Дете им здосадило на другарите зборувајќи за своите родители

09.03.2015 17:37
Дете им здосадило на другарите зборувајќи за своите родители

Скопје, 9 март 2015

Четиригодишниот Андреј В. од Скопје речиси се скарал со своите другари затоа што му рекле дека им станал досаден со постојаното зборување за неговите родители.

Андреј признал дека можеби малку претерува зборувајќи за мама и тато и ветил дека ќе се потруди времето кое го минува со другарчињата да го исполни и со други теми.

„Мислам дека Андреј е навистина добро момче. Впрочем, се дружиме со години, уште од времето кога бевме бебиња, но понекогаш навистина знае да биде напорен“, раскажува Петар, најдобриот другар на Андреј. „Понекогаш ми се чини дека е опседнат со своите родители зашто главно зборува само за нив. Кога и да се видиме, тој прераскажува што зборувале, спомнува некакви смешни анегдоти, што јадат, што пијат, колку килограми добиле во последниот период. Разбирам дека тој е нивно прво дете и дека неговата грижа за нив поради тоа е малку пренагласена, но некој мораше да му каже дека досаѓа. Не е тој единственото дете кое ги сака своите родители, ниту тоа е единствената тема за која децата треба да разговараат“, искрено вели Петар.

Андреј вели дека немал намера да им досадува на другарите, но признава дека можеби е преоптоварен со своите родители.

„Секако дека зборувам за моите родители затоа што се толку слатки и медени. Секогаш ме засмејуваат со некои прашања или гестови кои само возрасните можат да ги направат. Додека сум во градинка, секогаш се прашувам како се, што прават, дали сè е во ред со нив. Малку се грижам и како за некоја година ќе го поднесат моето тргнување на училиште, но очекувам заедно да го пребродиме тоа“, уверен е тој и додава дека му е многу криво што нема Фејсбук за да може да постави слики од родителите,па сите да можат да видат дека тие се најубави на светот.

Извор: www.njuz.net