За кого би гласал бог? (2)

17.03.2015 14:43
За кого би гласал бог? (2)

Откако се одигра иранската револуција, претседателот Картер се обиде да стапи во контакт со оние кои ги сметаше за „умерени“. Амбасадата во Техеран воспостави дијалог со либералите кои сметаа дека се на страната на Хомеини – и кои сега сакаа од Иран да создадат демократска држава. Најважен од нив беше новиот премиер Мехди Базарган.

Но, Хомеини сакаше да се ослободи од овие либерали, затоа што не ја прифаќаа неговата замисла за новата политичка структура, Исламска република Иран – каде апсолутната власт ќе ја има „Водачот“, значи самиот Хомеини. Либералите во тоа гледаа обнова на диктатурата.

Хомеини и неговите следбеници создадоа криза. На 4 ноември 1979 година, петстотини „студенти следбеници на имамот“ (т.е следбеници на Хомеини) влегле во американската амбасада и ги заробиле дипломатите. Се зборува дека и младиот Ахмадинеџад бил меѓу нив, но тоа не е докажано, а и самиот го негира тоа.

Масумех Ебтекар, која и самата учествувала во нападот на амбасадата, напиша прекрасна книга за тоа. Таа опишува дека студентите, пребарувајќи ја амбасадата, нашле купишта остатоци од уништени документи по подовите и корпите за отпадоци. Еден од провалниците, студент по технички науки по име Џавад, помислил дека парчињата од документите веројатно останале заедно – па, веројатно е можно да се реконструираат документите.

Беше олицетворение на концентрацијата – обраснат со брада, слаб, нервозен и напнат. Овие особини, во комбинација со одличното познавање на англискиот јазик, математичкиот ум и неговиот ентузијазам, го правеа најдобар за оваа задача.

Еден ден, зема една рака парчиња хартија од корпата, ги нареди на лист хартија и почна да ги составува.

По пет часови работа, успеавме да реконструираме само 20-30 проценти од два документи. Наредниот ден, дојдов во документацискиот центар со група сестри. „Дојдете да видите. Со Божја помош, со вера и малку труд, ќе ја завршиме и оваа невозможна задача,“ рече Џавад со насмевка.

Тим од дваесетина студенти почнаа со реконструкција на документи – на крајот, објавија 85 тетратки. Овие документи ја открија длабоката и цинична поддршка која Америка му ја даваше на режимот на шахот во седумдесеттите. Тоа беше Викиликс на тоа време, затоа што од документите се гледаше блиската соработка на ЦИА и САВАК – омразената и опасна иранска тајна полиција.

Студентите ја нарекоа амбасадата „шпионско гнездо“ – голем дел од омразата и недовербата кон Америка во Иран потекнува од овие реконструирани документи.

И покрај тоа, документите му помогнаа на Хомеини да ги уништи своите либерални сојузници, затоа што беше откриено дека, од почетокот на револуцијата, претседателот Картер бил во контакт со „умерената струја“. Хомеини го искористи тоа за да ги уапси сите кои во новата влада се залагаа за демократија. Беа предавници, затоа што ги потплатил Големиот Сатана.

Потоа Хомеини ја искористи кризата со амбасадата – потпомогната со омразата кон Америка – за да ја реализира својата визија за радикална теократија во Иран. Кризата имаше огромен ефект на претседателската кампања во Америка, затоа што Картер делуваше немоќно, особено откако неговата мисија за спасување на заложниците славно пропадна, затоа што хеликоптерите се срушија и изгореа во иранската пустина.

За да ја почувствувате драматичноста и несигурноста на тоа време – еве неколку снимки од БиБиСи од тој период – 1979-80 година. Извадени се од видео ленти со немонтиран материјал, кој доаѓаше преку сателит од Вашингтон и Техеран. Не ги монтирав – добро ги покажуваат сложеноста и дезорганизацијата на се што сè случуваше. Тука е и снимката со иранските студенти кои влегуваат во амбасадата, а потоа и некои снимки од тоа што го нашле таму – опрема за тајно комуницирање. А, потоа ги пронајдоа машините за сечење хартија.

Во ноември 1980 година, Роналд Реган победи на претседателските избори. Милиони нови радикализирани христијани гласаа за него. Реган ќе победеше и без нивните гласови, но Новата десница ја разбуди моќната сила која сега дојде во Вашингтон – евангелистичкиот конзервативизам кој сакаше да го промени светот, а не само да го сочува веќе постоечкиот поредок, кон што конзервативците тежнееле отсекогаш.

До осумдесеттите, идејата дека левичарската политика може да го промени светот беше мртва – во целиот западен свет. На чуден начин, овие нови конзервативни радикали претставуваа последна шанса на револуцијата од дваесеттиот век – создадена со поврзување на левичарската тактика и фундаменталистичкиот гнев.

Но, проблемот беше во тоа што Реган од самиот почеток ги игнорираше. Иако, во своите говори декларативно ги поддржуваше нивните ставови за прашања како што е абортусот – не направи речиси ништо од Америка да создаде морална држава каква што бараа тие. Верската десница и нејзините следбеници беа разочарани и бесни.

Но, во надворешната политика, за нив имаше надеж. Како фундаменталист, Реган не ја доживуваше надворешната политика како реалполитика, туку како борба на доброто и злото – и ги поддржуваше идеалистите во својата администрација, кои ги промовираа таканаречените борци за слобода во земјите како Никарагва.

Но, тоа ги доведе американските верски идеалисти во многу чудна ситуација – тие ќе станат сојузници на верските револуционери во Иран.

Револуцијата на Хомеини, исто така се најде во тесно. Државата се движеше кон економска катастрофа и милионите сиромашни што ја изведоа револуцијата сега беа очајни. Од друга страна, интелектуалните левичари кои го поддржуваа Хомеини веќе не сметаа дека тој треба да биде главен.

Затоа, Хомеини реши едноставно да ја уништи левицата. Ги убиваше – или ги принудуваше од затвор да го признаат предавството на телевизија.

Потоа, Ирак го нападна Иран – и стотици илјади најпосветени и најактивни револуционери беа испратени во војна како топовско месо. Ги дадоа животите во одбрана на револуцијата – но, нивната смрт воедно ја отстрани и сè поголемата закана од овие редови, бидејќи револуцијата на Хомеини не ги реши економските и општествените проблеми.

До 1984 година, Иран стана многу мрачна и чудна земја. Исчезна секоја замисла за тоа дека верската енергија можеше да се употреби за промена на светот. Преку страшните колежи во војната, иранскиот шиитизам повторно ја откри старата идеја за жртувањето, и тоа на ужасен начин.

Историчарот на современиот исламизам, Жил Кипел, опиша што се случи со таа млада револуционерна генерација:

Страшната бруталност на војната против Иран ја наведе младата генерација сиромашни Иранци да се вратат на старата традиција на жртвување.

Повеќе не се работеше за трансформација на светот, затоа што револуцијата очигледно во тој поглед не успеа. Кај младите луѓе, наместо тоа, се разбуди друга желба – желбата за смрт – како одговор на неуспехот на иранската револуционерна утопија и на притисоците од војната со Ирак.

Шиитската желба за смрт доби големи размери со жртувањето на басиџите на фронтот. Доброволците им пишуваа писма и тестаменти на своите семејства, зборувајќи дека сакаат да умрат. Овие трагични документи со верски јазик го опишуваат, во најмала рака, политичкото самоубиство на сиромашните урбани генерации во Иран во осумдесеттите.

Во 1984 година БиБиСи емитуваше дводелен документарец мрачниот, чуден Иран. Тоа е брилијантен филм, кој го покажува токму тоа за што пишуваше Кепел – стотици млади луѓе кои секојдневно заминуваат на фронтот и мирно го прифаќаат фактот дека сите ќе загинат.

Од огромната фонтана на воените гробишта се излева крвавоцрвена вода. Додека во студените, бели простории, некој морничав свештеник ги учи децата како да ја прифатат идејата за жртвувањето – а, ги наградува со макети на американски шатлови. Револуционерната гарда патролира во соседството, внимавајќи на моралот и ги лови недоволно покриените жени (со лоши хиџаби).

Еве неколку инсерти од филмот. Ми се допаѓа како е снимен – одбива да му се покори на вообичаено хистеричниот новинарски стил. Смиреноста на овој филм прекрасно го отсликува сè поголемиот очај.

Во овој извртен, мрачен свет доаѓа еден подеднакво извртен Американец – полковникот Оливер Норт. Тоа е радикален христијански фундаменталист кој сакаше да ја спаси својата, глобалната, како и револуцијата на Реган со помош на смел и, од оваа перспектива, потполно луд план.

Норт беше високо рангирано официјално лице од Советот за национална безбедност и раководеше со тајната програма за помош на Контрашите во Никагарва – за него тоа беше дел од епохалната борба на доброто и злото во светот. Но, конгресот дозна за програмата – и ја запре.

Така, во 1985 година, Норт започна еден неверојатен план. Знаеше дека Иранците очајнички се обидуваат да дојдат до оружје за војна против Садан Хусеин, па предложи да им продаде неколку илјади проектили, а потоа, тие ирански пари да ги употреби за тајно финансирање на Контрашите. На тој начин, Иранците ќе ги убедат герилците од Хезболах во Либан да ги ослободат американските заложници.

Норт и советникот на претседателот за национална безбедност, Бад Мекфарлан, му рекоа на Реган дека тоа истовремено ќе биде начин за отворање дијалог со „умерената струја“ на иранскиот режим. Норт сметаше дека Америка на тој начин ќе ги порази екстремистите во Иран, ќе ѝ стави крај на војната помеѓу Иран и Ирак, и ќе ги искорени сите исламистички терористички мрежи во Европа и светот.

Во осумдесеттите, новинарката Ен Вроу напиша фантастична книга за иранско-контрашкиот скандал. Таа ја опишува неверојатната комедија – некој треба да сними филм и за тоа.

Норт на сите и на сè им наметна кодирани имиња и називи:

Проектилите беа „кучиња“.
Аеродромот беше „базен“.
Иран беше „јаболко“ – така што техеранскиот аеродром беше „јаболков базен“.
Но, во другата листа со кодови, Иран беше „танго“.
Израел беше „банана“.
САД беа „портокал“.
Заложниците беа „зебри“.

Така една типична порака од бележникот на Норт гласи:

АКО ОВИЕ УСЛОВИ СЕ ПРИФАТЛИВИ ЗА БАНАНАТА; ТОГАШ ПОРТОКАЛИТЕ СЕ ПОДГОТВЕНИ ДА ПРОДОЛЖАТ.

Но, нештата се комплицираа, затоа што Норт постојано си даваше различни имиња. На почетокот се нарекуваше Вагнер, но потоа почна да испраќа пораки со потпис Steelhammer. Потоа, стана полковникот Гуд, додека неговата десна рака, генералот Секорд, го доби името Коп. А, потоа, почна да се нарекува себеси Грин.

Ова се две портокалови зебри:

Понекогаш, Норт се губеше. Кога влегуваше во авион, не можеше да се сети со кое име се пријавил на списокот со патници – па ги набројуваше сите по ред, додека не дојдеше до вистинското.

Норт и Мекфарлан почнаа тајно да се состануваат со претставници на иранскиот режим, на локации како Франкфурт. Беа убедени дека имаат работа со „умерената струја“, но никој не можеше да дефинира што значи да се биде умерен во Иран – особено кога изгледаше дека во теократскиот режим „конзервативците“ се воедно и „радикали“.

Иранците добија илјадници проектили – и тројца заложници беа ослободени. Но, потоа Хезболах киднапираше уште тројца заложници – и Американците повторно беа на нула.

Но, Норт беше убеден дека ќе успее, затоа што се работеше за средба на две групи – од Америка и Иран – и двете групи веруваа дека нивниот интерес е позначаен, верската цел. Отпатува во Техеран во обид да ја реши кризата. Седеше и ја слушаше својата иранска врска како емотивно зборува за жртвувањето. Норт одговори:

Бидејќи сум христијанин, разбирам и верувам дека човекот, ако умре за верата, вечноста ќе ја помине на многу подобро место.

Иранците добија уште проектили, Норт доби уште пари за Контрашите, но заложниците не беа ослободени. Стана очаен и договори уште еден состанок со Иранците во Франкфурт. Ја носеше и Библијата, а претходно го убеди претседателот на неа да напише посвета. Им ја подари на Иранците, кажувајќи:

Ние во нашата влада водевме голема дискусија, многу жестока дискусија за тоа дали претседателот треба да ме овласти да кажам: „Ја прифаќаме исламската револуција во Иран како факт“. Тој (претседателот) бараше одговор во молитвата, и го напиша овој пасус во Библијата што ви ја подарувам.

Ми рече: „Ова е ветувањето што Бог му го даде на Аврам. Кој сум јас да тврдам дека не треба да го правиме тоа?“

На еден состанок, еден Иранец му пријде на генералот Секорд, десната рака на Норт, и му рече:

Што му е на овој Норт? Само што дојдовме од земја полна со мулиња, а јас овде затекнувам уште едно проклето муле.

Потоа – кон крајот на 1986 година – лудиот план на Норт беше разоткриен. Изби голем политички скандал кој за малку не го сруши Реган. А, на револуционерните визии на верската десница им дојде крајот.

Иранците огласија на сите ѕвона дека Оливер Норт е луд. Потоа, претседателот на иранскиот парламент Рафсанџани, на целиот свет му ја покажа Библијата на Норт:

Но, верската десница во Америка не исчезна. Наместо тоа – како во Иран на Хомеини – таа, од крајот на осумдесеттите мутираше во ригидна морално-полициска сила, челичен кафез кој ја попречува американската политика и не ѝ дозволува да се развива.

Вистински пример за тоа е некој како Рик Санторум. Тој не е револуционер. Тој е само конзервативец. Но, што и да се случи со неговата кампања, верската десница ќе остане активна сила во американската политика. Конкретно, таа е најголем поборник за бобмардирањето на Иран.

Во меѓувреме, во Иран се одржуваат парламентарни избори – станува збор за натпревар на различни фракции конзервативни верски фундаменталисти, додека опозицијата е исклучена.

Пред четириесет години, и во Америка и во Иран, религијата беше воведена во политиката како револуционерна сила – затоа што се веруваше дека таа може да го измени светот. Но, сега во двете земји оваа сила мутираше во назаден и хистеричен конзервативизам, кој упорно се труди да ги исклучи двете држави од динамичните текови на историјата.

Погледнете што се случи во 1987 година со еден од големите предводници на таа револуција во Америка, Џими Свагарт. Дури и додека тонеше во пропаст, остана голем глумец.

Кон првиот дел

Извор: http://www.bbc.co.uk

Слични содржини

Општество / Свет
Општество / Свет / Теорија
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Балкан / Свет
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото