Секоја држава има своја мафија, некои мафии имаат свои држави, но нашиот пример е патологија без преседан

06.03.2015 19:03
Секоја држава има своја мафија, некои мафии имаат свои држави, но нашиот пример е патологија без преседан

Длабочината и ширината на колапсот на една држава во режија на ДПМНЕ, ДУИ, ДПА и нивните странски спонзори е веќе вртоглава и невозможна да се опфати со коментари и анализи. Македонија е веќе класифицирана за Case Study за последиците на де-факто нихилизмот на власта опфатена во криминал и амнестирана од времените кратковиди де-јуре амнестии на меѓународната заедница, првенствено САД и ЕУ.

Секоја држава има своја мафија, некои мафии имаат свои држави, но нашиот пример е патологија без преседан и дијагноза за тоа што може да се случи кога државата, мафијата, расизмот, националсоцијализмот, психопатологијата на болни умови и интересите на меѓународната заедница ќе се сплотат во создавањето на една дебелослојна и скапа пропагандна лага и ментална манипулација наметната врз цело едно општество. Скандал е мал збор, ниту приближно адекватен за барем делумна илустрација на грозоморноста на злосторството сторено врз нас.

Хистерични кикотења на незрели личности, крвнички шкргутања со заби на искомплексирани типови, уживање во улогата на одлучувач за нечиј живот и смрт, пазарење со луѓе како кванташка стока, отворено фалење со својата духовна скапаност – што да се издвои како капитален шок ефект кога судејќи според сè, најшокантното допрва треба да го слушнеме? Како понатаму кога по секое преслушување на компилациите на ѕверството се тресеме пред сознанието дека ние не само што немаме република или демократија, туку немаме ни цивилизациски минимум на човечки стандарди, а камоли базичен политички бон-тон?

Македонија веќе не мора да чека на следниот вторник или петок за да донесе во себе решителна и конечна одлука дека ниту еден лик, маж или жена, од сегашните први, втори, ешалони на ДПМНЕ, ДУИ, ДПА не смеат да бидат веќе никогаш ставени во каква било служба од интерес на граѓаните. Дека сите министри, пратеници, партиски функционери на централно и локално ниво треба да бидат ставени под службена забрана за државна и општествена служба и појавување во јавноста за барем следните 30 години. Сè помалку од тоа е предавство на човештвото во нас и заблуда која повторно ќе треба циклично да ја доживееме и пропатиме. Сите овие ликови, скотови на нашите македонски и албански заблуди, предолго време беа модели за илјадници млади луѓе. На крај, сите тие, до еден, мораат – апсолутно и беспоговорно – да завршат како предупредувачки доказни модели за сегашните и идни генерации за каде завршуваат оние кои поради лични интереси и ментални заболувања едно цивилизирано општество сведуваат на животинска фарма на страв, терор, смрт.

Неприфатливи се, потполно, тврдењата дека никој однадвор не знаел за барем добар дел од ова што ни се има правено од страна на владејачките партии. Едноставно неприфатливи. Невозможно е да се одбегне чувството дека луѓето на една земја биле намерно подложени на еден патолошки, длабоко болен социјален експеримент во име на стабилноста, во чие име не си имаат инсталирано и сервирано расисти, шовинисти, психопати кои ни ги имаат фалено како надежни демократи, како морални величини, како политички модели. Како да се избегне очајот на освестувањето дека САД и ЕУ во земјата со години го промовирале и бранеле токму она што го исмејуваат и осудуваат во путинистичка Русија или ердоганска Турција? Како да не ви се изобличи лицето во кисела гримаса на гадливост кога истите тие странски „партнери“ сега буткаат раце во понтие-пилатски легени за миење раце, глумејќи „шокираност“.

Што уште треба допрва да слушнат „увреѓените и изненаѓените“ спонзори од САД, ЕУ, Германија за главните ликови од ДПМНЕ и ДУИ да ги стават и вратат на сопствените црни листи, за ЕПП ја избрка ДПМНЕ од своите редови, за да ги затворат портите на своите амбасади за сите нивни членови и членки? Кој „добронамерен“ изговор ќе измислат за да си го покријат својот докторски удел во склопувањето на овој Франкештајн без никаква контрола? Или пак веќе спремаат решение во кое „конструктивно“ ќе ги убедат и буткаат сегашните психички пореметени и ислужени скотови да се истават надвор од политичката сцена и на нивно место насадат нови марионети кои ем ќе ги штитат интересите на политичките татковци, ем ќе бидат доволно „секси плавуши“ за меѓународната заедница.

Нивното мислење е веќе од секундарна, дури и терцијарна важност. Нашето мислење е најважно, токму поради тоа што кога предупредувавме – нè етикетираа со најцрни епитети (и сè уште продолжуваат). Предолго се поведуваме според нивните интегративни визии и стратегии, за кои сега гледаме каде и во што нè донесоа. Отсега понатаму – ако не се со нас, тие се со крвниците.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Александар Ковачевски