Узортиран јаван сервис

02.03.2015 00:29
Узортиран јаван сервис

Ова А наместо Е во насловот не е грешка. Ние немаме јавен сервис, мислам на МРТ, туку имаме јаван сервис. Кој го јава веќе и не мора да се кажува и докажува зашто самиот покажува и не се срами од тоа. Не го боли што го јаваат, го боли тоа што тие што плаќаат покажуваат незадоволство. Замисли, некакви граѓани собрани во „Ајде!“ се дрзнаа да кажат дека МРТ е партиски, а не јавен сервис! Се дрзнаа да го направат тоа пред „тврдината на лагите“, зад која се криеја борни коли и водени топови подготвени да згазат 150 дрзници. Не можев да не се сетам дека во 2006 година обезбедувањето на „тврдината“ ме запре на влезот и не ми дозволи да влезам во зградата. А што барав таму? Одев на седница на Советот на МРТ, избран од Собранието на РМ, а предложен од Факултетот за драмски уметности. Некој директор беше издал наредба на член на Советот да не му биде дозволено да учествува на седницата и да го каже своето мислење за планираниот „документарен“ филм за брат Љубе.

И, види иронија! Не помина многу и тие кои тогаш го славеа братот и херојот Љубе, го исплукаа и понижија. А јас, кој тогаш имав критички став за Љубе Бошковски и не му бев брат, потоа ги бранев неговите погазени права и достоинство.

Гледам дека со лаги и местенки се обидуваат да ја поништат или барем да ја минимизираат критичката острица од говорот на Зоран Бојаровски. И така потврдуваат дека неговите зборови ја изговорија вистината.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Свирачиња