1030 hPa
74 %
0 °C
Скопје - Чет, 16.01.2025 02:59
Госпоѓата Секстон излезе да трага по боговите.
Започна гледајќи во небото -
очекувајќи голем бел ангел со сини препони.
Никој.
Потоа трагаше по учените книги
а печатените букви ја исплукаа.
Никој.
Тргна на аџилак кај големиот поет
и тој ѝ ждригна в лице.
Никој.
Се молеше во сите цркви на светот
и многу научи за културата.
Никој.
Отпатува до Атлантик, Пацифик, оти Бог сигурно...
Никој.
Отиде до Буда, Брама, Пирамидите
и најде само огромни разгледници.
Никој.
Тогаш допатува до својата куќа
и светските богови беа затворени во пералната.
Најпосле!
Силно заплака
и ја заклуча вратата.
Препев: П. В.
Ен Секстон (Anne Sexston, 1928-1974), американска поетеса. Неколку години работела како манекенка во Бостон. Од 1967 до самоубиството работела како универзитетски професор по книжевност и креативно пишување на повеќе универзитети. Објавила повеќе од десет поетски книги.
Таа е изразито конфесионална писателка. Нејзините исповеди се вознемирувачки и радикални, иако понекогаш - што е исто така типично писателски - се измислени.
Таа е и еден од првите борци за женските права во Америка. Пишувала отворено и храбро што значи да се биде жена во американското општество.