Денот кога го откриле стаклото

10.03.2015 13:24
Денот кога го откриле стаклото

Се движам низ собите како низ музеј. Веднаш знам кои предмети смеам да ги допирам. Останатите ги одминувам. Во пепелникот на первазот има четири отпушоци. Пепелта станува сѐ поретка. Уште некое време ќе бидам како мајка што го испратила детето во војна, и веќе ништо не допира во неговата соба, освен воздухот. Или ќе се врати, па предметите внатре ќе му се вратат на стариот живот, или собата ќе остане светилиште. Јас ги допирам само чашите. Стојат наредени, како што ги остави, под малото ѓезве. Влегувам в кујна, одам до чешмата, се наведнувам над нив. Полека подигнувам една, и го откривам кругот исушена вода под неа како што се откриваат древните градови. Потоа ја враќам назад. Кога и да погледнам во чашите, помислувам на денот кога го откриле стаклото. Каква возбуда, каква веселба било тогаш.

Извор: bulevarosloboduvanje.weebly.com
Скулптура на сликата: Shayna Leib

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото