Згрозени сме од снимките кои се однесуваат на Ромите

08.03.2015 12:56
Згрозени сме од снимките кои се однесуваат на Ромите

Почитувани,

Здружението за јакнење и организирање на ромската заедница „Романо Авази“ е згрозено по објавувањето на последната „бомба“ од страна на лидерот на опозицијата во Република Македонија. Бараме од Владата на Република Македонија јавно да се извини на Ромите за она што цела јавност го слушна вчера.

Во објавените снимки од телефонските разговори, во јавноста се обелодени дека на власта секогаш и е најлесно да ги добива гласовите на Ромите со брашно, социјална помош, одземање на лична документација, закани и слични методи кои претставуваат директно газење на човечкото достоинство. Се користат лошата социо-економска ситуација и мирољубивоста на ромскиот народ за политички да се манипулира со него.

Нарекувањето на припадниците на ромскиот народ со навредувачкиот збор „циган“ е доказ за расизмот кој владее, се надеваме меѓу поединци во Владата. Прекршена е меѓу другото меѓународната декларација за човекови права иако Македонија е една од земјите потписнички на истата. Почитувани претставници на Владата, извинете се и преземете мерки ова да не се повтори.

Почитувани, ние не сакаме да бидеме „шампиони“ само на политички митинзи, всушност воопшто не сакаме да сме тоа. Сакаме да бидеме перцепирани и прифатени како луѓе, државјани на Република Македонија и да ги уживаме правата кои ни се гарантирани во Уставот. Сакаме да напредуваме како и сите други, не трудете се да не уназадите. Гневот кој го чувствува ромскиот народ поради сите проблеми со кои се соочува само повеќе нè мотивира да се организираме и да делуваме против неправдите.

Затоа, за да не излеземе на улица и да се „влечеме за уши“ , бараме од Владата на Република Македонија, пред сè од министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, доколку навистина негува и делува со морални вредности ЈАВНО ДА ИМ СЕ ИЗВИНИ НА РОМИТЕ за она што цела Македонија го слушна вчера.

Со почит,

Здружение за јакнење и организирање на ромската заедница
„Романо Авази“

Претседател,

Акиф Кариман