Сите ли се глумци, нема ли вистински херои?

06.03.2015 01:22
Сите ли се глумци, нема ли вистински херои?

Синоќа наседнав и јас. Како и многумина од вас. Залапав ко клен на дудинка. Ако гризе вака кленот во април и мај, ќе биде добро...

Искрено поверував дека колешката Јасминка Аневска, чиј телевизиски прилог претходниот ден беше цензуриран со отстранување на нејзините директни и провокативни прашања до премиерот Никола Груевски, се одважила со трескање на црвениот телефон да изрази индивидуален протест поради потегот на нејзиното уредништво. Си помислив дека се помачила самата во подрумот да најде еден таков телефон и да го смисли тој перформанс. Ѝ упатив честитка за потегот. И потоа, разбрав дека станувало збор за маркетиншка кампања.

Под мојот пост на Фејсбук, во кој ја пофалив Аневска, нејзиниот шеф Атанас Кировски ми напиша: „Геро, везе немаш, смајли!“

И ете, излезе дека навистина везе немам. Признавам. И не сакам да имам „везе“ со вакви манипулации. Јас сум старомоден и наивен. Многу сакам приказни во кои новинарите се во улога на херои. Омилена книга на моето детство е „Дон Кихот“. Култен филм на мојата младост е „Новинар“ со Раде Шербеџија. Филм за борбата на еден новинар против неправдата и цензурата. Ама ете, изгледа не сме гледале сите исти филмови и не сме читале исти книги. Некои од нас веруваат дека во животот сè е маркетинг и реклама.

Не му се лутам никому. Ниту на директорот Кировски, уште помалку на маркетинг-агенцијата. Нивна работа е да смислуваат вакви маркетиншки штосови, да веруваат дека така се подига имиџот на една телевизија и да лапаат пари. Малку сум ѝ лут на колешката Аневска, која сите, како попалени мајмуми, брзо ја прогласивме за нашата нова „хероина“ во борбата против цензурата. Не сфаќам зошто таа прифатила да биде првата што ќе ја отвори кампањата и со тоа ќе го амнестира од одговорност тој што го искасапил нејзиниот прилог. Си мислам, можела да собере храброст и да инсистира, ако ништо друго, кампањата да ја отвори некој друг. Или пак сум наивен?

Како и да е, јас не верувам во вакви блефови. Не верувам дека еден медиум може со кампања да се фали дека не прима нарачки и дека не трпи притисоци. Тоа се покажува само со содржините и со однесувањето на уредниците и на новинарите. Го потпишувам коментарот на Бранко Тричковски, во кој тој вели: „Театралната телефонска кампања против цензурата, всушност, е демонстрација на цензурата, затоа што покажува дека не си обезбедил минимум дистанца од срањето во кое живееме, туку го репродуцираш со учество во играта што ти е наметната! Така се естрадизира еден тежок проблем, што, според мене, е еднакво на катастрофа, полошо е од најстрашната цензура!“

Овој пат имам ретка, да не речам историска прилика, првпат после долго време да се согласам со ставот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за оваа кампања. Приказната со „црвениот телефон“ не вреди пет пари, ако Телма не се охрабри јавно да соопшти кој тоа вршел притисоци. ДПМНЕ е апсолутно во право – телевизијата е должна пред сопствените гледачи (јас сум еден од нив) да ги каже имињата и презимињата на луѓето што испорачувале нарачки. Во спротивно, тоа навистина ќе биде само една површна кампања, без никакво значење.

Ама... Го пишувам ова и страхувам дека Кировски повторно ќе се јави и ќе рече: „Геро, немаш везе, смајли!“. А потоа на вестите ќе се појави Аневска, или некој друг „херој“, ќе го тресне телефонот уште посилно и јавно ќе ја соопшти скандалозната вест дека телевизијата трпела жестоки притисоци од опозицијата на чело со Зоран Заев. Јеби га, сè е маркетинг, важно е да си курнас, нели? Курнас Атанас!

А сепак не е сè маркетинг. Јебеш маркетинг! Јас верувам во политики, во содржини, во реални производи. Не верувам во кампањи. Веќе скоро цела една деценија живееме од кампања до кампања. Државата не ја води влада, туку маркетинг-агенција, а луѓето се само наивни жртви на нејзините тизери и рекламни пораки. Тоа живот ли е? Со маркетиншки штосови реалноста не се менува, туку само перцепцијата за неа. И затоа, бласфемија е на ваков начин да се продава и митот за новинарската храброст.

Сите ли се глумци, по ѓаволите, нема ли вистински херои?

Извор: Слободен печат
На сликите: Прирачник за користење телефон од 1951 година