Морален човек и неморално општество

16.03.2015 11:13
Морален човек и неморално општество

Во овие моменти на криза, Академијата на науките не може да арбитрира, рече претседателот на МАНУ денес. Се разбира. Тоа не е нејзината уставна позиција. Но поединците кои ја сочинуваат оваа институција, раководени од морални и рационални мотиви, можат да арбитрираат: со јасно и гласно искажан став. Конечно, луѓето како поединци можат да бидат и морални. Благословени од природата со способноста да сочувствуваат со маките на други луѓе, човечките суштества можат да развијат чувство на праведност кое успешно ги држи под контрола сопствените егоистички импулси. За да им ја кажат вистината на оние кои што се на власт, таквите поединци можат дури и да се издигнат над сопствените интереси и да погледнат на кризата со голема доза на објективност.

Моралните луѓе се многу важни за секое општество затоа што односите помеѓу групите кои се во битка за моќ се предоминантно политички. Тие се условени од пропорцијата на моќ која ја поседува групата, барем исто толку колку што ќе бидат условени од етички и рационални ставови. Да, во овие моменти на криза, улогата на просветителите е многу важна и помалку трагична: да ги хуманизираат луѓето, ослободувајќи ги односите меѓу поединците и групите од онолку егоизам колку што е човечки можно. Таквото нивно влијание е од огромно значење во едно плуралистичко демократско општество во кое слободно се натпреваруваат групи, а стабилноста на државата зависи од успешното помирување и балансирање на нивните егоистички интереси. Зашто, друга гаранција за мир освен способноста на политичарите да ги помират конфликтните интереси на групите, нема. Ако тие конфликти ги надминат способностите на политичарите мирно да ги прилагодат конфликтните интереси, можно е насилство.

Сега кога одново продира вода во македонскиот брод, улогата на интелектуалците не е да бараат изговор, да стојат на страна, да расчистуваат стари сметки или да враќаат стари долгови: треба да се фатат за пумпи и за кофи. Како? Како што најдобро знаат. Ако, по обелоденувањето на оние мизерни телефонски разговори, не можат да речат дека владата го загуби легитимитетот да управува со државата, нека се потсетат на зборовите на Кант кој ќе напише:„...Вистинската политика не може да направи ниту чекор без нужната почит кон моралноста... Правата на луѓето секогаш мора да бидат свети, без оглед на жртвите кои владејачката сила мора да ги поднесе...Сета политика мора да го свитка коленото пред праведното... “.

Моралниот човек ќе најде начин да се спротистави на неморалното општество. А неморалниот? Ќе бара изговори.

Извор: Плусинфо, 12.03.2015.
Слика: MARKUS SCHINWALD