Демократите и либералите на отстрел

28.02.2015 21:43
Демократите и либералите на отстрел

Освен како политичко, никако поинаку не би можело да се окарактеризира убиството на Борис Немцов, опозиционер и истраен критичар на режимот. И помалку важно е кој е непосредниот извршител, кога главниот виновник за неговата смрт е веќе познат. Тој седи во Кремљ и се вика Владимир Путин.

Со својата политика на национализам, ширење омраза против оние кои имаат поинакви ставови за војната во Украина и испуштање отров по државните телевизии, Путин не само што создаде услови за едно националистичко лудило, туку како трениран специјален агент на КГБ, тој исплете такви односи на моќ што во последно време во корумпираните безбедносни служби се инфилтрирани милитанти и шовинисти, кои на Кремљ најверојатно му бегаат од контрола.

Оваа ситуација е во најмала полза за самиот Путин, всушност, се верува дека убиството на Немцов е почеток на крајот на неговото владеење.

Русија е на работ од граѓанска војна и едно од сценаријата е власта да ја преземат поранешни или сегашни униформирани лица, команданти од боиштата во источна Украина. Како искусен политичар, истакнат демократ и голем ценител на праведноста, Немцов настапуваше против состојбите на милитаризација на земјата. Во својот последен настап за радиото Ехо на Москва, неколку часа пред да биде застрелан на Големиот камен мост, на чекор од Кремљ, Немцов посочи дека војната е причина за економскиот колапс на земјата.

Заедно со своите соборци, тој на 1 март требаше да предводи голем протестен марш наречен „антикризен“ - марш што ја најави руската пролет на опозициски собири и митинзи против налудничавата политика на Кремљ и требаше да се одржи на југот од Москва, наместо на Болотнаја или на Тверска, во центарот, како што беше побарано.

Но, насилната смрт на еден од најценетите опозициски лидери ги затекна во шок и неверување сите оние кои не ја споделуваат линијата на политиката на Кремљ. Руските социјални мрежи се преполни со резигнација, гнев и испраќаат сочувства до мајката и семејството на Немцов. „Со огромна тегоба ја примив информацијата за загинувањто на мојот соборец Борис Немцов. Во него завршиле четири куршуми, по еден за секое негово дете“, напиша Гари Каспаров.

Маршот е откажан, и наместо него опозиционерите одлучија да одржат собир и почесна колона во чест на големиот политичар. Организаторите најавуваат сличен настан како масовниот собир во Париз по повод терористичките напади во редакцијата на Чарли Ебдо.

Во деведесеттите Немцов беше познат како „златното момче“ во администрацијата на Борис Елцин. Тој му беше советник на првиот руски претстедател и еден од реформаторите во неколку тогашни влади. Се верува дека Немцов бил еден од потенцијалните претседателски наследници и Елцин неколкупати го нарекувал „Борис Втори“. Но највисоката позиција што тој неволно ја прими во деведесеттите е вицепремиер, а хазардниот избор за наследник падна на малку извесниот бивш КГБ агент.

Петнаесет години подоцна, Немцов веќе го нема, а специјалниот агент во Кремљ од релативно демократската и вибрантна Русија на Елцин направи земја отпадничка, отсечена од глобалната сцена, во војна и непријателства против соседите, и во застој и стагнација поради санкциите. „Техничкиот и интелектуалниот развој на земјата трпи поради налудничавите политики на Путин“, рече Немцов во разговорот на Ехо на Москва.

Некои велат дека Путин гледал со завист во спонтаноста, непоколебливоста и енергијата на 55-годишниот младолик Немцов: возраст доволно зрела за еден силен претседателски кандидат на опозицијата. Иако Кремљ, како и во некои други случаи кога беа ликвидирани противници на власта, и за Немцов изјави дека неговата смрт нема да нанесе политичка штета бидејќи „рејтингот на Путин бил највисок досега, а оној на Немцов не го надминувал ниту на обичниот граѓанин.“ Хипокризијата е надополнета со тоа дека оваа смрт не била ништо друго туку „провокација за разнишување на политичките состојби во земјата“.

Како нарачатели на убиството се споменуваат и „исламски терористи“ и „украински фашисти“. Се најавува дека некаде помеѓу ќе биде посочено и кон „западни наемници“ и кон соучество на американскиот претседател Барак Обама. А некои застапуваат верзии дека тоа бил некој „љубоморен маж“, со оглед на бонвиванскиот стил на живот на Немцов.

Едно е сигурно, со своите најгласни критичари Кремљ отсекогаш се пресметувал подмолно, ефикасно и во најпригодниот момент. Новинарката Ана Политковскаја беше ликвидирана на 7 октомври 2006, како роденденски подарок за Путин. Немцов е убиен ден пред големите опозициски протести. Останатите противници биле исто така ефикасно отстранувани. Сетете се на Александар Литвиненко и неговото труење со радиоактивен полониум. Или на бруталното претепување на новинарот Михаил Бекетов во 2008, кој потоа остана парализиран и почина во 2013.

Либералите, демократите, реформаторите и борците за пазарна економија и фер избори како Галина Старовојтова или Сергеј Јушенков овде отсекогаш биле на отстрел.

Раката на наемниците и тајните служби е долга. Почивај во мир, имењаку. Нека твојата смрт биде почеток на крајот на овој валкан режим.

ОкоБоли главаВицФото