Претстава над нивото на СДСМ!

11.03.2015 00:49
Претстава над нивото на СДСМ!

Да, добра претстава во Универзална. Да не беше, мене така ми се виде, извештачената траорност, па уште и придушена, во гласот на водителот, ќе беше уште подобра, можеби на нивото на Ејсидиси во Сиднеј. Во тој дел, и помалку во другите сегменти, беше малку подзаборавено дека дури и битката на живот и смрт во својата природа е игра. Другите делови, можеме да ги наречеме, битни, беа над нивото на СДСМ од најдобрите митинзи во оваа сала. Невообичаена, сакам да кажам, категоричност, строгост, бескомпромисност и точност во оценките на ситуацијата, особено кај Заев и кај Пендаровски (урнат уставен поредок, конституирана парадржава, диктатура, режим, демолирани институции, криминална банда, уништени права и слободи и перспективи на два милиони луѓе) и добри ориентации и барања (оставки на владата, на јавниот обвинител Зврлевски, на раководството на МРТВ, преодна влада од некомпромитирани личности, враќање на уставната строгост, на слободата и демократијата и системски мерки кои ќе спречат вакви и слични калварии). Особено беше значајна заложбата за семакедонска коалиција за ослободување од диктатурата на криминалната банда (Пендаровски). Слаба страна и синоќа беше отсуството, макар и во назнаки, на некои суштински работи врз кои ќе мора да се темели рехабилитацијата на Македонија. Работи кои се над техничките детали за кои говореше Шекеринска (измени во законите за следење на телекомуникациите и клеветата, нови политички пракси). Мислам на неопходноста од своевидна културна револуција, од револуција во главите на луѓето, од сериозни, дури и радикални преиспитувања на многу важни аспекти на македонското саморазбирање и постоење!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Свирачиња