Сонот за нов Југ

18.03.2015 01:55
Сонот за нов Југ

Нов збор ја освојува Шпанија - austericidio, на германски Austerizid или убиство со штедење. El Pais предвидува дека овој збор наскоро ќе се најде во речникот на кралската јазична академија, зашто стана незаобиколен во политичкиот говор во Шпанија. „Убиство со штедење“ кружи по блоговите и се појавува на транспарентите на мадридските протести. Поранешниот премиер на Шпанија, Фелипе Гонзалес, на конгресот на европските социјалисти рече дека на Југ мора да запре „убиството со штедење“, ако на Европа ѝ дошло до нејзините вредности.

Од победата на Сириза во Грција, употребата на овој термин нагло порасна. Алексис Ципрас уште пред изборите во патетичниот манифест во El Pais ги повика граѓаните од југот на Европа да се „здружат, да го напуштат мракот на штедењето и да тргнат кон светлината на демократијата, солидарноста и одржливиот напредок“. „Јужниот сојуз“ не е само левичарски проект, зашто покрај Подемос во Шпанија го поддржуваат интелектуалци, активисти, синдикалисти, групи граѓани и блогери - сите кои кризата ги наведе да се замислат, да покренат и да постават важни прашања: дали сакаме да живееме според диктатот на ефикасноста од северот на Европа? Кои се алтернативите?

Неодамна во Барселона се одржа првиот „Форум на Југот“. Резултатот од собирот е „Манифестот за Барселона“ во кој по малку романтично се бара „new deal за Европа“ и отфрлање на праксите на „меркелизмот“, каде државите ги спасуваат банките за тие наводно да ја спасат економијата. На посетените шпански социјални мрежи како што е menéame.net се расправа за задачата на Југот систематски да ги реши системските проблеми на Европската унија. На блогот ctxt.es кој го основаа шпански новинари отпуштени за време на кризата, се зборува за „побуна на јужната периферија“. Во еден нивен уводник се вели: „Злоупотребувањето на Грција, Кипар, Португалија и Шпанија доведе до крах и речиси го разори проверениот модел на соработка во Европа“. Авторите на блогот се сомневаат во спремноста на Северот за дијалог и компромис. Во разговор за нивниот блог, Ноам Чомски вели дека Сириза и Подемос се „реакција на нападот на неолиберализмот“. Весникот Politica Exterior се прашува: „Дали Ципрас ќе успее таму кај што потфрлија Франсоа Оланд и Матео Ренци? Дали тој ќе победи во 'туркање со раце' со Германија? Во Европа почнува нова доба.“

Ваквото расположение пред две години го „повика“ италијанскиот филозоф Џорџо Агамбен, кога во манифестот објавен во медиумите во Франција, Шпанија и Италија предложи создавање сојуз на латински земји. „Латинското царство“ би требало да му се спротивстави на германското: „Бесмислено е од грчките и италијанските граѓани да барате да живеат како германските. Дури и да е тоа можно, би било уништено нивното културно наследство“. Конзервативните медиуми од северот на Европа го обвинија Агамбен дека е антигермански подбуцнувач кој сака да продолжи да безделничи. Агамбен одговори дека Берлин навистина стана синоним за неспособност на разбирање на Европа надвор од економските матрици: „Време е човечкото дејствување да се организира надвор од тие димензии.“

Како тоа би требало да изгледа? Тие замисли главно се движат во сферата на естетиката. И францускиот филозоф Едгар Морен верува дека тоа е суштината на нештата. Морен бил пријател на Стефан Хејсел, авторот на манифестот „Побунете се“, кој се смета за основачки текст на јужњачкото протестно движење. Стариот Морен, ветеран на француското Движење на отпорот, во есејот „Да се мисли за Југ“ се залага за повторно откривање на заедничкото духовно и културно наследство на Европа, чиишто корени се во медитеранската култура. Силата на јужните култури е во тоа што тие не го мерат квалитетот на животот квантитативно, како што тоа се прави во англоамериканскиот капитализам. Морен како јужни вредности ги наведува емпатијата, солидарноста, семејниот живот, естетиката, гостопримливоста и славењето на животот. Тој признава дека овие вредности, освен во туризмот, тешко се капитализираат, поради што Југот подлегна во борбата за пазарот, но верува дека тој може да му понуди на северот многу решенија, зашто всушност не банкротирал јужниот туку северниот модел на живот.

Ставот дека Југот е нешто повеќе од „уште-не-север“, како што вели италијанскиот социолог Франко Касано, е присутен кај интелектуалците од југот на Европа од почетокот на еврокризата. Идејата на јужниот сојуз за зачувување на медитаранскиот начин на живот е нешто постара. Кога Велика Британија и САД во XIX век тргнале во освојување на светоот со техника, војска и капитал, во Франција се појавил отпор кон тоа. Франсоа Пјер Гијом Гуизо, шеф на кабинетот на последниот француски крал Луј Филип, барал латинската раса да се спротивстави на англосаксонската хегемонија. Оваа теза ја презедоа Алексис де Токвил и економистот Мишел Шевалие и создадоа два поима: „Латинска Америка“, која требаше да биде противтежа на Вашингтон и Новиот свет; и поимот „Латинска Америка“ на Шевалие, кој подразбира збир земји од романската група јазици кои треба да го запрат Лондон во економските и колонијалните освојувања. Секако, двата сојуза би требало да ги предводи Франција. Овде, покрај борбата за сфери на влијание, било важно да се зачува јужниот културен модел кој инсистира на духот на заедништво, за разлика од северната протестантско-пуританска опседнатост со ефикасноста. И додека „Латинска Америка“ стана име на континент, „Латинска Европа“ како геостратешки поим со тек на време исчезна од употреба.

Но, таа идеја повторно се актуелизира под водство на една не-латинска земја - Грција, додека противникот повеќе не е Велика Британија туку Германија. Православна Грција никогаш не била дел од „Латинска Европа“. Колонијалната република Венеција ги третирала снисходливо своите доминиони на Пелопонез, како денес Тројката. Грција од периферијата стигна во центарот по логиката на кризата условена од динамиката на нејзината „креативна ирационалност“. Сириза е свесна за својата историска можност. Генералната секретарка на партијата Катерина Сергиду во текот на својата посета на Шпанија изјави: „Наши вистински сојузници се граѓаните од Југот. Потребна ни е помошта од шпанскиот народ“. Нејзиниот повик наиде на голем одек. Учесниците во шпанското протестно движење, меѓу кои е и Ада Колау, кандидатка за градоначалник на Барселона - го потпишаа апелот „За промени во Грција“: „Грција стана лабораторија за политичките и економски елити на Европа, кои предизвикаа беда и незадоволство во цела Европа“. Се појавија сајтови за солидарност со Грција: во Италија Atene Calling, во Франција okeanews, во Шпанија InfoGrecia. Во Лисабон редовно се одржуваат демонстрации за поддршка на Грција.

Ова е голема промена за Шпанија, во која со години се тврдеше дека „Шпанија не е Грција“. Сега еден популарен Твитер профил се вика Todos somos griegos - Сите сме Грци. Старите шпански партии, пред сè конзервативците, стравуваат од „грчкиот ефект“, а социјалистите оправдано се плашат од судбината на грчките социјалдемократи од Пасок. Ако Подемос победи, не е исклучено и сега послушниот премиер Матео Ренци да скокне во Јужниот експрес. Сонот за латинска Европа тогаш би прераснал во политички содржаен концепт.

Извор: Süddeutsche Zeitung, 07.03.2015.

ОкоБоли главаВицФото