Прекарни работници од сите земји, обединете се!

09.03.2015 11:30
Прекарни работници од сите земји, обединете се!

- Дали ти си прекарна работничка? – ја прашувам телефонски, без претходен вовед, Габриела Иванов. Професионално се познаваме со години и ми изгледаше дека Габриела би можела да биде репрезентативна претставничка на еден дел од големата и разновидна војска прекарни работници на денешницата.

- Што е тоа? – прашува.

Ѝ објаснувам накратко, вели дека ќе разгледа за што точно се работи и се договараме за разговор во живо.

Прекарноста не е сосема нов поим на пазарот на трудот, но во последните години почесто се користи, затоа што има сè повеќе луѓе кои се зафатени од неа. Главна карактеристика на прекарноста е несигурноста – работа на одредено време, повремена и привремена работа – и ниски или никакви работнички права и заштита. Тоа се сезонски работници, работници на црно, фриленсери кои живеат од хонорари, оние кои извршуваат повремени работи преку разни агенции, експерти кои работат на проекти... За разлика од своите родители, кои можеле да сметаат на постојано вработување кое им обезбедувало пензиско и здравствено осигурување, дефинирано осумчасовно работно време, годишни одмори, слободни викенди и, најпосле, каква таква пензија, денешниот работник на постиндустрискиот глобален капитализам често може да смета само на – перманентна несигурност. Традиционалните облици на трудот и вработеноста се менуваат веќе со децении на Запад, па така во осумдесеттите повремената работа порасна за неколку проценти во вкупната вработеност речиси во сите поголеми западни економии. И оттогаш само расте. Додека во почетоците, прекарната работа се претставуваше како еманципациска затоа што значеше поголема мобилност, флексибилност, избор на работен модел кој најмногу ви одговара, требаше да ја поттикне мотивацијата и креативноста на работниците, во практиката се покажа дека флексибилноста е само заменски збор за несигурноста, дека таквиот нетрадиционален облик на труд, всушност експлоатира економски, а дека работниците наместо мотивација чувствуваат безнадежност. Она што повоената генерација го сметаше за изборено еднаш засекогаш – правото на работа и работно место – почна да се распаѓа. Беа укинати многу работни места, но остана работата која требаше да се изврши. Работа за прекарните работници.

Британскиот професор Гај Стендинг, кој предава економска сигурност, е автор на книгата „Прекаријат, новата опасна класа“, во која објаснува дека неолибералната политика произведе голем растечки број луѓе кои споделуваат доволно заеднички искуства за да можат да се наречат класа во создавање. Тие се прекарни работници, а класата која се создава ја нарече прекаријат. Иако, со прекаријатот се опфатени различни категории луѓе – некогашни припадници на работничката класа кои со деиндустријализацијата ја загубиле работата и тешко преживуваат или високообразовани кои исто така не можат да најдат стабилна работа – го споделуваат истото чувство на бесперспективност, но и гнев, недоверба во системот и политиката и неприпаѓање кај пошироката општествена заедница. Меѓу другото, денес секој може да стане дел од прекаријатот, заштитените се ретки. Стендинг го смета прекаријатот за потенцијална опасност токму заради тоа што фрустрацијата и чувството на неправда го прават лесно запалив и мета на екстремни политики, кои го поттикнуваат против емигрантите затоа што, наводно им ги крадат работните места, иако емигрантите често се жртви на прекарната работа. Стендинг смета дека таа нова класа може да произведе нестабилност во општеството и се залага за намалување на нерамноправноста на пазарот на трудот. Една од мерките што ги предложува е основен (не минимален!) приход кој би бил загарантиран за сите и од кој луѓето ќе можат да живеат. Стендинг го смета тоа за темелно човечко право. Дека не се работи за никаква утопија, покажува примерот на Бразил каде е воведена практиката на основен приход.

„Ако имате општество во кое луѓето се сигурни и не се плашат што ќе им донесе утрешнината, дури тогаш ќе имате луѓе кои му припаѓаат на тоа општество, кои се солидарни, кои се продуктивни и алтруистични“, вели Стендинг. Тоа е стара лекција од државата на благосостојбата: социјалната сигурност генерира политичка сигурност.

Оние кои веројатно не се опасни затоа што имаат работа која е привидна, барем и повремена и нестабилна, се бројните прекарни работници во таканаречените културни и креативни индустрии. Тие индустрии често се наведуваат како оние кои го движат развојот на градовите и туризмот, и работата во нив се смета за интелектуална и општествено престижна, ако веќе не и финансиска. Но, всушност тие сектори се „легло“ на прекарната работа. Голем дел од креативците и луѓето од културата работат самостојно, во здруженија или помали агенции. Нивната вработеност се дефинира како нестандарден облик на вработеност, а што карактеризира тоа објаснува Студијата за вработеноста во културниот сектор во Европската унија во ерата на дигитализацијата: флексибилност, мобилност, работа на проекти, краткорочни договори, хонорарна работа, волонтерски и ниско платени активности, псевдовработување, псевдосамовработување. Во Европа, во културниот и креативниот сектор има поголем дел „нестандардно вработени“ во однос на вкупната вработеност. Сè повеќе ги има и во Хрватска. Во последно време сè почесто ќе слушнете за некој дизајнер, архитект, фотограф, новинар, кустос, пи ар експерт, копирајтер, преведувач, теоретичар од разни, главно хуманистички области и така натаму, а често фриленсер е само подобар назив за „невработен“. Медиумската теоретичарска Мери-Луиз Ангерер го опишува типичниот работник во креативниот сектор како личност помеѓу 25 и 30 години, која е образована, вешта, флексибилна, психички силна, независна, невенчана, мобилна и подготвена за секоја деловна можност. На работодавците им одговара да има повеќе слободна работна сила; главно работата ја извршуваат добро затоа што инаку не би ја имале, и тоа по цена која е помала отколку онаа на редовно вработените, и не мора да им бидат платени ниту пензиското и здравственото осигурување.

Габриела Иванов во голем дел се вклопува во таа слика. Има 36 години, факултетски е образована, нема деца, последната постојана работа ја имала во 2004, од неодамна е самовработена во здружението К-зона кое го основала со пријателките пред неколку години, но смета дека нема да остане уште долго со таков статус, се занимава со веб и видео продукција, медиуми (го уредува порталот VoxFeminae), организира уметнички фестивал, развива вештини за општествено одговорно претприемништво и повеќе или помалку живее од проекти.

- Дефинитивно сум прекарна работничка. Не ни знаев што сум – вели Габриела кога се најдовме во Трешњевка, во близина на канцеларијата каде работи. Работнот простор кој е одвоен од животниот простор за неа е новост, со години работела дома. Веднаш на почетокот од разговорот вели дека ја губи трпеливоста и дека „прв пат, по сите години давање отпор, ги отстранила менталните пречки за можноста да побара работа во странство“.

- Секогаш се противев на заминувањето во странство затоа што сакам нештата да се променат овде, но некогаш ми изгледа дека целиот труд е залуден, дека нема поместување кон подобро – вели. И веднаш го ублажува кажаното: - Или барем поместувањето е премногу бавно.

Како што изминува разговорот, така станува попозитивна. Очигледно тешкиот ден влијаел да го изрази нерасположението. Се ближи фестивалот што го организира – VoxFeminae, посветен на женското творештво – не оди сè според планот и мораат да им се прилагодуваат на промените во последен час.

Габриела има добра основа за да пронајде солидна работа во странство, завршила факултет по електротехника и информатика. Но, поминало кратко време додека не сфатила дека типичните начини на работа во нејзината професија не ѝ одговараат. Откако дипломирала во 2002 година, ѝ требале само 15 дена за да најде работа во информатичка фирма. Таму поминала две несреќни години. Ѝ дале да работи досадни административни работи и верува дека тоа се случило затоа што била единствена жена. Не ѝ се допаѓале односите во фирмата, ниту како се распоредувале приходите и сфатила дека не сака повеќе да работи за некого, туку со некого. Стабилна работа во корпорација, пристојна плата, кредит и добар автомобил – значи, животот на многу нејзини факултетски колеги – не ѝ бил доволен мотив. „Не ми одговара системот на вредности на класичното работење на претпријатијата и одбивам да работам во нивни рамки“, одлучна е. Можеме да речеме дека Габриела самата „се осудила“ на прекарност за разлика од многу други кои немале избор. Ако воопшто значи да се има избор доколку се согласите или не се согласите со работата која ја сметате за неприфатлива. Потоа, неколку години работела во невладини здруженија, спојувајќи ги своите технички знаења и социјалниот ангажман, и потоа се осамостоила – станала фриленсерка. Без пензиско и здравствено осигурување, што на нејзините родители, навикнати дека „мора“ да се има постојана работа и сè што доаѓа со тоа, им било проблем, но не и неа. И сега вели дека не се надева на пензија и дека во следните дваесетина години мора да се погрижи за себеси во староста. „Научив да живеам надвор од зоната на удобност и да балансирам“, вели. Габриела знае што значи да се живее надвор од удобноста; имала периоди кога имала малку пари, спиела кај пријателите, се снаоѓала и согледала дека ако е тоа најлошото што може да ѝ се случи, тогаш не е страшно. Но, тоа подразбира да имате некаква силна социјална мрежа во чии рамки луѓето се подготвени да се грижат едни за други ако затреба. А тоа го нема секој, ниту пријателите треба да ни бидат егзистенцијална поткрепа, наместо основниот приход на Стендинг.

Како и на многу прекарни работници, работата на Габриела е севкупен начин на живот во кој се губи границата помеѓу приватното и деловното. Флексибилноста на работното време е само илузија, затоа што, всушност, работите постојано, како што е илузија и дека имате поголема слобода на избор во работата, затоа што често сте принудени да ја прифатите секоја работа што ви се нуди, или затоа што навистина треба или заради страв дека иако сега ја имате, можеби нема да ја имате следниот месец. Но, сепак, Габриела вели дека таквиот начин на работење го смета за неизмерно позитивен, и е исполнета затоа што го работи она што го избрала.

Многу прекарни работници ќе кажат нешто слично: дека се задоволни затоа што самите управуваат со своите животи и не им робуваат на компаниите работејќи работа во која не веруваат. И кога, одвреме навреме ќе се изморат од постојаното снаоѓање, како Габриела на почетокот од нашиот разговор, сепак, нема да се откажат и во огласите ќе бараат работа која ќе им ги плаќа сметките. Но, што ќе биде со целата таа нова класа за дваесет, триесет години, кога веќе нема да бидат ни толку флексибилни, ни конкурентни ни мобилни, кога можеби нема да бидат подготвени да спијат на каучот кај пријателите ако загусти, и со себе да ги влечат децата или нема ни да ги имаат затоа што не можат да бидат одговорни за уште некој освен себеси, како што денес прекарните работници поретко се одлучуваат за родителство од постојано вработените? Што ќе се случи ако нема да можат да работат? Габриела се надева дека сегашниот систем ќе се покаже како неефикасен и ќе се сруши, а дека ќе заживее моделот за вмрежување на помалите заедници кои ќе бидат самоодржливи. Со оглед на песимизмот со кој го започна разговорот, нејзината слика за иднината е оптимистичка. Засега изгледа дека системот ги јаде прекарните работници и притоа уште и ги убедува дека се сопственици на своите животи, а кога ќе сфатат дека се млади и недоволно платени, ќе бидат стари и сиромашни. Но, можеби Габриела е во право кога вели дека повеќе сака да го избере вистинското чувство на несигурност, отколку лажната сигурност. „И онака денес сите се во несигурна позиција, само што оние кои имаат постојана работа се смируваат во таа лажна сигурност, ќе подигнат кредит и дури тогаш ќе се втурнат во реален проблем“, вели. Беше петок навечер, пред седум часот кога се разделивме. Габриела се врати на работа, требаше да работи уште.

Извор: http://pogledaj.to/

Слични содржини

Општество / Европа / Балкан / Свет
Балкан / Свет
Општество / Балкан / Свет
Активизам / Европа / Балкан / Свет

ОкоБоли главаВицФото