Потрага по идентитет во услови на неолиберализам (Разговор со Пол Ферхеге, 2)

05.03.2015 17:35
Потрага по идентитет во услови на неолиберализам (Разговор со Пол Ферхеге, 2)

Како реагира единката кон ваквото растечко губење на идентитетот?

Кога симболичкото дефинирање на субјектот почнува забрзано да исчезнува (заради исчезнување на самите групите кои служат како основа за субјективизација на единката), тогаш потенцијалниот субјект започнува очајна потрага по големиот Друг кој е подготвен да му даде убедлива приказна за неговиот или нејзиниот живот.

Потрагата по групи кои ќе нè снабдат со нов идентитет е речиси сеприсутна појава денес. Исчезнувањето на цели нации заедно со нивниот идентитет, во безличната Европа, предизвикува растечки бран на регионализација. Последново, во комбинација со фудбалското хулиганство, е блага верзија на поекстремните движења кои стануваат сурови и безмилосни во моментот кога застануваат на браникот на нацијата и историјата. Колку е нечиј идентитет попразен, толку е поголема потребата да се биде дел од строго дефинирана група. Како последица на тоа, секакви форми на религиозен фундаментализам стануваат особено привлечни. Штом некој ќе биде прифатен во таква група, веднаш исчезнуваат сите негови или нејзини сомнежи. На субјектот му се дава до знаење кој е, каде се наоѓа авторитетот, како треба да постапува со своето тело и со телото на другиот, која е заедничката цел и како да се придонесе за реализирање на целта. Конечно... единката доаѓа до безбедност и сигурност преку возобновување на патријархалниот авторитет.

Меѓутоа, ако изборот да се биде дел од фундаменталистичка група е неможен или непожелен, тогаш карактерот во потрага по автор (т.е. субјектот во потрага по Другиот) нема друг избор освен да се обрати кон сопственото тело – кон телото како гол темел на идентитетот. Кога процесот на формирање на субјектот е ограничен на неговиот телесен супстрат, тоа задолжително подразбира навраќање кон најелементарната форма на контакт - сексот и сексуалната привлечност. На овој начин идентитетот е редуциран на нивото на сексуален идентитет. За жал, тоа не е доволно за да одржи стабилно чувство на идентитет, томку зашто не е поткрепено со симболичко дефинирање.

Чувството дека не сме доволно мажествени, или сме недоволно женствени добива драматични размери. Последново, на еден извитоперен начин, противречи на илузијата дека извесноста во однос на овие дилеми може да се најде во сопствената гола реалност. Секако, нема сомнеж дека некој може да биде маж или жена, во биолошка смисла. Но денес прашањето е „дали сум доволно мажествен“, „дали сум доволно женствена“? За да најдеме доволно сигурен одоговр на овие дилеми, ние се обраќаме кон стабилните групи од нашата култура, и кон нивните дефиниции за женственост и мажественост. Но во услови кога овие групи ја губат својата стабилност, и нивните дефиниции веќе немаат авторитет, тогаш единственото нешто што останува се неизвесноста и несигурноста во врска со овие дилеми.


Освен опис на преобразбата на постмодерниот идентитет, вашата книга исто така дава силна критика на идеологијата на неолиберализмот. Ќе може да споделите неколку појдовни точки на оваа критика?

За мене, најважната појдовна точка на критиката е очигледната поврзаност на неолиберализмот со социјалниот дарвинизам. Оваа псевдонаучна идеологија ја толкува фразата „опстанок на најспособните“ како опстанок на најсилните, наградувајќи ги најсилните со научно одобрување и оправдување за нивното неетичко однесување.

Втората појдовна точка е илузијата дека човечкото суштество не е целосно ограничено и дека има слобода на избор. Официјалната идеологија на неолиберализмот бара од нас да веруваме дека успехот зависи од индивидуалните напори и таленти, што значи дека целата одговорноста ѝ припаѓа на единката, а задача на авторитетите е да им дадат на луѓето што повеќе слобода за тие да можат да ја исполнат оваа цел, т.е. да дојдат до успех. За оние кои веруваат во бајката наречена неограничен избор, самостојноста и самоуправувањето стануваат највозвишени политички пораки, особено затоа што ветуваат слобода. Заедно со идејата за „усовршливиот поединец“, слободата која ние во западниот свет си мислиме дека ја поседуваме, е всушност најголемата невистина на нашето време.

Социологот Зигмунт Бауман вака го опишува парадоксот на нашата ера: „Никогаш не сме биле послободни. Никогаш не сме се чувствувале понемоќно“. Секако дека сме послободни од кога било порано, кога станува збор за критикување на религијата, профитирање од новиот слободен однос спрема сексот, како и слободата да се поддржи кое било политичкото движење. Можеме да ги правиме сите овие нешта, зашто тие веќе немаат никакво значење – слободата од овој вид е водена од безразличие и рамнодушност.

Во неолибералното општество секоја работа е сведена на ниво на стока за широка потрошувачка – дури и човечкото суштество. Нашето општество од една страна постојано прокламира дека секој од нас може да успее доколку доволно се потруди, додека од друга страна ги зајакнува позициите на привилегираните и го зголемува притисокот врз своите преангажирани и изнемоштени граѓани. Сè поголем број луѓе не успеваат, т.е., доживуваат неуспех, чувствувајќи се понижени, виновни и посрамотени. Постојано ни се дава до знаење дека сме послободни од кога било порано во изборот на правецот и текот на нашите животи, но слободата на избор надвор од овој „наратив на успехот“ е многу ограничена. Освен тоа, оние кои доживуваат неуспех се сметани за губитници или мрзливци, и се обвинуваат за злоупотреба на нашиот систем за социјално осигурување.

Неолибералната економија ги заострува нееднаквостите. Да ја земеме за пример Велика Британија – тамошното ниво на нееднаквост во приходите е толку драстично зголемено во последните триесет години, што буквално е збришана средната класа. Социолошкото истражување на Вилкинсон и Пикет укажува на постоење директна корелација помеѓу нивото на нееднаквост во приходите од една страна, и сите значајни психосоцијални и здравствени појави од друга. Колку е поголема нееднаквоста во приходите во даден регион, толку е поголем бројот на случаи на душевни заболувања, тинејџерска бременост, смртност кај децата, агресија, криминал, употреба на дроги и лекарства, краток или просечен животен век, нарушено физичко здравје, слаби училишни резултати, намалена општествена подвижност, како и сеприсутното чувство на недостиг на сигурност и/или среќа.

Неолиберализмот е до толкав степен навлезен во нашиот идентитет што за нас веќе станува невидлив. Токму оттука потекнува идејата за крајот на историјата - идејата дека сме го достигнале моментот кога мислиме дека можеме да ги отстраниме сите други идеологии освен неолиберализмот, чија идеологија излегува со јасна декларација за човечката психа. „Такви се луѓето“ е девизата на оваа идеологија, „луѓето по природа се себични и корупмпирани“. Луѓето секогаш ќе се грижат само за својата сопствена корист и задоволство, тие се во постојана конкуренција едни со други, тие веруваат само во опстанок на најспособните, тие имаат себични гени, итн. итн. Оној кој не се согласува со ваквото размислување е прогласен за наивен или глупав.

Слоганот на Маргарет Тачер „Општеството не постои. Постојат само поединци, мажи и жени“, станува наша реалност последниве триесетина години, заедно со нејзиниот слоган „Не постои друга алтернатива“. Според тоа, од исклучителна важност е да го сфатиме следново: најважниот производ на неолиберализмот е реконструкцијата на нашата реалност. А оваа наша реконструирана реалност може да се резимира во неколку точки: на морално ниво е неетичка, од економски аспект е неуспех, на социјално ниво е катастрофална, а од психолошки аспект е многу опасна.

Неолиберализмот е опасен од психолошко гледиште бидејќи го истакнува најлошото во луѓето, додека во исто време го потиснува најдоброто.


Сепак, вашата книга има оптимистички крај, или поточно речено, завршува со „претпазлив оптимизам“. Како повторно да станеме господари на нашата судбина?

Историјата е мајка на иронијата. Во одговорот на ова прашање треба да се навратиме кон начинот на кој е изграден нашиот идентитет. На една страна имаме идентификација, а на другата страна имаме сепарација (т.е., одвојување во лакановска смисла). Идентификацијата нè прави слични едни со други, зашто сите гледаме во истото огледало, нашите идентификации се темелат на истиот Друг. Сепарацијата нè прави посебни, нè дарува со повеќе избор и поголема автономија. Овие два процеса се управувани од типот на општество во кое живееме.

До шеесеттите години нашето општество ги нагласуваше идентификацијата и конформизмот. Немаше простор за единката и нејзината копнеж – од сите се бараше да бидат конформисти. Ваквата состојба драматично се промени од шеесеттите наваму, благодарејќи на грасрутс движењата и нивните барања за слобода на единката (сетете се само на антипсихијатријата, сексуалната револуција, анти-авторитарната педагогија, итн). Ова движење растеше оддолу нагоре и успеа да го промени општеството. Но, од деведесеттите наваму ова движење беше колонизирано од неолиберализмот. Половина век подоцна живееме во општество кое го привилегира конкурентниот индивидуализам, притоа уништувајќи ги социјалните односи и солидарноста меѓу луѓето.

Но, исто како и во шеесеттите години, денеска сме сведоци на нови грасрутс движења и иницијативи кои никнуваат на сите страни. Тие се залагаат за создавање групи, за стабилност и за континуитет. За солидарност. Мојот оптимизам лежи во надежта дека овие нови движења ќе успеат да воспостават рамнотежа помеѓу единката и групата, помеѓу автономијата и солидарноста.

Кон првиот дел

Фотографии: RICHARD TUSCHMAN

Слични содржини

Јавни Простори / Психологија / Теорија
Јавни Простори / Психологија / Теорија
Јавни Простори / Психологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото