Промоција на книгата „Модри фантазии“ од Снежана Стојчевска

16.03.2015 11:04
 Промоција на книгата „Модри фантазии“ од Снежана Стојчевска

На 16 март (понеделник) во Планетариумот при Младинскиот културен центар во 20 часот ќе се одржи промоција на поетската книга „Модри Фантазии“ од Снежана Стојчевска, во издание на издавачката куќа Темплум (2015). Во поетскиот перформанс ќе учествуваат: Николина Андова Шопова, Ана Голејшка, Ѓоко Здравески, Елена Митреска, Даниел Карески, Владимир Мартиновски и Перо Сарџоски.

За поезијатана Стојчевска, Лидија Димковска вели:

„Снежана Стојчевска е поетски глас кој ѝ припаѓа на најновата македонска поетска генерација. Уште со својата прва поетска збирка „Шеќер по подот“ во 2012 год. се наметна како поетеса со автентичен и свеж поетски исказ. Во својата трета поетска збирка со луциден и неодминлив наслов „Модри фантазии (врз перничето за печати)“, Снежана Стојчевска јасно и гласно вели: „повеќе би сакала животот да ми е поезија/отколку поезијата живот“. И навистина, од поезијата таа не очекува егзистенцијална потпора, почести и признанија, но од животот очекува да биде чист, искрен и чесен, каква што би требало да биде секоја добра поезија.

Просто зачудувачки е колку се чисти, искрени и чесни нејзините песни, во време кога светот се тресе во потрошувачко лудило, кога кризата ги зафаќа не само материјалните туку и духовните предели на човечкиот живот, кога човек брзајќи од една точка до друга најчесто на патот се губи себеси, но и ближните, а љубовта станува табу или комерцијална тема. Реткост е во современата поезија поетот да заземе став кон најстарата тема, болка и радост на човештвото – љубовта, став кој напати се претвора и во социјален, политички, општествен, религиозен и севкупен, како што тоа го прави поетесата Снежана Стојчевска. Конструктивната и деструктивната моќ на љубовта во нејзината поезија е немоќта на современиот човек да се соочи со другиот, со себе, и со чувствата кои никогаш не се нови, туку се одново и одново примордијални и клучни за човековото постоење и опстојување.“

Целата рецензија и неколку песни од книгата можете да прочитате овде.