Ендек

09.03.2015 10:18
Ендек

Во мртвата трка меѓу „човечињата“ на Гордана Јанкуловска и „ендекот“ на Мартин Протуѓер, во малата анкета околу тоа која од овие две именки би била најсоодветна да биде белег на седмицата што измина, во фотофинишот сепак триумфираше – ендекот. Победи, ете, експресивноста, живописноста и колоритноста на клетвата на М. Протуѓер, а ако можеме така да кажеме, дури и неговата инспиративност, наспроти студените и речиси целосно ослобедени од каква било емоција, деминутивчиња на министерката за внатрешни работи.

За волја на вистината, политичката тежина на „човечињата, гревчињата, будалетинките“ на Јанкуловска е многу поголема отколку „вознесениот“ бес на шефот на кабинетот на „Шефот“ (како што, од некои причини, во своите меѓусебни разговори, неговите „поданици“ – вообичаено министри - го нарекуваат премиерот Груевски), предизвикан, очигледно, од тоа што „дебело“ го „изрибал“ токму неговиот надреден поради необезбедени билети за некаков фудбалски натпревар. Во таа смисла можеби најчесно би било оваа колумна да има наслов „Човечиња во ендек“.

Во секој случај, за разлика од „човечињата“, кои во својата својата семантика не мораат нужно да носат пежоративно значење (деминутивите некогаш, а особено во македонскиот јазик, имаат и значење на милост и симпатија), „ендекот“ носи силна метафора, токму на состојбата во која се наоѓаме. Ендек по дефиниција е канал, прокоп, ров... Стриктно гледано, станува збор за вештачка, а не природна форма, односно за нешто што е ископано од човечка рака, а не по природен пат.

Ендекот, во таа смисла, е човечка творба, чија површина се наоѓа под нивото на земјината. Што би се рекло: удолу цврсто дно, а угоре небо високо. Ако сакаме да бидеме иронични, ако актуелната Влада (заедно со шефот на кабинетот на „Шефот“) навистина се грижеше за ендеците, тогаш барем немаше да ги имаме поплавите што сега ги имаме, или барем не во оваа мерка.

Освен за наменета што им ја припишува Протуѓер, ендеците служат и како ровови и, согласно со тоа, се користат за рововски битки. Вкопувањето во ров подразбира борба гради в гради, а ровот служи за каква-таква заштита од бомбите што паѓаат наоколу. На Галичица, на пример, уште можат да се видат некои остатоци од ровови од пред еден век, односно од времето на Првата светска војна.

Без оглед на сето ова, ендекот во вообичаениот говор не само што нема позитивно значење, туку многу ретко има и неутрално. Главно, ендекот се употребува во негативна конотација, токму во застрашување или во намера да се постигне некаков застрашувачки или, во секој случај, непријатен ефект. Дури и примерот за негова употреба во вообичаено неутралниот Дигитален речник на македонскиот јазик е во оваа смисла: „Паднал во ендекот и сиот се извалкал“.

Во нашиот пример, пак, најмал проблем е дека Мартин Протуѓер во своето телефонско вдахновение паднал во сопствениот ендек. Она што е многу пострашно,после овие рововски бомби, е сознанието дека, ако можеби сопругата и децата на некој „комуњар“ не се нашле во ендекот на Мартин, ние, а под ова „ние“ го подразбирам токму севкупното множество „човечиња“ во Македонија, кои „мирно се држат за раце и гласаат“, значи, ние во секој случај сме во длабок ендек, од каде што излезот едвај се наѕира. За разлика од споменатата рововска борба, тука бомбите на Заев не го создадоа ендекот, туку токму спротивното – го расчистија чадот за да видиме кај сме и врз кое дно стоиме.

Ендек, инаку, во македонскиот јазик доаѓа од турскиот (hendek), каде што, пак, е влезен преку арапскиот (handaq), односно персискиот (kende).

ОкоБоли главаВицФото