1027 hPa
75 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 07:59
Паниката, паранојата, дека се разнебитува државата, нацијата, такви тенденции кои се шират од одредени структури, мислам дека треба да се изолираат, максимално. Сега е време кога таквата помисла треба да се стави во карантин. Паника емитуваат луѓе кои не гледаат (или не сакаат да гледаат) јасно (мижат па не разликуваат добро од зло) или кои се премногу исплашени или малодушните.
Нема сега да зборуваме за тоа како тие идеи се инфилтрираат во народот преку пропагандата и колку е големо тоа злосторство.
Во интелектуалната фела во Македонија постои поделба на тие кои нештата ги гледаат јасно, развиле способност за разлaчување и тие, кои, за жал, не гледаат јасно, односно, тие кои веруваат дека некои надворешни непријателски сили (фактички несвесните сили внатре во нив самите кои не ги освестиле и не ги преобразиле, и ги проектираат надвор од себе), постојано ја демнат нашата земја, бидејќи ние сме папокот на светот и сите светски сили, како и соседните држави, се опседнати со ова парче од Балканот, постојано нè шпионираат и коваат заговор да се сотре. Овие, надворешните непријатели, пак, соработуваат со внатрешните – предавниците.
И на децата од пет години им е јасно дека оваа приказна, да не беше жалосно-трагична, ќе беше многу комична.
Добро, има уште една категорија во оваа интелектуална фела: „незаинтересираните“, или тие кои не сакаат да се „занимаваат со политика“ и не се мешаат во „политика“. Тоа се „свилените“ кои не се спуштат „на земја“, на улица, да се соочат со стварноста, да се соочат пред сè со себеси, категоријата на луѓе на кои нештата им се донекаде јасни, но не до крај, што создава услови за слободно дејствување на хаосот во нивните глави и души.
Значи, тие на кои им е јасно, тие кои развиле способност за разлучување на доброто од злото (мораме така да ги поедноставиме, да ги упростиме работите) ги преземаат нештата во свои раце. Тие мудро повлекуваат потези, и, како што вели поговорката „попаметниот попушта“, гледаат како се одвиваат нештата десет чекори однапред. Лукавоста, лицемерието и расипаноста се суштината на оваа власт и сржта на нивната стратегија – прислушувањето, одвратно средство како да ги предвидат нашите постапки десет чекори однапред. Но, веќе се случи пресвртот: ако претходното движење беше во негативна насока, сега е дијаметрално различно, во позитивна насока. (Бидејќи средствата со кои се служеле за свои цели се свртеа против нив.)
Паралелно, непосредната демократија се развива, а улицата сè повеќе станува место каде што луѓето се обединуваат за „обични“ а сепак возвишени нешта како мирот, слободата, правдата и нормалноста. Тие човечки вредности ги обединуваат луѓето сега. Нормалноста значи дека е нормално да бидат задоволени основните егзистенцијални потреби и животот да се живее радосно, а не е нормалност луѓето да бидат поданици, робови, опортунисти, полтрони, клиентелисти, постојано потонати во разни мрачни расположенија и депресии.
Тие „обични“ луѓе треба да извршат притисок на судството, на неслободните медиуми да се вратат во нормала, бидејќи и во тие институции се „обични“ односно нормални луѓе кои се заробени од власта преку институциите или од институциите преку власта, сеедно, и кои заради една или друга причина не се осмелуваат да демонстрираат. РОПСКИОТ МЕНТАЛИТЕТ, НАЈСИЛНИОТ АДУТ НА ОВАА ВЛАСТ, ДА СЕ СКРШИ.
Да се обидеме ова сега што се случува во Македонија да не го доживуваме како бескрајна агонија туку како момент, до душа момент кој трае, во кој се случува пресвртот, дали „одвнатре“ или однадвор под притисок на меѓународниот фактор, или во комбинација на двете, веројато ова третото.
Присебност и предвидување на настаните десет чекори однапред, спремност и одлучност да се соочиме со сите предизвици, разум и многу памет.
Имаме потенцијал да ја издржиме оваа тотална криза и да ја истераме битката за слобода како што треба, до крај, затоа што веќе ни се случи квалитативна промена на свеста и таа нè крепи од позадината, или попрецизно, одвнатре, во сите наши акции.
Тоа е добрата вест.
А криминалот кој ни е изложен до сега е сосема доволен сите ние уште веднаш да бараме оставка од оваа влада, за потоа сите тие по ред да си одговараат пред законот, пред Повисоката Инстанца.
Светлина, Вистина и Правда се (по)кажа на провизорниот форум пред МРТ во саботата. ШИРОКА ПЛАТФОРМА.