1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пет, 06.12.2024 13:59
Либералната партија побара и Македонската академија на науките и уметностите да се придружи кон барањата за итна оставка на премиерот Никола Груевски. Истовремено, партијата смета дека ставот што го изнесе претседателот на МАНУ Владо Камбовски - Јавното обвинителството во чии раце е истрагата да ги обезбеди сите факти и да го расветли случајот - е оддалечување од темата.
За жал, ставот што го изнесоа либералите личи на прилично големо промашување на темата. Имено, со таквиот став академик Камбовски навреме, дневнополитички и многу ефикасно ги сосече во корен надежите на тие кои, од некоја само ним позната причина, веруваа дека сè уште, и покрај сè, има институции - мислејќи токму на неа! - кои може да ѝ помогнат на државата да најде што побезболен излез од најголемата криза во нејзината историја. На претседателот не му е битно оддалечувањето од темата (што значи таа од аспект на вечноста?), туку неговото приближување до власта, ако треба и преку обвинителот Марко Зврлевски.
Во овој скандал сите факти за пропаста на МАНУ се обезбедени и случајот е целосно расветлен. Кога е во прашање Никола Груевски, академиците единствено што може да направат е старечки мудро да се наредат во колона еден по еден и понизно, посветено да чекаат да им се потпише на неговиот магистерски труд. Не е исклучено посветата некој да ја искористи како епитаф.
Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња