ПР.Б. – ПО.Б.

17.03.2015 11:18
ПР.Б. – ПО.Б.

1.

Фактот дека прогласив фајронт за целава ситуација, барем во мојот компјутер, ако не повеќе, не значи дека нема да напишам ниту збор повеќе за истата. Тоа беше само мое чувство дека тоа ни е единственото решение. Фајронтот, впрочем, секогаш е и објава на крајот на играта, па и на оваа. Особено на оваа!

Апропо, апсолутно не мислам дека кај нас, сега и тука, животот треба целосно да замре. Тоа никој нормален не може да го бара од луѓето (иако многумина би се прашале дали пак ние сме навистина – нормални?). Луѓето мораат да продолжат да одат на работа, децата во градинка или училиште, оние без работа да продолжат да ја бараат, некаде, ако треба и надвор, пензионерите ќе ги користат првите сончеви денови по парковите (или она што останало од нив, ако не – нека се „грејат“ под спомениците) … Не сум сигурен дека еден голем дел ќе продолжат да си ги извршуваат секојдневните обврски со истиот ентузијазам (ако воопшто и постоел?), со истата посветеност. Зашто гледаат што се случува околу нив. Некои пак – да, ама тие тоа го прават веќе толку долго. И само тие знаеја – зошто. Но, сега, и ние знаеме.

И не секој може, или сака, да застане рамо до рамо, секоја вечер, со Ангелов. Или да оди на пресовите на Заев. Или да направи што и да е во прилог на актуелните случувања. И тоа е разбирливо. И никој не ги ни тера. И тоа спаѓа во основните човекови права. Дали спаѓа и во моралните, етичките, хуманите, граѓанските, цивилизациските… обврски, тоа е друг муабет што ќе се води во некое подобро време. Но, кај нас, вообичаено, сè е некако замаглено. Или некој само сака така да изгледа? Дали со тоа се искажува став? Можеби, иако – не верувам. Кај нас, во принцип, се бега од став. Поарно е кога го нема.

Меѓутоа, дури и да не беше оној циркус во неделата, времето во Македонија е дефинитивно сменето. Без оглед дали некој сака тоа да го прифати или не. И притоа воопшто не мислам на пролетта што (календарски) доаѓа и останатите годишни времиња – тоа веќе го направија студентите запролетувајќи ја зимата – туку мислам на оние историски години-маркери, оние пресвртни години како референци според коишто се мери времето / историјата. Како пред Христа и после Христа, како мерење на времето во Исламот од 622 година, како оние реперни 1914 година, 1941 годна, 1945 година итн. Години кога се менува сè во животот, особено поимањето на нештата.

Кај нас, денес, добивме нова историска временска референца: пред бомбите (пр.б.), и после бомбите (по.б.)! И колку тоа некому да не му се допаѓа, тоа е вистината. Зашто, ништо после ова кај нас нема, или барем не би требало, да биде – исто!!! Новото демократското време, обновувањето на демократијата во Македонија (ќе) треба да се мери според овој нов временски параметар, без оглед на можните разврски. Ако Втората Република беше онаа по 1992 година, оваа би била – Трета. И ќе биде! (Мислам дека ова веќе го рече Фрчкоски, не сум сигурен!).

2.

Затоа зачудува ставот дека ова некого не би требало да го интересира, или дека, дури, му е дозволена некаква (квази)интелектуална, (квази)граѓанска рамнодушност. Оние малкумина, па нека се и илјадници „човечиња“ донесени вчера, а по којзнае кој пат, со автобуси во „метрополата“, се сепак – малкумина. Другине пак се уште помалку, собрани во една спортска сала, и си аплаудираат себеси божем кревајќи си го дефинитивно треснатиот од земја углед (ако воопшто такво нешто постоело?), лажливата чесност, обнародената алчност, објавениот криминал. И упорно, и повторно верглаат: не верувајте си на ушите, не верувајте си на очите! Останете слепи и глуви и покрај сè и верувајте во „преродбата“. Да, ама чија? Зашто гледаме дека овде има(ло) само лична и никаква друга преродба, само лично мафијашко богатење и лукративен интерес и – ништо друго! Оние пак, уште помалкумина, кои пееја и се кревељеа, кои играа и божем се радуваа, сето тоа е само добро осмислена сценографија за прикривање на суштината и на трагите. Дури и онаа што се дереше како нездрава божем пеејќи ја химната, па оној „вечнион“, уште од комунистите кодиран со сите кодови (а највеќе оние слаткарските, лепливите) режисјор кој сега глуми антички Македонец …А глумците си се глумци, секогаш – глумат. Ама мислам дека и овие знаат дека глумат. Некако кисело се смешкаа(т). Важно „г-жа“ министерка за култура весело плеска со рачињата. Мисли – куртулила!

Се разбира, за тие кои одбрале да продолжат да живеат како влекачи, нема решение. Тоа е личен избор. Иако, според некои, можеби и разбирлив. Зашто „заработеното“ мора да се одбрани, стекнатото (па нека е и на нечесен начин) да се заштити, па нека и на ваков начин, со отплата на рати. Иако, знаат, на тоа одбрана нема.

Меѓутоа, овој креиран привид дека сè тече ама ништо не се менува е само уште еден дополнителен чин во трагедијата. Подолг или пократок, сеедно. Тоа барем режисјорон-слаткар со шербетли прсти би требало да го знае. Хорот (chorus) овде, вклучувајќи го и него лично, упорно ја декламира истата рецитација: сè е лага. И глуми – нормалност! Ама, се разбира, тоа е само привид, нормалноста (веќе) ја нема, повеќе не живее тука ! Впрочем, вакви „претстави“ и беа очекувани, иако можеби не со таква патетика и глума. Но сепак, повторно, влоговите се огромни! Дури и кај влекачите.

3.

Но, ако на почетокот, во општата збунетост, дури неверување во сопствените очи и уши, некако по инерција многумина продолжија да придонесуваат во привидот на нормална држава, денес таквото однесување се граничи веќе со чист безобразлук, неморал, недостоинство, бласфемија … соучесништво! Зашто, веќе е необјасниво, не само кај македонската интелигенција, ова свесно наметнување на привиден мир во државата. И сè некако божем тече континуирано, се „работи“, се исполнуваат „програмите“: овде концертче, онде изложбичка, ваму промоција… онде лопата! За кого, и од кого? Како да ништо не се случува, како сè да си функционира ама баш најтековно. Што и како демонстрираат / потврдуваат овие луѓе – дека во Македонија е сè нормално? Можеби, ама само во нивните празни глави. Или, утре, ќе се вадат на веќе договорени термини, преземени обврски… што ли? „Моралниот човек ќе најде начин да се спротистави на неморалното општество. А неморалниот? Ќе бара изговори“, вели проф. Малески.

Затоа и реков на почетокот дека е апсурдно да се бара животот да запре. Ама – кој и каков живот? Мене животот ми е изложбата, ќе возврати уметникот. Се разбира, ама во нормални времиња. Или, повторно, ова време за нив е – нормално? Случувањата надвор се нешта што му се случуваат на – некој друг? Или, нормално е додека мене ми е нормално? Можеби, ама така треба да бидат и понатаму, во иднина третирани. Токму како – некој друг! Како соучесници. Или толку им е важно ама баш сега да се покажат во јавноста? Зошто?

Ако веќе не можат / не сакаат да стојат во редици со другите кои протестираат, ако веќе не сакаат отворено да се спротивстават на оваа банда, забораваат ли дека има и други начини? На пример, нечинењето како став?! Неучеството во креирањето на привидот на оваа квазинормала?! Ако се толку плитки да не можат да ја видат историската пресвртница, тогаш се поплитки и од тоа што сум ги мислел!

Зашто, дури и на светот, оној европскиот, полека му стана јасно за што овде се работи. И дека не можат повеќе да се прават мутави. „Financial Times“ констатира дека објавуваните разговори се „само еден мрачен детаљ од она што произлегува како еден од најлошите изборни скандали во Европа во поновата историја. Владата на Република Македонија се наоѓа под меѓународен притисок за решавање на обвинувањата дека организирала голема шема за фалсифкување на изборите за да ја украде победата на минатогодишните парламентарни избори. Тврдењата за изборна измама се најновите обвинувања кои произлегуваат од политичкиот хаос што ја зафати малата балканска држава во последниве неколку недели, труејќи ја својата политичка клима и нанесувајќи им удар на амбициите за членство во ЕУ“.

Швајцарскиот пак „Ноје Цирхер Цајтунг“ е посебно вдахновен опишувајќи ја состојбата во Македонија по откривањето на скандалот со прислушувањето како „мочуриште од уцени, злоупотреба на моќта и корупција“,и „аферата потсетува на надреалистичка театарска претстава“.

Затоа, ако не веруваат во опозицијата, ако не веруваат во објавеното, нека веруваат во странците! Или, и тие – лажат?

Оттука, зрело е времето кога „Секој граѓанин во Македонија мора да се рестартира себеси! Одново да се запраша која е неговата мисија во животот, колкав е неговиот личен придонес како хумано суштество и како индивидуа и какво место под сонцето ќе изгради. Што тој, како единка, освен што ја размножува својата ништожност, ѝ возвраќа на заедницата која некој ја изградил верувајќи во идеали?“ (Б. Илиќ). Тоа, се разбира, е лично право. Но, право што ќе го мери историјата. Онаа „пред бомбите“ (пр.б.) и особено оваа „после бомбите“ (по.б.)!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Herbert Baglione