Музејот во Мосул

11.03.2015 04:07
Музејот во Мосул

Последна вест на Ројтерс од 6 март: Припадниците на ИСИС исто така ги ограбувале и рушеле со булдожер 3000 години старите ископини во древниот град Нимруд во близина на Мосул.

 

Необично е како на снимките од уништувањето на музејот во Мосул некои од поновите експонати во колекцијата веднаш се претвораат во прав, додека постарите издржуваат подолго. Бандата припадници на исламската држава во Ирак и Шам го руши од ѕидoт стариот релјеф и тој се распрснува како продупчена вреќа брашно - како да е гипсена репродукција. Две илјади години постарите статуи подолго даваат отпор. Некои после рушењето остануваат цели или се кршат на два дела будејќи надеж дека би можеле да бидат реставрирани. Но луѓето од ИСИС ги креваат чеканите и удираат сè додека не ги уништат целосно. Посебно нишанат во камените лица.

Камерата излегува надвор од музејот и ја прикажува монументалната скултпура на крилестиот бик со човечка глава. Тој бик стоеше на капијата Нергал на влезот во древниот град Нинива. Стар е речиси три илјади години. Момчето од ИСИС се качува на него со пневматска дупчалка.

Вториот најголем град во Ирак, Мосул, со месеци е под контрола на ИСИС. (Оваа пролет се очекува ослободителна офанзива.) Урнатините на Нинива, некогаш величенствен град на асирските владетели се наоѓаат на периферијата на градот. На снимката, човек од ИСИС вели дека Мухамед, по осојувањето на Мека, ги уништил идолите на кои дотогаш им се поклонувале жителите на градот. Камерата го зумира натписот на преминот кој води до капијата Нергал, а со зелено е подвлечен делот од текстот кој објаснува дека Нергал бил „бог на чумата и подземниот свет, еден од сумерските богови на кои долго им се поклонувале во Месопотамија“ - ни го покажуваат тоа како дел од обвинението.

ИСИС истовремено е рамнодушен кон наследството од минатото и опседнат со него. Неговите припадници ограбија и продадоа многу „идоли“ за да купат оружје; овие во Мосул веројатно биле претешки за носење.

Поради облакот од гипсена прашина многумина се понадеваа дека повеќето од уништените експонати се репродукции. Но не е така. „Ние тројца повторно и повторно ги гледавме снимките: стануваше збор за повеќе оригинали отколку што мислев“, напиша на својот Твитер профил професорката Еленор Робсон од Универзитетскиот колеџ во Лондон. На Би-Би-Си објасни дека некои од камените скулптури од музејот потекнуваат од пустинскиот град Хатра, чиишто урнатини се на листата на УНЕСКО на светско културно наследство и дека „некогаш одамна биле оштетени, а подоцна внимателно реставрирани“. Ирачките антиквитети по американската инвазија во 2003 се ограбувани, уништувани или крадени од криумчари. Една од многуте грешки на американската инвазија беше и непостоењето на обезбедување за музеите. Подоцна се преземени некакви мерки, но изгледа не и во музејот во Мосул. Еленор Робсон вели дека оваа снимка е вистински пример за културен тероризам, кој има за цел да ги обесхрабри луѓето ширум светот и „жителите на самиот Мосул, кои се многу горди на историјата на својот град“.

Можеби е неумесно толку да се жали поради уништени скулптури додека во Сирија беснее граѓанска војна во која досега загинаа двесте илјади луѓе, а обновени се и судирите во Ирак. (Пред музејот во Мосул, ги имавме Будите од Бамијан кои ги разнесоа талибанците. Секако, низ вековите имало многу грабежи и разорувања од страна на разни иконокласти.) Додека археолозите ја анализираат снимката - кадар по кадар - бележејќи ги загубите, се пополнува друга листа на злосторства. Од Сирија стигнуваат извештаи дека припадниците на ИСИС по селата киднапираат цели семејства асирски христијани. Тајмс го цитираше водачот на асирската заедница, кој избројал „287 киднапирани луѓе, вклучувајќи 30 деца и неколку десетици жени“.

Имаше многу полоши снимки од оваа од музејот во Мосул: американските и јапонските новинари на кои им ги отсекуваат главите; јорданскиот пилот кого го спалуваат во кафез; египетските христијани кои ги убиваат на плажа во Либија. Некои луѓе мораат детално да гледаат за да ги идентификуваат жртвите и да ги документираат злосторствата, за да го проучат пејзажот во позадина и полесно да ги фатат убијците. Но, ние останатите го прескокнуваме тоа, од принцип - поради почит кон жртвите и нивната приватност одбиваме да соучествуваме во крвавиот спектакл - или просто затоа што тие снимки ни се премногу мачни. Снимката од музејот на некој начин е замена за тоа. Гледајќи ја, немате чувство дека пуштате „снаф“ видео со вистинско убиство, но впечатокот е подеднакво страшен. И покажува што е ИСИС.

Ѕидините околу Нинива беа долги дванаесет километри и имаа петнаесет капии. На снимката припадникот на ИСИС зборува како во времето на Мухамед статуите се закопувани (Нинива е всушност уништена илјада години пред тоа од Вавилонците), но дека „ѓаволските почитувачи“ повторно ги ископале. Така во ИСИС ги нарекуваат Језидите, припадниците на ирачкото курдско малцинство кое немилосрдно го прогонуваат.

А.Х. Лајард, британски археолог, во својата книга „Нинива и Вавилон“ од 1849 опширно пишува за Језидите и нивните жени кои носат облека „слична на шкотскиот тартан“. Тој забележува дека деловите на крилестиот бик се обликувани „со дух и посветеност на вистински антички уметник“, додека другите се само грубо нагласени „како скулпторите да ги прекинала некоја општа пропаст“. Еден од тие бикови го пренел во Британскиот музеј (постои уште еден во њујоршкиот Метрополитен).

Еден од неговите наследници, Макс Малован, во Нинива дојде со својата жена Агата Кристи. Малован беше нејзиниот втор маж, тринаесет години помлад и причина зошто Херкул Поаро во еден роман го посетува токму Алепо. (Тој исто така го овозможи и славниот наслов од Дејли Мејл: „Британскиот музеј ја откупи 3000 години старата резба од слонова коска која Агата Кристи ја чистела со својата крема за лице“). Кристи во својата автобиографија навистина ја споменува таа крема и вели дека „политичките прилики во Багдад се влошуваат“, дека поради тоа во Ирак веќе со години нема археолошки ископувања туку „сите отишле во Сирија“.

Понекогаш сум им благодарна на музеите што постојат, без оглед на сомнителното минато на нивните збирки. Предметите од одамна исчезнатите градови ни кажуваат кои сме. Некои гледачи на овие снимки веднаш ги препознаа гипсените репродукции, затоа што оригиналите веќе ги виделе во Британскиот музеј.

The New Yorker, 27.02.2015.

ОкоБоли главаВицФото