1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 09:59
Според најновите податоци на Државниот Завод за Статистика, во последниот квартал од 2014 година, стапката на невработеност падна на рекордно најниско ниво од 27.6%. Стапката на вработеност изнесува 41.5% а стапката на активност 57.4%. Корицата на информацијава е полна со шаренило, но нејзината содржина е во 50 нијанси на црно.
Тажно е што 27.6% е рекорд во најниска стапка на невработеност. Уште потажно е што стапката на невработеност на млади е речиси двојно повисока, 50.4%. Според властите, стапката на невработеност се намалила како резултат на владините активни мерки за намалување на невработеноста. Нели овие мерки се насочени за вработување токму на млади лица? Ако е така, тогаш тие не се факторот што придонел за „рекордната“ стапка на невработеност, бидејќи стапката на невработеност на младите не само што не се намалила, туку истата е зголемена во однос на истиот квартал од претходната година за 0.1 процентен поен. Доказ за тоа се кафулињата кои во 12 часот на пладне вријат од младина, метежот низ улиците во секоја доба од денот и сè поголемиот број познаници кои „туристички“ заминуваат по белиот свет, заработувајќи како бејбиситери, келнери и готвачи.
Во книгава со наслов „За невработеноста“ сè е тажно. Тажна е и улогата на образованието. Ако ја разгледаме структурата на невработените лица според степенот на образование, нè удира шок. Најголем дел од невработените лица се со четиригодишно средно образование (46%) и со високо образование (15%). Онаа народната „Учи синко за да не работиш“ се исполнува. Ама во сосема спротивен концепт.
И на крај, тажно е и времето на објавување на податоците за невработеноста. Досегашната пракса, прво да се објават податоци за БДП, а потоа за невработеноста, е прекршена. Дали е тоа направено од желба што побрзо да ги израдуваат македонските граѓани со ваква ударна информација, или за да го загаснат фитилот што гори, проценете сами.
М-р Деспина Петреска,
Економски аналитичар во „Finance Think“
Извор: econmictalks.blogspot.com