Прво ГУП, па ДУП, па на Водно – туп!

18.03.2015 01:10
Прво ГУП, па ДУП, па на Водно – туп!

Грабежот на државни плацеви на Водно во неколку фази

 

На идилични локации, исполнети со густа шума и ладовина, чист воздух и природни звуци од црцор на птици, премиерот Никола Груевски, според лидерот на СДСМ, Зоран Заев, веројатно сакал да се скраси и да најде мир. Но, колкав немир, всушност, преживеале Катастарот и Општина Центар додека пикираните парцели стасале до рацете на Груевски? 

Како што соопшти Заев, за себе Груевски избрал една локација на крајот од уличката Питу Гули во елитната населба Водно со површина од 2.700 квадратни метри и уште една на улицата Тодор Александров, која се простира на дури 11.000 квадратни метри. Вредноста на овие две локации денеска изнесува 5 милиони евра.

Имотот за кој Заев вели дека бил пикиран од Груевски, бил одобрен и делумно законски аминуван на 18 јуни минатата година, кога се случи најспорната седница на Советот на Општина Центар. Таа вечер кога се гласаа измените, градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, и советниците од опозицијата ја напуштија салата, а во неа останаа само претседавачот на Советот, Мирослав Шиповиќ, и советниците на ВМРО-ДПМНЕ. На таа седница на Советот, беа усвоени двата ДУП-а, од кои едниот овозможи на Водно да никне 10-катница. Тогаш Жерновски изјави дека иако Шиповиќ гласал воздржано, со своето присуство им обезбедил кворум на ВМРО-ДПМНЕ да го изгласаат спорниот ДУП, Тасино Чешмиче 1 и „Капиштец – Водно“, идентични предлози што не поминаа на седница во октомври минатата година.

Со новиот ДУП за Тасино Чешмиче се овозможи изградба на контроверзната десеткатница со висина од 35 метри на местото на хотелот „Панорама“ на Водно. 

- Во 2009 година, кога бил предвиден само еден кат, ИЗИИС констатирал дека параметрите на земјиштето го немаат потребниот фактор на стабилност. Ако за еден кат експертите се загрижени за безбедноста и стабилноста на земјиштето, тие што утре имаат намера да гласаат за овој ДУП, нека сфатат што ќе значи изградба на десеткатница - апелираше тогаш градоначалникот Жерновски, повикувајќи се на мислењето на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.

Поранешниот градоначалник на Центар, професорот Мирослав Грчев, вели дека најголем дел од измените во плановите и во ДУП-от биле направени во времето кога со Центар раководеше Владимир Тодоровиќ.

- Со години систематски си менуваа закони и правилници. Со измените што се гледаат и на Деталниот урбанистички план објавен на сајтот на Општина Центар, власта, односно двајцата властодршци во Македонија се концентрираа да го земат она што на Македонија ѝ е најскапоцено, односно тоа е земјиште од јавен интерес и за општа употреба. Таа земја е општонародна, а тивко ја продадоа во два чекора. Прво му продадоа на еден спортист земјиште од 11.000 квадрати, а потоа бидејќи тој не го реализираше планот, оти се бараше промена на ГУП и ДУП, се уништи земјиштето на кое се наоѓаа 10.000 садници дрвја над населбата Водно, десно во шумата над резиденцијата на англискиот дипломатски кор. Мислам дека му зеле дел од земјата на Пеце Наумоски, им влегле во приватен имот на неколкумина граѓани и им зеле дел од имотите градејќи улица. Едно купил Пеце, друго купила фирма, но тоа веднаш се гледа во Катастар. Ставиле спортски објекти во ГУП, така го скриле и го обоиле зелено во ДУП-от, никој да не види, а преку Транспорт прават сè за да биде дадено. Така е направено. Тоа е играта. Имотот за премиерот не е ставен како спортски објекти, туку вили - специјални објекти. Шиповиќ го уапсија и го држеа за тој да се врати и да ги реализира тие два плана, односно Мал Ринг и Водно-Црниче. Тоа беше сторено кога имаа нерешено гласање во Советот на Центар - нагласува Грчев.

Никола Груевски и министерот за транспорт Миле Јанакиески сè уште не реагираа за последните аудиоснимки што ги објави лидерот на СДСМ во неделата, а во кои, според Зоран Заев, двајцата договараат измена на Генералниот и на Деталниот урбанистички план за да може премиерот да купи земјиште на Водно и поголем плац над Олимписко село.

Во „бомбата“ број 10, според Заев, всушност се крие вистината за малверзации при купување земјиште на Водно и во Зоната-Капиштец, како и притисоците за измените на ДУП-овите во Општина Центар, кои се случуваа по смената на раководството на локалните избори во 2013 година.

Шиповиќ не се сеќава најдобро на измените за Тасино Чешмиче

Шиповиќ за Плусинфо изјави дека од медиумите дознал за што точно станува збор.

- Мислам дека голем дел од измените се направени пред ние да сме во Советот. Се сеќавам само дека на седницата кога си заминаа градоначалникот и дел од советниците, на дневен ред кои минаа беа некои измени, ако не грешам точка на дневен ред беше и Тасино Чешмиче - изјави Шиповиќ.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња