СЕП-тичка јама

13.03.2015 11:16
СЕП-тичка јама

Станува невозможно, бесмислено, па и штетно официјалните изјави на владините функционери и на другите високи претставници на злосторничкото здружение, кое ја држи и максимално ја злоупотребува власта за свои интереси, да се толкуваат независно од нивните приватни разговори, кои сега, благодарение на опозицијата, исто така ѝ се достапни на јавноста. Кога се вака разобличени, дури и нивните најискрени (ако воопшто има такви) пораки и ставови, што ги кажуваат во јавните микрофони, автоматски се читаат и се препознаваат како одвратно лажни и лицемерни.

Што значи, на пример, вчерашната изјава на вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими на трибината „ЕУ разговори“ во организација на владиниот Секретаријат за европски прашања (СЕП): „Ние треба да се држиме на нашиот правец, а тоа се европските интеграции, и Македонија треба да даде потврда дека е навистина заинтересирана за ЕУ и работи на инсталирање на вредностите што ЕУ ги очекува“? Што воопшто треба да значат овие празни фрази по оние содржајни, суштински „ДУИ разговори“ во кои неговиот сопартиец е навистина заинтересиран изборниот случај Долнени да го среди шефот на УБК? Какви вредности може да инсталира неговата партија, во криминалната инсталација наречена владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ? Што да очекува ЕУ од Бесими, кога тој ја очекува ЕУ да дојде и да ја расчисти оваа СЕП-тичка јама од држава?

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња