Карневалот почнува

10.03.2015 11:58
Карневалот почнува

1.

Значи, не случајно неодамна го спомнав т.н. „Стокхолм синдром“ како можна инфекција што сè повеќе (ќе) ја зафаќа земјава, пропорционално на интензитетот и големината на гадостите што излегуваат во јавноста. И не само некакви си „слободоумни патриоти“ или слични малоумни групички, туку и „видни“ (sic!) некогашни функционери, сите оние кои заедно прдеа и се усмрдуваа во истата криминална лејка на главешините, сега полека (ќе) се дистанцираат од нив, (ќе) се прават дека не се од тука, дека немале врска (не само) со (дефинитивно) докажаниот заговор за бескрупулозна елиминација на сè што е разумно и демократски настроено во државава. Па дури и ги повикуваат луѓето, како човечено Н. Димитров, „да исправат глава и да се одважат да кажат не“, та дури и да „разговараат со опозицијата со чиста совест“?! Ма немој! А оној Лазаревиќ, пак, ќе прераскажува случки и итроштини од седниците на Владата во којашто и тој со години седел (по сопствено признание!) и не гукнал ни збор, ама еве сега одеднаш – се свестил! Ма јели могуќе? Како тоа така молскавично се свестуваат луѓево, мислат дека народов пие(л) нафта? А кога шетаа како млади јунци околу Николче-парапетче, тогаш си изгледаа себеси мнооогу важни? Та уште и мудруваат дека „ВМРО-ДПМНЕ е голема партија и не можете да очекувате дека сите луѓе што гласале за Никола Груевски денес се согласуваат со раководството“. Па никој и не говори за сите, ама тие кои седеле на владини седници, по разноразни кабинети, кои спроведувале „политики“… и тие ли не се согласувале со „парапетчето“? Ама – молчеле и полнеле џебови? Па дајте, ве молам, сега уште и ќе нè расплачат?

2.

Ваквите кокичиња се предвесници на бурата што дефинитивно доаѓа и ќе ја помете македонската политичка сцена. За некои можеби ќе треба и ураган, или багери, ама иднината им е веќе зацртана. А и тие си ја знаат, само и понатаму се прават мутави. На Македонија секако ќе ѝ се случи „бомбашки процес“, или втор Нирнберг, наш прв, порано или подоцна. И нема да ѝ се суди на некаква партија (зашто ни во Нирнберг не ѝ се судеше на партијата на Хитлер), туку на нејзините репрезенти. Од сите ешалони. А богами, ги има(ло) многу. Вклучувајќи ги и овие што сега ги покриваат трагите. Затскривањето зад тоа дека „сите сме ВМРО“ не држи ама баш никако. Зашто – не сме. Ниту сакаме да бидеме. Ни ова, ни она. Како што потенцира Тричковски, кога и да е, ќе се покаже и (научно) докаже, дека таа т.н. опција никогаш и не била „легитимна артикулација на македонскиот народ и на граѓаните на Македонија“. Без оглед што и како проповедаат шарлатански историчари од типот на парапетчето, или оние лукративците од калибарот на бившиот Тодоровски и еди кој си друг! Впрочем, зарем резултатите наназад толку години се мал доказ за тоа? Оној Љубчо малку ни беше, па ни требаа(т) овие, сосе „парапетчето“? Не, благодарам! Тие што сакаат да се залажуваат со идеалите на Делчев и Сандански (кои, патем, се начисто деисторизирани од овие), Груев и останатите, треба само да се (пот)сетат на овие нивни „идеолошки“ наследници.

Ама, говорејќи за идните процеси и т.н. Стокхолм синдром“, белки не „ќе дозволиме тужените да станат – тужители? Не знам, нека мислат тие кои треба да мислат, ама целава атмосфера се подгрева токму како српска сарма. Полека се крчка, да не загори, да се извлечат „здравите“ сили (кои ли се тие, да ми е да знам, белки не мислат на Димитров, Лазаревиќ и остала братија?), да се амнестираат „стручните“ кадри (та зарем имало и такви?) или некој кој не бил баш тооолку зацапан во криминалите (за што, повторно, се сомневам). Затоа и го спомнав т.н. „Стокхолм синдром“ којшто не е случајно влезен во историјата токму заради ваквото однесување на заложниците, малтретираните, киднапираните!

А впрочем, ако (дури и бегло) се читаат сите текстови што во „деновиве на бомбите“ се пишуваат во/по она малку слободоумни весници и портали или се слушаат и гледаат на подеднакво малкуте независни електронски медиуми, во сите провејуваат токму тие зборови: дека сме биле заложници на криминалци, дека сме биле малтретирани од киднапери на демократијата, дека цела држава била држена во страв од казни и одмазди… Ама повторно, и упорно, бараме и светли точки помеѓу битангите, посочуваме дури и на стручни поединци, на здрави сили! Како за онаа Парнаџиева, за која една новинарка уште малку да заплачеше што си поднела оставка, зашто била – стручна?! А овие илјадници кривични пријави што сега се откриваат и заради коишто луѓето го губеле здравственото осигурување, им се заканувал затвор и слично, тоа да не било мое дело? Или токму на таа, „стручната“, за која што, еве, ќе плачеме? (И, интересно, никој од опозициски настроените новинари не ги спомнува таквите гафови – ако воопшто можат така да се наречат – на колегите. А да го каже тоа некој друг, на пример некој од „куртоните“, ќе го сотрат).

Или, можеби, Лилето на тато, која сега „смело“ бара оставка од јавниот обвинител (после толку години), не знаела за сите марифетлуци на нејзините коалициони партнери? А градоначалничката на Кисела вода, која дури и не знае дека „домобраните“ ќе ѝ шпартаат низ општината? А СДСМ во Кисела вода – дреме?!

3.

Оттука, сезоната на карневалите во Македонија, којашто обично завршува со Струмичкиот карневал, сега повторно во „режија“ на струмичанец, ќе отвори нова карневалска летна сезона со (за сега) најатрактивни маски. Како што почнале учеснициве – ќе има што да се гледа и слуша! Ќе се гледаат досега невидени маски и костими, ќе се слушаат нечуени приказни и бајковити сочиненија од типот „не, јас не бев таму, не знам ништо“. Колку ли ќе се збогати македонското глумиште со разноразни нови актери од прва, втора и трета категорија, зависно од тоа кој на какво место бил и за што ќе биде обвинет? Какви сè „величини“ ќе траскаат од земја, какви сè земјотреси ќе има долж и попреку македонската култура? Почнувајќи од ПР менаџерката која толку години глумеше министерка, па – надолу! Од „директори“, „советници“, членови на „комисии“, „експерти“ кои (пот)пишуваа каталози и монографии, „уметници“ во гебелсовски и шперовски улоги! Каков карневал ќе биде тоа!!!

И сè си мислам дека многумина ќе заглават. Дебело (со акцент на второто „е“)! Од горе до долу, од најдесно до најцентар. Зашто направија премногу злодела – против државата, културата, уметноста. И тоа не се простува туку-така. За тие за кои Конески беше „џуџето од Небрегово“, а Македонија и уништувањето на современата (и модерната!) македонската култура и уметност само уште еден „проект“ платен со големи странски пари, не може да се бара алиби или каква и да е „стокхолмска“ емпатија.

Иако мислам дека тие самите меѓу себе ќе си ги извадат очите. Па и срцата, како и што доликува на ВМРО (историска). Ене, слушнете го оној што бараше „за Шиптари гасни комори“, па армоникашон преправен во професор, па повторно татиното синче малиот Димитров, па којзнае уште кој ќе се јави. Така ќе биде и во културата. Ќе се плукаат и газат, ќе се бодат и дават, само заради евентуалната шанса за ново позиционирање на културно-политичката мапа на Македонија. Верувам дека некој и ќе помине. Со етикета дека бил „умерен“, или дури „присилен“ на нешто. Ама, се плашам, такви, одеднаш, ќе има – премногу. Тоа е македонската историја, впрочем. Низ карневал да се тера до сто и едно, и назад! Ако може, се разбира. А (ќе) може, зашто ќе се вадат „аргументи“ дека сме мала земја, дека немаме толку учен кадар, дека… ова или она. А забораваат на младите, па и на постарите: оние млади кои мораа да ја напуштат земјата заради овие бараби, но и оние постарите кои издржаа секакви битанги и нивните „политики“. Затоа, мислам, дека ќе биде грешка ако се „стокхолмизираат“ овие луѓе-нелуѓе, овие сенки што годиниве ја беа киднапирале македонската култура и уметност (впрочем и цела држава, буквално!), сите оние кои придонесоа за ваквата провинцијализација и криминализација на Македонија. Доколку тоа не биде така, ќе се направи нова, историска грешка, со амнестирањето на такви хиени со човечки лик, жедни за крв, секогаш и секаде. И карневалот ќе се трансформира во продолжена варијанта на „freak carnival“ во којшто сите (или барем повеќето) ќе бидеме жртви на нови и нови будали!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Javier Mayoral

ОкоБоли главаВицФото