Злосторничко здружување за изборен криминал

11.03.2015 13:32
Злосторничко здружување за изборен криминал

На што укажуваат снимките? Злосторничко здружување за изборен криминал

 

Досега, СДСМ во неколку наврати објави снимки од разговори (главно меѓу државни и партиски функционери), чија содржина не беше експлицитно демантирана од ниту еден посочен функционер. И последната низа објавени снимки е од јавен интерес затоа што содржината на снимките укажува на планирање и вршење на сериозни кривични дела.

Во објавените снимки од последните две „бомби“ има многу индиции за злосторничко здружување од страна на повеќе лица од извршната власт, односно, дека истите се здружиле заедно со партиски функционери за вршење на сериозни кривични дела во врска со изборите. Има индиции за противзаконито овозможување на голема група лица да користат избирачко право (преку фалсификување на лични исправи и запишување на десетици лица на иста адреса), индиции за спречување на гласање („ќе ги исклучуваме лифтовите механички“, спречување на граѓани и полицајци да гласаат), индиции за организирана злоупотреба на избирачко право (гласање за починати лица и повеќекратно гласање), има индиции за поткуп при избори и гласање (со брашно, кеш на рака или социјална парична помош), за уништување на изборен материјал (преку кражба и преку намерно поништување на регуларни гласачки ливчиња), за повреда на тајноста на гласањето (со кражба на гласачките списоци со потпишани гласачи, за да се види дали некој гласал), за изборна измама („штимање“ на резултати), за злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања (користење на недозволени средства за изборна кампања за обезбедување авионски летови и непријавување средства за финансирање, тајно донирање итн.).

Она што посебно фрапира се индициите за сериозна злоупотреба на службената положба, преку искористување и пречекорување на овластувањата од страна на највисоките службеници во МВР кои имаат должност да ги штитат, а не да ги повредуваат избирачките права. Има сериозни индиции за користење на ресурсите на институциите (вклучително и финансии) и нивните информативни бази за партиски потреби. Има сериозни индиции дека просториите на МВР (и на други министерства) биле претворени во партиски штаб на ВМРО-ДПМНЕ, дека кабинетот на министерката и другите нејзини подредени спроведувале партиски агенди, дека партиски (и други државни) функционери нарачувале апсења и пуштања на слобода. Запрепастуваат индициите за организирано застрашување или притисоци врз државни службеници, врз вработени во средно образование и на факултети, врз вработени во МВР, врз војници, затвореници, пациенти во болници, врз приватни претприемачи (преку инспекции и сериозни закани на фирми што соработувале со опозициски градоначалници), врз вработени во телеком, МЕПСО, ЕЛЕМ, врз припадници на дискриминирани групи (со „влечење за уво“) па дури и врз деца без родители. Има индиции и за полициско застрашување на граѓани и политички соперници (со испраќање на специјални полициски сили), но и на медиуми и новинари (со бркање од работа или попречување).

Шокантни се индициите дека министерката за внатрешни работи (истовремено и кандидат за пратеник на парламентарни избори) не само што била свесна за изборниот криминал вршен од страна на припадници на МВР и партиски функционери, туку и самата активно се вклучувала во вршење на изборен криминал или во покривање на трагите од изборниот криминал. На одредени снимки, има индиции дека министерката планира провоцирање и навлекување на тежок изборен криминал на политички конкуренти и селективно објавување на изборни инциденти со намера да се претстават политичките соперници како криминалци („за да се знае кои се хулиганите во оваа држава“). Има индиции дека министерката за внатрешни работи вршела притисок до одговорните во секторот за внатрешна контрола за да се „исчистат“ изборните гревови на осомничени полицајци, за кои била свесна дека биле вклучени во сериозен криминал (а кои самата ги опишува како „твојава банда“, „бараби“, „најголемите багабонти у МВР“).

Има и сериозни индиции за вршење притисок врз изборни комисии и врз судии од страна на директорот на УБК, кој во претходно објавени снимки се јавува во улога на „уредник“ на изборни содржини во строго контролирани медиуми. Има индиции и дека одлуките за поништување на изборни резултати во комисиите и во судовите не биле донесувани врз база на аргументи, туку врз база на притисоци од партиски и државни функционери.

Севкупноста од сите споменати индиции, сериозно ги доведува под прашање не само легитимноста на изборите, туку и капацитетот на МВР да ги заштитува граѓаните од изборен и секаков друг вид криминал. Во вакви услови, кога снимките индицираат вмешаност на министерката за внатрешни работи, директорот на УБК, повеќе министри од владата, премиерот лично и претставници на законодавната и судската власт, во организирана криминална мрежа, логично е да се постави прашањето дали МВР и обвинителството имаат минимален капацитет да се соочат со таков предизвик.

Оттаму, најлогично е да се побара оставка од министерката за внатрешни работи, од директорот на УБК и од неговиот братучед премиерот, поради нарушената безбедност на државата, поради масовното кршење на човековите права на граѓаните (неколкугодишно прислушкување на илјадници граѓани и стотици новинари со опрема на МВР) и поради злоупотребата на државните ресурси за партиски цели од страна на државни и партиски функционери за кои постојат основани сомненија дека злосторнички се здружиле за да вршат кривични дела во врска со изборите.

Слики: Trevor Brown