Љубовно писмо* за Бен Френклин кој вози камион во Калифорнија

16.03.2015 18:28

Го отворив шпилот
и ми се падна магионичарот**
што вози камион со цирада
низ калифорниските лозја.
Очите му беа сјајни јапонски бубачки,
рацете геометри на месечината.
Извади каранфил
од својот ракав
и ми понуди превоз.
Го земав цветот и му реков дека сум пропуштила
да бидам илузионист. А тој,
дека е специјалист за карти
и трикови со раце.
Му ги допрев устата и ушите
со своите усни.
„Само шибај“
- реков.
А тој се насмеа и ми раскажа заспивалка.
Телото му беше брест.
Устата полна со грозје.
Со рацете телото ми го претвори во свеж мед.

Сега сум дома сама,
читам упатства
како убавица да се исече напола.
Најпрвин почнувате со огледало...

Пред да ги постелам испегланите чаршафи,
го промешав тарот шпилот.
Но фали магионичарот.
Дали сеуште
вози низ калифорниските патишта?
Или е само
илузија
во мојата сопствена
магионичарска
глава?

* Љубовна песна (на англ. valentine) - љубовно или шеговито писмо (или слика) кое анонимно се испраќа на денот на Св. Валентин (14 февруари).
** Во тарот картите што служат за пророкување првата карта е магионичарот. (прев.)

Дајана Вакоски (Diane Wakoski, 1937), американска поетеса. Дипломирала на Беркли кај поетот Том Ган. Во 1960 се сели во Њујорк каде што работи како чиновник во книжарница и предава во средно школо. Објавила дури педесетина стихозбирки.
Критиката ја смета Вакоска за вешт наратор чии приказни имаат упориште во нејзиното искуство. Ја вбројуваат во три струи на американската книжевност: меѓу deep image поетите (инспирирани за своите „длабоки слики“ од Лорка и симболистите), меѓу битниците од шеесеттите и меѓу конфесионалните поети. Вакоски не смета дека е исповеден автор бидејќи овие поети (Роберт Ловел, Силвија Плат, Ен Секстон, Џон Беримен и други) „главно биле третирани психијатриски, и сите имале суицидални импулси и алкохоличарско однесување...; нивното дејствување не е исповедно во онаа смисла дека се посрамени од она што го правеле, бидејќи тие сметаат дека доживеале важно човечко искуство...“

Оригиналната песна

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото