Студентска петиција за повторно активирање на Институтот за родови студии

09.03.2015 12:44
Студентска петиција за повторно активирање на Институтот за родови студии

Поранешни и сегашни студенти на Институтот за родови студии активираа онлајн петиција со која бараат годинава повторно да има упис на студенти на овој институт. Тие за Радио МОФ велат дека досега институтот нема добиено формално образложение зошто е ставен во мирување уписот на студенти, но и до кога ќе трае ваквата состојба.

„Токму затоа ние сегашните и веќе дипломираните студенти на Институтот за родови студии дојдовме до идеја да се активираме за конечно оваа година повторно да има прием на нови студенти. Почнавме со онлајн петиција со цел да допреме до поголема група на луѓе, не само од нашата држава туку и пошироко“, велат од студентите кои ја започнаа иницијативата, а кои засега сакаат да останат анонимни.

Нивните аргументи зошто треба активно да се продолжи со родовите студии се:

– Република Македонија е потписничка на редица меѓународни документи со кои се регулира/промовира родовата рамноправност, а исто така настојувањата за родова рамноправност се преточени во редица документи - закони и стратегии.

– Институтот за родови студии испорачува експерти кои ќе даваат значаен придонес и во спроведувањето на политиките за родова еднаквост.

- Родовите студии ја промовираат свеста за вредноста на сите луѓе, без разлика на полот.

- Родовите студии се посветени на остварувањето и зајакнувањето на рамноправноста на жените и мажите во сите сфери на општественото живеење.

- Родовите студии се важни во промовирање на концептот на еднакви можности и човекови права.

- Родовите студии едуцираат и вложуваат напори за спречување на родовата дискриминација во македонското општество.

- Родовите студии се важни за зголемување на родовата сензитивност во нашето општество.

- Родовите студии делуваат во насока на родова сензибилизација во наставата на високото образование.

- Родовите студии се една од најистражуваните сфери во светот, од областа на општествените и хуманистичките науки.

- Родовите студии се клучен фактор во намалување на родово базирано насилство.

Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е единствената образовна единица во Република Македонија на која може да се стекне формално академско образование на додипломски студии од областа на родовата проблематика, а веќе две години (академските 2013/14 и 2014/15) уписот на нови студенти на институтот е стопиран.

Тие се надеваат на поддршка пред сѐ од нивните колеги студенти, професорите во високообразовните институции, како и поголем број активисти и невладини организации. По собирањето потписи, велат дека ќе ја достават петицијата до Министерството за образование и наука, Ректоратот на УКИМ и Деканатот на Филозофскиот факултет. Воедно, ќе бараат од сите три институции да им достават формално известување за иднината на Институтот. Студентите велат дека во зависност од добиениот исход ќе ги преземат и следните чекори.

Извор: Радио МОФ