Цепки

02.03.2015 01:20
Цепки

Во студентската автономна зона на УКИМ, на видно место беше истакнат еден транспарент на кој пишуваше „Не сакам да живем во 1984“. Се плашам дека нашите драги студенти ги имаат преценето носителите на законот со вербата дека некој од нив ја има прочитано вонвременската книга на Џорџ Орвел – „1984“. Сосема накратко да објасниме. Напишана е 1948 година. Како што може да се забележи, авторот ги ротирал последните две цифри за да зборува за некое идно време, во кое владее тоталитатиразам, во кој за сите размислува и чувствува Големиот брат, каде не постои Јас туку само Ние. Своевремено, Орвел правел алузија на сталинистичкиот режим во СССР. За жал, неговите предвидувања досегаат и 30 години подлабоко во иднината за која пишувал. За поавтентично поимање на идејата, препорачувам да се прочита книгата. Или, да се погледнат вестите на провладините медиуми, како дополнителна литература.

Истиот тој Орвел, за тој и таков (или ваков) режим ќе каже „Секоја шега е една мала револуција“. Способноста да се проѕрат, да се исмеат, да се изиронизираат актуелните збиднувања, во овие моменти, значи освојување на индивидуалната слобода. А како поинаку да се освои големата Слобода? Хуморот е отров за кој не постои антиотров. Секако, тоа не се евтините смешки невешто прочитани од крупно печатени ливчиња. Хуморот не може да се игнорира, а боли. Хуморот е најреалното огледало на секоја грда политика.

За добро или за лошо, апологетите на Големите братучеди секојдневно ни даваат валидни причини за смеа. Просто не можам да разберам како и самите не прскаат од смеење насред чудните образложенија кои треба да нè убедат дека сето ова е резултат на креирани докази од странски служби кои претендираат да ја разнебитат Македонија. Царот, во паника да ја припокрие сопствената голотија, дава нелогични па и контрадикторни изјави кои плачат да бидат исфилмувани во добра комедија.

Знам дека содржините кои ги слушаме се крајно сериозни и дека може да побудат гнев, гнасење, револт, па и омраза. И тоа е разбирливо. Меѓутоа, многу ме радува што после секое страшно соочување со сведоштвата и доказите од опозицијата, барем на мојот ФБ ѕид, преовладуваат брилијантни духовити досетки и коментари. Што значи тоа? Се потврдува правилото дека овој народ не сака никој да го прави будала. Овој народ е доволно интелигентен, доволно широкоград, доволно мудар за да го направи правилниот избор помеѓу смеењето и плачењето.

Затоа, им порачувам на оние неколкумина на кои им гори под нозете: Престанете да го браните неодбранливото. Престанете да нè напаѓате со докази за вашата безгрешност. Нема потреба. Ние сме веќе паднати на земја. Од смеење.

Ниедна влада на светот не може да владее со народ кој ѝ се смее в лице.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото