внатрешното движење (циркулација).

Живото суштество понекогаш поедноставено се нарекува „систем за варење“. Да се послужиме со истиот неформален речник и да ја наречеме архитектурата внатрешна циркулација. Таа не е тоа само во функционална смисла (знаеме дека со цел да излезат на крај со бројните проблеми во проектирањето на модерните згради, архитектите кои изработуваат нацрти на фабрики, административни и јавни згради се принудени да ги распоредат канцелариите по строго зададен редослед, најчесто во една низа долж ходникот), туку и од емотивни причини. Различни аспекти на делото - симфонија чија мелодија постојано нè следи - можат да се сфатат само постаплно, додека го премеруваме со своите чекори, одејќу ваму-таму, задржувајќи го погледот на површината на ѕидовите или пуштајќи го да ужива во отворените видици, наидувајќи очекувано или ненадејно на некоја врата зад која се кријат тајните на нови простори, минувајќи низ треперливата игра на светлината и сенките што ги создаваат сончевите зраци додека продираат низ прозорците или балконските капаци, одморајќи го погледот на оддалечените зданија или недопрениот пејзаж. Квалитетот на внатрешната циркулација ќе зборува за биолошката вредност на делото, зашто организацијата на некоја зграда е нераскинливо поврзана со нејзината основна намена.

Низ добрата архитектура се „шета“ или „минува“, како одвнатре, така и однадвор: таква е живата архиектура. Лошата архитектура е замрзната околу некоја фиксна, нестварна и неприродна точка која нема ништо заедничко со човечките закони.

Малата куќа од шеесетина квадратни метри на брегот на Женевското Езеро, вилата Савоја во Поаси (Savoye de Poissy), нашиот проект за Палатата на Лигата на народите, плановите за музејот на Токискиот кеј, како и за Палатата на Советите (за која во 1932 доставивме свое решение) - сите тие, толку различни дела, се одликуваа со беспрекорно применет систем за внатрешна циркулација. Па сепак, доследното залагање за овие битни правила не ни донесе ни углед ни уважување; нашата архитектура во Москва ја нарекуваа капиталистичка и малограѓанска, додека во Париз често ја етикетираа како болшевичка.

6.

Освен тоа, споменатата Палата на Советите бараше некои од најсмелите и најимагинативните решенија кои веќе имаа подлога во модерната технологија. Точно е дека резултатите од експериментите понеогаш можат да бидат непредвидливи, но кога нема никаков сомнеж во нивната ефикасност би било налудничаво и неодговорно да се откажете поради некои обѕири кон традиционалните форми на архитектурата.

Така, на пример, проектираната хала за четиринаесет илјади лица имаше просторно совршена форма и потсетуваше на два оклопа од полуотворена школка. Со секоја точка во амфитеатарот, па со тоа и со секој слушател, кореспондираше одредена точка на таванот од која би требало да се рефлектираат звучните бранови. Освен тоа, од секоја точка во амфитеатарот се овозможуваше непречен поглед, не само на бината, туку и на останатите точки во салата, со што беа отстранети сите бариери помеѓу бината и публиката. Од друга страна, важниот проблем на акустиката не зависеше од законот за гравитација; тој бараше решенија кои имаа повеќе допирни точки со биологијата отколку со статиката и отпорноста на материјалот. Бескорисно е да се следат трасираните патеки!

Големиот параболичен лак од армиран бетон, висок сто метри, поставен е над оркестарот и зацврстен со надворешни потпирачи закопани во земјата; на две третини од неговата височина се наоѓа огромна бетонска плоча закачена на два висечки носачи. Во таа плоча се зацврстени краевите на осум силни греди чиишто други креви се потпираат на истите осум столбови подигнати од другата страна на салата. Таванот требаше да виси во воздух, на огромен број носачи кои се спуштаат од осум големи траверзи. Би се состоел од две бетонски мембрани со дебелина од само неколку сантиметри, поставени на оддалеченост од два метри; така истовремено би служеле како резонантна кутија и како термичка изолација.

Резултатот е запрепастувачки: оваа сала, која по големината можеше да се мери со плоштадот Конкорд, би била лишена од сите волуминозни потпирачи; би лебдела во воздух, слична на Холоферновата глава која Јудита ја држела за косата!

7.

Ваквите смели потфати не можат да се вкалапат во провинцијалните шаблони. Технологијата, како резултат на пресметките и лабораториските истражувања, спаѓа во придобивките на целиот човечки род. Тоа добро се гледало во Средниот век, кога веста за откривањето на готскиот лак се проширила низ Европа, од запад кон исток и од север кон југ. Во наше време, технологијата на челик и армиран бетон има слични универзални својства; тие материјали им се на располагање на сите и никој не може да полага исклучиво право на нив. Сепак, при тестирањето на крајните граници на напрегање, би требало да се користат само сигурни, испробани и проверени материјали, по можност од синтетичко потекло и со постојани коефициенти на издржливост. Добри примери за такви материјали се портландскиот бетон и различните видови челик.

Во текот на изведувањето на работите ќе воочиме дека постапката на изградба не следи некоја воспоставена процедура; работниците кои прават ѕидови, лакови и подови се управуваат според локалните обичаи и користат материјали какви што се употребуваат во локалната дрводелска, столарска, цигларска и каменорезачка дејност. Тие материјали можат да бидат од природно потекло - како дрво, камен и шкрилец - но и фабрички производи кои традиционално се користат во одреден регион, како ќерамиди и цигли. Бидејќи се дел од секојдневното опкружување, нивниот познат изглед воспоставува врска со минатото. Некои од нив се користени веќе илјадници години, така што ги доживуваме како стари познаници. Тој усогласен однос со животното опкружување никако не треба да се губи од вид. На него почива чувството на сигурност и блискост - оној загадочен и драгоцен источник од кој извира целата архитектура.

Да наведеме еден пример: закривениот ѕид на Швајцарскиот павилјон во Универзитетскиот град (Cité Universitaire) во Париз. Ѕидарот, вешт во својот занает, го изградил од обичен „воденички камен“, користејќи притоа нови технолошки решенија од областа на арматурата: затоа тој е цврст и рационален, како нашиот скелет, но по многу нешта и понатаму возбудлив за окото.

Е, па, убаво - големите мајстори на Универзитетските квартови имаа забелешки за тој традиционален ѕид: впрочем, ни предложија да засадиме некаков бршлен „кој за неполни шест месеци ќе ја прекрие површината на тој гнасен ѕид“... Потоа наложија во неговото подножје да се засади висока грмушка, надевајќи се дека така ќе го скријат од погледот. Повикувајќи се на традицијата, нашите стари се обидуваа да нè скршат; но, оние младите, одушевени од успешното решение на традиционалниот ѕид, нè дочекуваа со овации...

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел

Извор: Entretien avec les étudiants des écoles d'architecture, 1957.
На сликите: Вила Савоја

ОкоБоли главаВицФото