Орден на честа

12.03.2015 14:49
Орден на честа

Се случи последното издание на телевизиската емисија „Неделни вести“, во која Дмитриј Кисељов го резимира својот седумдневен надзор над внимателно надгледуваната планета, оваа година да падне на 8 Март. И затоа првиот прилог беше посветен на Меѓународниот ден на жената.

Секој што ја познава руската телевизија без грешка ќе погоди која јавна личност беше главен јунак на свечената рубрика за Денот на жената. Секако, во текот на целиот прилог на екранот беше В.В. Путин. Не, лажам, имаше и жени. Но овде-онде, во втор план. Двапати дури и им дозволија да кажат по нешто, но исклучиво за да му ја изразат својата огромна благодарност на Владимир Путин. Благодарност за што? За неговото исклучително внимание. За искажаната грижа. Некој друг претседател би заборавил на 8 Март. Не би се сетил на жените. А нашиот? Тој е сосема поинаков. Тој не само што се сети - тој им честиташе. Како да не сакате таков претседател?

Следниот прилог на „Неделни вести“ беше посветен на убиството на Борис Немцов. На екранот се појави неизбежното лице и гласот на генералот на Истражниот комитет на Рускта Федерација Владимир Маркин, кој повторно ни објасни дека тоа убиство го извршиле непријателите на Русија, а сè заради достигнување на својата главна цел - дестабилизација на земјата. Тој ни говореше за тоа веднаш после убиството. Разликата е само во тоа што овој пат ни ги покажаа уапсените, осомничените за ова убиство. Тоа не се припадници на американските тајни служби, во што нè убедуваа Рамзан Кадиров, нему блискиот сатиричар и народен љубимец Задорнов и повеќето експерти на последната ТВ седенка „Вечер со Владимир Соловјов“. Тоа не се ни украинските војници, како што мислеа политикологот Михеев и членот на Општествената комора на РФ Григорјев. Не се тоа ни Невзлин ни Ходорковски, чијшто злосторнички ракопис го препознаа Сатановски и сезнаечкиот Соловјов.

Се покажа дека главните осомничени се директно потчинети на Кадиров, а меѓу нив и заменик командантот на баталјонот „Север“, личната гарда на претседателот на Чеченија. Кадиров веднаш по апсењето на своите штитеници изјави дека сите осомничени се руски патриоти кои никогаш не би извршиле такво убиство.

Сликата на нашата реалност не би била целосна ако следниот ден, 9 март, Путин не го одликуваше Кадиров со Орден на честа. Да, го одликуваше. Го одликуваше откако во својство на осомничени се уапсени луѓе верни на Кадиров, кои без негова наредба, знаејќи што ги чека нив и нивните сеемјства после чинот на такво самоволие, никогаш не би извршиле такво убиство. Го одликуваше еден ден откако Кадиров јасно и гласно изјави дека, што се однесува до неговите борци, тој не го признава ни судот, ни истражната постапка која ја спроведуваат руските правосудни органи.

Уште еднаш - чекор по чекор. Чекор прв: убиен е Борис Немцов, личен непријател на Путин и еден од главните опозиционери во Русија. Медиумите во хор скандираат дека тоа е сакрална жртва која ја принеле непријателите на Русија заради нејзина дестабилизација. Чекор втор: како главни (и за сега единствени) осомничени, уапсени се луѓе верни на Кадиров. Чекор трет: Кадиров не ги остава своите луѓе на цедило и изјавува дека не ја признава нивната вина. Чекор четврти: Путин го одликува Кадиров со Орден на честа.

Кога рускиот поет, патриот и државник Фјодор Иванович Тјутчев го напишал своето славно „Русија не може да се сфати со умот“, ја имал предвид нејзината огромна територија. Русија е сфатлива, но за тоа е неопходен поинаков ум - алтернативен. Во психијатријата постојат два пристапа кон прблемот на вродена слабоумност или идиотизам. Традиционалната психијатрија ги смета идиотите, а исто така и олигофрените, дебилите и имбецилите за болни луѓе, со клиничка дијагноза на отстапување од нормата. Вториот пристап е таканаречениот хуман или нетрадиционален, пристап кој сите споменати стадиуми на слабоумност ги третира како „алтернативна надареност“, како манифестација на „нетрадиционална интелектуална ориентација“.

Да, баш таа алтернативна интелектуална ориентација денес суверено владее со руските федеративни ТВ канали и со другите државни медиуми и сите кабинети на државната власт, и само со неа може да се објасни сè што последниве години се случува во земјава.

Извор: Ежедневный журнал, 10.03.2015.

ОкоБоли главаВицФото