Не само снимки, туку и работа на терен

14.03.2015 03:34
Не само снимки, туку и работа на терен

Веројатно во моментов Груевци прават исти такви муабети какви што ги слушаме на снимките – помалку за тоа колку е ова „кафана држава“ и како ќе одат во затвор кога ќе паднат од власт, а повеќе за тоа како да сотруваат, да манипулираат, да средуваат и стрпуваат луѓе, да палат кафани и да фрлаат фамилии во ендек. Ним нема никогаш да им падне на памет да се повлечат ниту милиметар. Тие ќе одат до крај и на својот пат до дното со себе се спремни да ја повлечат цела Македонија и да ги пукаат гумените куршуми.

Голем број наши сограѓани веројатно не ги чуле целосно снимките и единствено што знаат за македонската криза е дека Заев заедно со Странските Служби спрема пуч во Македонија. Уште поголем проблем се оние кои ги слушаат снимките и се сосема свесни за работите околу нив, но од какви било причини – лична корист/уцена од власта, омраза кон СДСМ или едноставно недостаток на политичка свест (или пак комбинација од сите три) – одбираат да го релативизираат злото на Груевски. Тие не велат „Чарлс Менсон е невин, тој не убил никого“ туку „па во ред, Чарлс Менсон навистина убил некој овде или онде, но што да правиме – луѓето отсекогаш убивале други луѓе и тоа така ќе си остане… да не се водиме од лични предрасуди, да ги извадиме аргументите на маса, сепак Чарлс Менсон е добар татко и човек“. Тоа е и реториката на Груевски – „луѓе сме, сите грешиме, во афект сме биле, дајте да збориме за сработеното“.

Тоа е веќе сценарио за траен конфликт на две групи кои се водат од два радикално спротивни системи на вредности и уверувања. И ние и тие располагаме со истите информации, но се работи за сосема спротивна интерпретација. Истите факти за нас значат една вистина, а за нив нешто сосема друго.

Затоа, најголемиот фронт во моментов треба да биде санирањето на последиците од таквото релативизирање. Доколку им оставиме преголем простор на таквите, моменталната ситуација ќе стане новото „нормално“ – снимки и контра-снимки од сите страни, целосна недоверба, релативизирање на најголемите зла, наместо „нема докази за евентуална ликвидација“ ќе слушаме „епа брат, си го бараше, многу му збореше устата плус предавник беше, шо сеа.“ Една од последиците на ова би било нова парламентарна победа на ВМРО-ДПМНЕ, и со украдените и гласовите на мртвите, но и со гласовите на оние кои свесно им ја даваат поддршката.

Во таа смисла на опозицијата би ѝ препорачал да ја преобмисли својата стратегија за ракувањето со останатите снимки – објавувањето да не биде сензационалистичко и под кураторство на партијата, а повеќе стручно и во соработка со експерти, медиуми, невладини организации и слично, со нивно масовно дистрибуирање и анализа. Додека експертите ќе се занимаваат со снимките, опозицијата треба да работи на мобилизација, градење нови мостови и вмрежување со целата онаа критична маса која и без нови снимки, веќе е свесна дека власта на Груевски е нелегална, нелегитимна, некомпетентна, а богами и составена од луѓе со проблематичен ментален склоп. Треба да се бориме не само против Груевски, туку и против неговите методи и оние кои се обидуваат таквите методи на владеење да ги оправдаат. На крајот, опозицијата треба да има предвид дека тоа е процес од јавен, а не партиски интерес. Главниот збор им останува граѓаните.

Извор: zasedan.ie.mk
Слики: Ximena Pineda