Ректоре, не биди тужибаба, срамота е!

04.03.2015 15:37
Ректоре, не биди тужибаба, срамота е!

Па добро, мајку му стара, како е можно некој човек да биде ректор на универзитет, а да не разбира што е тоа сатира?! Кое е тоа школо што треба да го заврши човек за да стане ректор, а кое нема да му го приопшти основното сознание дека сатирата е литературен жанр во кој киритички се исмејуваат поединец, група, држава или власт? Можно ли е Велимир Стојковски никогаш за ова да не чул?

Паравестите (измислените вести) на порталот Окно, што го уредува Никола Гелевски, се еден облик на жестока сатира, кој е сè попопуларен во последно време. Такви се и паравестите на Козаностра, но и на други популарни сајтови. Ректорот Стојковски е првиот човек што има намера да тужи за објавена паравест. Досега тоа никому тоа не му паднало на ум.

Знаете ли зошто? Затоа што интелектуалец којшто држи до себе, умее да поднесе и критика, и потсмев, и неумерена критика, а понекогаш дури и навреда на негова сметка. Да, тој може да возврати, но само по принципот „со книга на книга“. А не да тужи или да посегнува по други, нелегитимни средства на одбрана – тоа се смета за знак на сериозна слабост и отсуство на интегритет.

Го повикувам ректорот, за негово добро, веднаш да се откаже од намерата да тужи и за тоа брзо да ја извести јавноста. Во спротивно, јас му ветувам дека во текот на процесот, кој ќе трае неколку месеци откако ќе ја поднесе тужбата и кој сигурно ќе го изгуби, ние, критички настроените медиуми, ќе го „убиеме“ со секојдневно објавување сатирични текстови и паравести на негова сметка.

Го молам Стојковски ова да го сфати како сериозна, но пријателска опомена. Бидејќи, ректорот на нашиот најголем универзитет мора да научи што е сатира. Вака или онака.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња